More

    Закон за потекло на имот – тропање на отворена врата

    spot_img

    Високи функционери, поранешни градоначалници, директори на институции, членови на управни одбори… Многу имиња и нивни непријавени имоти фигурираат во анализата за „Тајни имоти”, афера зад која според тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ се кријат имињата на 123 функционери на власта кои сокриле имот вреден 30 милиони евра.

    Опозициската партија вчера даде рок од 24 часа институциите сами да ги објават нивните имиња, а во спротивно од денес ќе ги објавуваат поединечно. Тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ го вратија на дневен ред прашањето – што се случи со најавуваниот Закон за потекло на имот? На донесување на овој закон вчера повторно повикаа од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која беше прозвана од опозицијата: Зошто постои Антикорупциската, ако точно 123 лица функционери го кријат својот имот?

    Од ДКСК повторија дека тие проверуваат дали функционерите точно ги пријавиле своите имоти во анкетниот лист. За ДКСК е проблем што не постои софтвер за директно поврзување со институциите кои располагаат со податоци, за да може да се спореди дали некој нешто крие. За да се утврди дали се работи за таен имот, од ДКСК сметаат дека што поскоро треба да се донесе Закон за потекло на имот, за секој граѓанин да каже од каде му се средствата за да го стекне тој имот.

    Сите недопирливи

    Од април 2021 година такво решение најавуваше тогашниот вицепремиер за борба против корупција, Љупчо Николовски.

    „Подготвуваме Закон за потекло на имот! Имотот и капиталот ќе бидат предмет на проверка, а нелегално стекнатиот имот ќе биде конфискуван! Нема недопирливи!” порачуваше Николовски.

    Со експертска и техничка помош од Советот на Европа беше направен првиот чекор – физибилити студија, а веднаш потоа формирана и работна група која почна со подготовка на Законот, по што лани во септември произлезе драфт верзија.

    „Законот ќе важи за сите лица кои нема да можат во одреден законски период да го докажат потеклото на имотот. За разлика од сегашната обврска избраните и именуваните лица да поднесуваат анкетен лист за имотната состојба додека трае нивниот мандат, ваквата обврска сега добива поширок опфат во смисла на времетраењето на увидот во имотната состојба. Една од новините во драфт законската верзија е што испитување ќе се врши и доколку имотот е префрлен на трети лица“, рече Николовски.

    Во драфт-верзијата било предвидено да има конфискација на имот над 30.000 евра, чие потекло не може да се докаже.

    „Функционерите на СДСМ неколкукратно го зголемија својот имот во изминативе 4 години, и тоа за многу повеќе од 30.000 евра. За голем број од нив иако има докази во изобилство ЈО не отвора истрага“, реагираа тогаш од ВМРО-ДПМНЕ.

    Од најавата на законот помина повеќе од една година, драфт верзијата која никој не ја виде падна во заборав, а не се врати „во живот“ дури ни во јули годинава, кога Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција објави дека на Сашо Мијалков во случајот „Империја“ ќе му се конфискува имот во висина од 36 милиони евра, од кои 30 милиони во имот и 6 милиони евра кеш. За илустрација, според првиот имотен лист што Мијалков го поднел до ДКСК во јуни 2007 година, имотот што го поседувал бил во вредност над 1,1 милион евра, а кога се повлече од УБК во 2015 година – околу 1,5 милион евра. Јавноста прашуваше – како со плата од околу 70 илјади денари месечно, во следните години стигнал до имот вреден 30 милиони евра, и уште колку имот поседува што е надвор од лупата на надлежните?

    Реприза на „имаш куќа, врати стан“

    Дали овој и слични случаи, може да се расветлат единствено со закон за потекло на имот?

    „Донесување на закон за испитување на потеклото на имотот добро звучи, посебно за недоволно упатените“, вели поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на ДС, Павле Трајанов.

