More

    Европа вели дека не се грижиме за Охрид, а дека во земјоделието фалат кадар и нова организација на пазарот

    spot_img

    Македонија недоволно се грижи за своето културно наследство и не издвојува доволно пари за културата и културните работници, вели овогодишниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава. Нотирани се слабости и во земјоделието каде исто така фали повеќе субвенционирање и имплементирање на програми како ИПАРД 3, но и нов закон за органско земјоделство кој ќе биде во склад со оној на ЕУ.

    Извештајот дава и осврт на затворите во Македонија кои имаат лоши услови и им фали кадар. Но, меѓу позитивните точки е онаа за усогласеноста на надворешната политика на земјата со ЕУ. Тука Македонија е пофалена како доверлив партнер кој целосно ја усогласил својата политика со онаа на Западот.

    Еве некои од забелешките на ЕК:

    Не се грижиме доволно за Охрид, ниту за културните работници

    Северна Македонија е умерено подготвена во областа на образованието и културата. Културното наследство во земјава не е доволно заштитено, ниту унапредено. Постои недостаток на меѓуинституционална соработка во врска со заштитата на културното наследство, како и спречување на дивоградби, се нотира во Извештајот на Европската комисија за напредокот на нашата држава.

    Во документот исто така се нагласува дека препораките од минатогодишниот извештај беа само делумно усвоени. Продолжува несоодветната заштита на културните наследства заштитени со Закон, како што се Охрид и Старата скопска чаршија.

    „Предлогот за изменување и дополнување на Законот за заштита на културното наследство е повлечен од собраниска процедура, а дополнително, одложена е и ревизија на националната Стратегијата за заштита на културното наследство“, се потенцира во извештајот на ЕК.

    Исто така, како што се наведува во документот на ЕК, државата не издвојува доволно средства од буџетот за Националната стратегија за развој на културата 2018-2022 година, а културните работници се незадоволни во врска со исплатата на средства од годишната програма за проекти, поради недостиг на транспарентност во одобрување на грантовите.

    Европската комисија нотира дека се потребни реформи во Министерството за култура, кои ќе се прилагодат на новите културни практики, на растот на културните и креативните индустрии, но и на влијанието на дигиталните технологии.

    На земјоделството му фалат реорганизација и нови типови субвенции

    Северна Македонија останува умерено подготвена во областа на земјоделството и руралниот развој, оценува Европската комисија (ЕК) во последниот Извештај за напредокот на земјава.

    Според Комисијата, постигнат е одреден напредок во текот на извештајниот период. Се подобри апсорпцијата на ЕУ фондовите во рамки на ИПАРД 2, но треба да се обезбедат дополнителни кадровски ресурси и да се прошири имплементацијата на ИПАРД 3 за целосно искористување на достапните можности за финансирање.

    ЕК препорачува Северна Македонија да донесе законска рамка за натамошно усогласување со правото на ЕУ во областа на директните плаќања и заедничкото организирање на пазарите.

    „Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021-2027, донесена во 2021 година, треба да се дополни со Акциски план и буџетирање за да се обезбеди нејзино правилно спроведување, со систем за следење и известување. Треба да се усвои и закон за усогласување на националните шеми за поддршка на земјоделците со правото на ЕУ“, пишува во Извештајот.

    Комисијата нотира напредок во подобрувањето на квалитетот на податоците на Регистарот на фарми, но и ограничен напредок во однос на интероперабилноста меѓу Регистарот на фарми и Системот за идентификација и регистрација на животните во однос на квалитетот на податоците за животните.

    Нема напредок, оценува ЕК, во спроведувањето на шемите за квалитет. Нотирано е и дека недостасува нов закон за органско земјоделство усогласен со оној на ЕУ.

    Целосно усогласени во надворешната политика

    Северна Македонија во делот на поглавјето 30 – надворешни односи е умерено подготвена и има постигнато добро ниво на подготвеност, а во однос на поглавјето 31 – заедничка безбедносна и одбранбена политика постигнат е многу добар напредок со целосното усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ по руската инвазија на Украина, нотира ЕК во Извештајот за напредокот на земјата за 2022 година.

    „Северна Македонија постигна многу добар напредок со целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ по руската инвазија на Украина. Со тоа, Северна Македонија покажа дека може да биде доверлив партнер“, стои во Извештајот.

    По руската инвазија на Украина, земјата веднаш целосно се усогласи со рестриктивните мерки на ЕУ за Русија и Белорусија, вклучително и за неподмирените санкции наметнати по нелегалната анексија на Крим. Владата продолжува да ги спроведува рестриктивните мерки на ЕУ. Северна Македонија протера 11 руски дипломати и во најмалку два наврати одби дозвола за прелет на 106 руски владини авиони.

    Северна Македонија, се додава, се усогласи и со сите изјави на ЕУ поднесени во меѓународни организации (ОН, ОБСЕ и Советот на Европа), вклучувајќи ги и позицијата на ЕУ во Генералното собрание на ОН при гласањето за резолуциите во врска со агресијата на Русија против Украина и нејзиното хуманитарно влијание. Северна Македонија гласаше, се додава, за суспензија на Руската Федерација од Советот за човекови права на ОН.

    Извештајот нотира и дека Северна Македонија одржува билатерален договор за имунитет со Соединетите Американски Држави, со кој американските граѓани се изземени од јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд. „Со ова, земјата не ги почитува заедничките позиции на ЕУ за интегритетот на Статутот од Рим или со поврзаните водечки принципи на ЕУ за билатералните договори за имунитет. Затоа е потребно усогласување со позицијата на ЕУ“, стои во документот.

    Земјата продолжи активно да учествува во операциите на ЕУ за управување со кризи во рамките на заедничката безбедносна и одбранбена политика (CSDP), особено EUFOR ALTHEA во Босна и Херцеговина. Северна Македонија учествува во воената тренинг мисија во Централно Африканската Република (EUTM RCA). Во февруари 2022 година, Северна Македонија ја потпиша нотата за Пристапување кон Техничкиот договор за воспоставување мултинационална борбена група на ЕУ со Грција како рамковна нација и учество на Бугарија, Кипар и Романија (HELBROC BG).

    Северна Македонија одржува присуство во голем број мисии предводени од НАТО, вклучително и КФОР во Косово. Во мај 2022 година, Северна Македонија беше домаќин на НАТО вежбата „Брз одговор 22″ во која учествуваа 4.500 лица од осум сојузнички земји. Земјата продолжува да учествува во мировната операција на Обединетите Нации во Либан (УНИФИЛ).

    Северна Македонија го заврши истражувањето за хибридни ризици на ЕУ со цел да се идентификуваат системски ранливости и рационализирање на помошта обезбедена од ЕУ на ова поле. Врз основа на препораките на ЕУ од истражувањето, Владата ја усвои Националната стратегија за градење отпорност и справување со хибридни закани (2021-2025), заедно со Акционен план во декември 2021 година, се заклучува во Извештајот за поглавјата 30 и 31 кои се дел од Кластерот 6.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img