More

    Граѓани забележале дека замрзнувачите во некои продавници не ладат на -18 степени

    spot_img

    Можно ли е трговците да штедат струја со поместување на термостатот на ладилниците во кои ја чуваат храната? Трговците велат дека не се осмелуваат на такво нешто, но граѓани се жалат дека наместо смрзната купуваат полусмрзната храна која при подготовката се расипува. Некои од нив на социјалните мрежи споделуваат дека биле затруени од ваква храна, а други дека често враќаат одреден вид храна бидејќи и покрај неизминатиот рок на важење, храната е расипана. И Организацијата на потрошувачи ја има согледано состојбата и советува граѓаните да ја алармираат Агенцијата за храна и ветеринарство која врши контроли за безбедноста на храната. Моментално нема реакција на надлежните.

    Граѓани се жалат дека трговците почнале да штедат струја не само со групирање на различна храна во ист замрзнувач, туку и со намалување на температурата на ладилниците.

    – Вчера купив смрзната риба и наместо да биде како „камен“ смрзната можев да почувствувам дека е поодмрзната. Ја зготвив колку што можев побрзо од страв дека ќе се расипе ако постои да се одмрзне. Ова не е добра работа, можеме на ваков начин и да се затруеме. Тоа не е случај само кај замрзнатите производи. Исто е и кај млекото, јогуртот, преработките од млеко. Иако имаат рок на траење веќе се скиснати бидејќи скоро и да не се вклучени ладилниците во продавниците. Пред малку една жена врати сурутка. Таа вели скисната ја купила. Зарем вака ќе биде отсега? Ја губиме довербата во трговците, а можеби и тие што ја носат храната се во прашање, не знам, но знам дека нешто се случува со фрижидерите на трговците – вели Бранка А. од Скопје.

    Друг потрошувач вели дека реагирал кај продавачката дека делови од замрзнатото пилешко се одмрзнати но добил одговор дека тие не забележиле такво нешто.

    – Ѝ велам месото ви е одмрзнато, а таа вели можеби била вратата подотворена. Треба да ја затворате кога земате замрзната храна, ми вели. А јас ѝ велам дали го греат млекото што е олку топло?, а таа се смешка. Па да, не смее да каже дека добиле наредба да го свртат на помала температура термостатот на ладилникот. Денеска ќе купам ваква храна, а утре веќе нема да доаѓам тука. Некој вели инспектори да сме викале. Па нека вика кој сака, јас веќе не купувам тука – вели револтиран потрошувач.

    Дека нешто се случува со ладилниците во продавниците, коментираат граѓани и на социјалните мрежи, а дел од нив веќе се пожалиле и во Организацијата на потрошувачи.

    – И во Организацијата на потрошувачите на Македонија имаме поплаки од граѓани во поглед на исклучување на фрижидерите во маркетите и расипливоста на храната. Потребно е граѓаните кои ќе забележат ваква појава за истото да ја известат Агенцијата за храна и ветеринарство со цел позачестени контроли од нивна страна и отстранување на ваква пракса – велат од ОПМ.

    Од Организацијата сите поплаки на граѓаните ги проследуваат до АХВ која има ингеренции да контролира и да постапи во вакви случаи.

    Трговците, пак, тврдат дека ги почитуваат сите пропишани норми за чување на храната во ладилниците.

    – Да, имаме високи сметки за струја, но тоа не значи дека треба да ги доведеме во прашање животите на нашите муштерии. Температурата на ладилниците, барем кај мене, е на онаа што е пропишана за секоја храна. Досега немам жалби на смрзнатата храна и на млечните производи од мои муштерии. Сепак, може некои од колегите ги групираат производите во помал број ладилници за да заштедат струја, што не е никаков грев, но не верувам дека некој се обидува да штеди на сметка на потрошувачите – вели трговец со кој разговаравме.

    Официјално никој не потврдува дека за некој степен ја коригира температурата во ладилниците.

    Од Агенцијата за храна и ветеринарство која е надлежна за контрола на безбедноста на храната и нејзиното чување која ја прашавме дали има информации за намалување на температурата на ладилниците во трговските објекти и што презема, рекоа дека прашањата се во соодветната служба, но ние не добивме одговор и по неколку дена.

    Според стандардните правила за чување на храната, замрзнатата храна треба да се чува на -18 степени или пониска од таа. Ако температурата се издигне над -18°C, храната може да стане небезбедна и да го изгуби квалитетот.

    – Намалувањето на температурата откако еднаш ќе се зголеми не ја поправа настанатата штета – велат експерти.

    Млечните производи мора да се чуваат во фрижидер на температура од 2 до 4 степени. Но, дополнително треба да се внимава да не се мешаат со друга храна бидејќи маснотиите во млечните производи имаат тенденција да апсорбираат силни мириси од околината за складирање. За да се намали веројатноста за појава на ова, млечни производи треба да се чуваат во посебен дел и затворени.

    Свежо месо, живина и морска храна, се најтешки за чување и најскапи прехранбени продукти. Се чуваат на температура од 4 степени или на поладно за безбедно складирање во ладилник. Правилото е дека свежо месо не смее да се чува премногу долго. Меленото месо треба да се чува не подолго од три дена. Поединечни парчиња месо, како што се стекови, месо и мелено месо, треба да се чуваат на пластични или не’рѓосувачки садови на температура од 2 до 4 степени. Свежата живина треба да се спакува во мраз и да се чува во ладилник.

    Свежа морска храна треба да се спакува во мраз, складирана на -1 до 2 степена и се употребува што е можно поскоро.

    Посебно правило за чување на храната е да се следи што е напишано на амбалажата од производителот.

    Експерти велат дека трговците, рестораните и сите кои чуваат храна треба да ја следат температурата на ладилникот, да се чуваат во добра работна кондиција и редовно да се сервисираат и чистат.

    Според актуелните законски прописи во однос на безбедноста на храната предвидено е и да се одржува ладниот синџир на храна и да се почитува температурата за храната.

    Државниот Правилник за чување на брзо замрзната храна (член 6) предвидува температурата да е стабилна и да се одржува во сите делови на производот на -18°C или помалку, со можни краткотрајни покачувања при превозот, но не поголеми од 3 степени. По исклучок, може да се зголеми температурата на храната во согласност со добрата практика за чување и за дистрибуција, за време на локалната дистрибуција и во малопродажните витрини, доколку овие покачувања на температурата не надминат 3 степени и покачувањето на температурата за чување во малопродажните витрини може да достигне и до 6 степени земајќи го предвид количеството на стоката или обртот на производите во малопродажбата.

    Сето ова наведува дека постојат правила кои треба да ги почитуваат трговците за чување на храната во ладилниците.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img