    „Таков закон имаше во времето на СФРЈ, кој ја покажа апсурдноста на имплементација, за на крај да се сведе на флоскулата ‘имаш куќа, врати стан‘. Србија донесе Закон за утврдување на потеклото на имотот, но засега нема позитивен исчекор во борБата против криминалот и конфискација или оданочување на капиталот стекнат на криминален начин. Се отвораат дилеми – кој треба да докажува дали имотот е стекнат на чесен начин: државата, или тој што го поседува имотот? Ако треба да докажува носителот на имотот, тоа е како да те обвинат за тешко кривично дело без докази, а ти да докажуваш дека си невин“, вели Трајанов.

    Има дилеми и од кога би важел законот – од денот на донесување или ќе има ретроактивно дејство, кој ќе го детектира скриениот имот, имотот во странство, како ќе се спречи опасноста од селективна примена, партиските влијанија итн.

    „Предлагам донесување на Закон за борба против тешки облици на организиран криминал и висока корупција, и формирање на независна Агенција што ќе го спроведува овој закон. На Македонија и е потребен заокружен и ефикасен систем за борба против криминалот“, сугерира Трајанов.

    Но, дали и таква Агенција би можела да оствари резултати, ако законот остава отворени прашања? Извори упатени во подготовката на драфт верзијата тврдат дека најголемиот дел од решенијата биле копирани токму од српскиот закон, кој, пак, една и пол година од примената сѐ уште не донел резултати. Tаму, товарот на докажување на зголемениот имот на физичкото лице е на Даночната управа, а товарот на докажување на потеклото на имот е нa даночниот oбврзник за делот во кој зголемениот имот не е во согласност со пријавените приходи. Резултатот во рок од една година од примената на законот е следен: од обработени податоци за имот и приходи зa над 1,2 милиони физички лица (врз основа на системски поврзани информации), Даночната управа идентификувала 13.000 физички лица чиј имот е далеку поголем од пријавените приходи, односно над 150.000 евра, според законскиот праг (кој кај нас бил предвиден за сума од 30.000 евра). Епилог нема, постапките „се во тек“, а од Даночната управа како оправдување го посочуваат податокот дека „и во текот на тригодишната примена на сличен закон во Велика Британија, тамошната даночна администрација поради сложеноста на постапката донела – вкупно три решенија“. Во просек – едно решение годишно.

    Политички трик

    Во Србија имаше случаи кога актуелни функционери нивниот несразмерно зголемен имот го правдаа со „пари од тетка од Канада“, а за некои преку истражувачкиот проект „Пандора документи“ беа објавени податоци за голем број оф-шор компании. Но, примената на законот нив до денес воопшто не ги засегна. Како оправдување за некои случаи било посочувано дека не постојат електронски податоци пред 2007 година, а за други, дека тешко може да се провери дали роднини од странство давале кеш, па останува впечатокот дека овој закон не е наменет дури ни за „ситни риби“, колку за јавна претстава.

    „Законот е целосно непотребен, бидејќи Србија и досега имаше механизми и институции зa утврдување на потеклото на имот. Законот е политички трик за да и се покаже на ЕУ дека Србија сe бори против корупција”, оцени Стеван Дојчиновиќ, главен уредник на КРИК- мрежата за истражување на криминалот и корупцијата во Србија.

    Слични се впечатоците и во македонската јавност. И претходно, и денес, правни експерти тврдат дека Закон за потекло на имот значи „тропање на отворена врата“. Имено, исто како што Законот за спречување на корупција овозможува да се испитува имотна состојба, така и во Законот за персонален данок има одредби според кои може да се испитува потеклото на имотот ако има индиции за несрезмерно зголемување на имотот, при што треба да се утврди фактичката состојба и да се докаже од каде му е приходот на граѓанинот. Ако надлежните се откажуваат од постоечките законски алатки, а најавуваат нови законски проекти, тогаш се јавува сомнеж дека е во игра само декларативна промоција на политичка волја за битка со криминалот, а на сцена – најкусиот пат како таа битка да се избегне.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img