More

    Уредите што го загреваат тутунот се разумен избор за тие што не успеваат да се откажат

    spot_img

    Електронските уреди кои го загреваат тутунот на пониска температура, но не го согоруваат како традиционалните цигари, ослободуваат многу помалку штетни материи и можат да помогнат во намалувањето на штетните последици врз здравјето на пушачите кои не можат да се откажат од пушењето. Затоа треба значително да се унапредат политиките за намалување на штетите од тутунот, особено во земјите каде што бројот на традиционални пушачи е сè уште висок, и сериозно и убедливо да се фокусираат на производи со намален потенцијален ризик, од електронски цигари (е-цигара) до Уреди за загревање на тутунот (УЗТ). Потребно е и запознавање на генералната, како и стручна јавност за оваа можност за намалување на штетита од пушењето, но притоа да се избегне опасноста од создавање нови генерации зависни од електронски цигари и УЗТ.

    Ова беа главните теми и поенти од дводневниот научен самит, што минатата недела во Атина, Грција, на едно место собра 167 експерти, научни истражувачи, лекари и новинари од 25 земји од светот, како и 127 учесници од далечина, преку конференциска видео-врска. Околу 70 предавачи и говорници презентираа бројни научни трудови и истражувања на самитот насловен „Намалување на штети од тутун: нови производи, истражување и политика“, организиран од фондацијата „Скохре“ (SCOHRE) независна меѓународна асоцијација посветена на контрола и намалување на штетите од пушењето.

     Можност за значителни здравствени придобивки

    – Треба да ја подигнеме свеста за можностите за намалување на штетите од пушењето. Има потреба за повеќе можности за обука на експерти за здравствени политики, регулатори и односи со јавноста. И затоа е неопходно да се поддржат истражувањата во овој сектор, бидејќи е неопходно да се елиминираат сите сомнежи за ефективноста на алтернативните уреди за консумирање тутун, со изнесување податоци засновани на научни докази – истакна Игнатиос Икономидис, професор по кардиологија на Универзитетот во Атина и претседател на „Скохре“, при отворањето на настанот.

    Прашањето за намалување на штетите, според Икономидис, не е толку за тоа колку се „безбедни“ производите со низок ризик, туку дали никотинот може да се искорени или прифати.

    – Откажувањето од пушењето останува најдобрата и најефикасна препорака на медицината, во поглед на штетата што може да ја предизвика тутунот и ние мора да продолжиме со напорната работа за подигање на свеста за негативните последици од пушењето врз секој пушач и секој граѓанин. Меѓутоа, кога ќе се случи да не успеете да ги оставите цигарите, треба да постои можност да изберете алтернативни уреди, кои постојат, и кои можат да ги намалат штетите врз здравјето на многу пушачи – рече Икономидис.

    Од Шведска доаѓа примерот на „снус“, влажен тутунски прав за орална употреба. Машката популација во оваа земја консумира иста количина тутун како и тие во европските земји, но половина од Швеѓаните користат снус и стапката на смртност од сите видови рак кај нив е значително пониска. Но, го имаме и примерот на Обединетото Кралство, наведе д-р Икономидис, каде што преминот од традиционалните цигари кон уредите за електронски цигари имаше одлучувачки ефект врз намалувањето на бројот на пушачите.

    Драгоцена помош при откажувањето

    Грчкиот кардиолог забележа дека целосното преминување на е-цигари има значителни здравствени придобивки во споредба со продолжувањето со традиционалните цигари. Сега многу студии покажуваат дека после преминувањето од традиционални на електронски цигари, пушачите имаат подобрување на васкуларните функции и оксидативниот стрес.

    – Денес, врз основа на научните сознанија, можеме со сигурност да кажеме дека електронските уреди се 95 отсто помалку штетни од пушењето, но тоа сепак не значи дека тие се апсолутно безбедни, односно нештетни. Тоа би било заблуда. Експертите, здравствените работници кои им помагаат на пушачите да се откажат од пушењето, треба да ги поддржат и во изборот на алтернативни уреди со намален ризик, доколку тие не успеваат да се откажат – рече доктор Икономидис.

    Исто така преминувањето на уреди за загревање на тутунот, може да помогне во откажувањето од цигари. Истражувања во Обединетотот Кралство од 2019 година, покажало дека луѓето кои се обиделе да се откажат откако преминале на електронски уреди, биле двапати поуспешни од оние кои користеле други уреди за замена, базирани на никотин, како што се никотински мастики или фластери.

    Да не го заборавиме „слонот во собата“

    Џузепе Бионди Зокаи, соработник по кардиологија на Универзитетот Сапиенца во Рим, укажа на потребата да се има што е можно повеќе податоци за да се направи најдобриот избор во стратегиите за намалување на штети, бидејќи дури и уредите со низок ризик може да доведат до зависност.

    – Јас сум кардиолог и не препишувам аспирин како алтернатива на статинот, туку заедно. Би било поразумно да се земат предвид алтернативите на цигарите како нешто дополнително на третманите за откажување од никотин, а не како замена. Ризикот што постои, односно слонот во собата“ е опасноста да се создаде нова генерација зависници од алтернативни уреди. Денес, компаниите се обложуваат на овие нови производи за разлика од цигарите. Моја препорака е да се дејствува сега врз основа на научни докази. Има многу истражувања кои ги следат кардиоваскуларните ризици и рандомизирани испитувања на уреди со намален ризик – рече италијанскиот лекар Зокаи.

    Преголемите рестрикции можат да бидат штетни

    Марева Гловер, експерт за јавно здравје и директор на Центарот за истражување на пушачките и здравствени навики на домородците во Нов Зеланд, ги претстави најновите мерки на кои работи владата на Нов Зеланд во борбата против пушењето, која, како што беше посочено, на ова поле постигнува значителен успех.

    Нов Зеланд се смета за успешна приказна во контролата на пушењето. Имлементиран во 1990 година, