More

    Академик Коцарев го повикува народот да не попушта

    spot_img

    „Време е сите едногласно да им кажеме НЕ на уставните промени под овие услови, време е да им кажеме НЕ на сите притисоци со коишто, со невидена жестокост и бескрупулозно, катадневно се соочуваат граѓаните на Македонија. Промени во Уставот се можни само тогаш кога Македонија ќе стане рамноправна членка на ЕУ.“ – жестоко реагира академик Љупчо Коцарев, претседател на Македонската академија на науки и уметности, во својата колумна со наслов „Монолози маскирани како дијалог“, која ја објави весникот Нова Македонија.

    Покрај другото, Коцарев пишува: Во 21 век во ЕУ, која за себе тврди дека е колевка на демократијата, во името на напредокот (!?), македонскиот народ се понижува и се уценува, па затоа ги повикувам граѓаните на Македонија да им кажат НЕ на неразумните и на недемократските притисоци: ако денес кажеме НЕ, сите ќе нè почитуваат повеќе!

    Во последниве неколку години продлабочувањето на сферата на влијание во Македонија, моментните наши стратегиски партнери го направија исклучиво на штета на Македонија. За тоа се виновни македонските недостоинствени политичари, вдадени само кон корист – а Македонија е на чекор до целосно разнебитување.

    Последните анализи на јавното мислење за македонскиот процес на пристапувањето кон ЕУ, усложнет со новата методологија за проширување, покажуваат дека е на рекордно ниско ниво поради изразено растечкиот евроскептицизам, кој произлегува од фактот дека процесот не дава резултати со години. Така што, на крајот, поради храброста и решителноста акумулирани токму во тоа кратко, но моќно зборче НЕ, Македонија многу поскоро ќе стане членка на ЕУ.

    Кои се вистините, научните факти или „црвените линии“, зад кои сите граѓани, а не партии, во Македонија треба да застанат со консензус? Прво, зборот „Македонија“ подразбира просторен и милениумски континуитет на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонскиот народ, додека македонскиот национален супстрат го сочинуваат Македонците, што живеат во државата Македонија, во соседството и низ целиот свет.

    Второ, македонскиот народ во однос на соседните народи има јасно дефинирана национална посебност и самобитност. Ги прашувам сите политички чинители, професори, академици, интелектуалци и граѓани на Македонија: дали се согласувате со овие изречени вистини? Дури и ако не се согласуваат чинителите кон кои се обраќам, предлагам историската наука, лингвистиката и славистиката или, обопштено општествените и хуманистичките науки да се занимаваат со овие теми, а не политиката.

    Па затоа, но и тргнувајќи од овие факти, додека не станеме полноправна членка на ЕУ (по ратификувањето на Договорот од сите членки на ЕУ) нема потреба од менување на Уставот на Македонија, а дури потоа, по приемот во ЕУ, Македонија ќе пристапи кон промена на својот Устав, во кој ќе бидат вклучени и некои други националности. Македонија веќе подолго време е исцрпена од уцени и лажни ветувања, додека, пак, да не заборавиме, за разлика од некои наши соседи, членки на ЕУ, Македонците секогаш се грижеле, да се сетиме на Крушевскиот манифест, за своите сограѓани од различни етникуми.

    Македонија е мала држава, но, сепак, треба секогаш да ги брани своите национални интереси, а не да биде сервилен умилкувач и геополитички подлизурко. Не треба никогаш да заборавиме дека големите сили работат за свои интереси, кои честопати се спротивни на интересите на другите држави, вклучувајќи ја и Македонија. Тоа не подразбира дека тие интереси ги вклучуваат најдобрите решенија за иднината на Македонија.

    Иако не е поврзано со Македонија, ќе нагласам неколку познати факти што се однесуваат на нашите стратегиски партнери. Сите тие факти се вклопуваат во концептот „сфера на влијание“ што упорно, веќе подолго време, го користат развиените земји. Постојат голем број примери, од Куба – земја што во 1950 година имаше петти највисок приход по жител на западната хемисфера, пред бруталната американска блокада да придонесе за нејзината економска пропаст, преку превратите, револуциите и инвазиите, со кои Соединетите Американски Држави соборија четиринаесет странски влади – не секогаш во нивна корист, за што пишува новинарот на „Њујорк тајмс“ и предавач на Универзитетот во Бостон Стивен Кинзер во книгата со наслов „Соборување“ (во 2006 година).

    Или, или како што се наведува во откритието на „Вашингтон пост“ во 2016 година дека „САД се обиделе 72 пати да ги сменат владите на другите земји за време на Студената војна“, до потпишувањето на безбедносниот договор AUKUS во 2021 година, меѓу Австралија, Обединетото Кралство и САД, што има цел САД да ја зачуваат својата „сфера на влијание“ на Западниот и Јужниот Пацифик, област што се наоѓа на околу 8.500 километри од брегот на САД.

    На 12 декември 2022 година, Европската Унија објави дека воспоставува „военопартнерска мисија“ во Нигер за да ја поддржи „нејзината борба против тероризмот“ – мисија што ќе трае три години и ќе чини околу 27 милиони евра. Но, зошто Нигер, во услови на тешка криза на трошоците за живот во ЕУ, и зошто воена мисија, со оглед на тоа што Нигер е една од најсиромашните земји во светот, а нејзиното население би имало многу повеќе корист од општествено-економска помош?

    Одговорот лежи во Франција, една од водечките членки на ЕУ, која покажа интерес за продлабочување и зацврстување на својата сфера на влијание во Нигер, што е поврзано со фактот дека нигерскиот ураниум ги напојува француските нуклеарни централи. Во Нигер, Франција ископува ураниум повеќе децении, давајќи му многу малку за возврат на нигерскиот народ и, уште полошо, загадувајќи ги нигерската почва и нигерската вода.

    Додека ги жнееше придобивките од енергијата произведена од евтиниот ураниум, Франција направи малку за да му помогне на населението во Нигер, од кое само 13 отсто имаат пристап до електрична енергија. Околу 50 отсто од монетарните резерви на 14 африкански земји, вклучувајќи го и Нигер, сè уште, денес, се наоѓаат под целосна француска контрола, па затоа ниту една од нив нема контрола над својата макроекономска и монетарна политика.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img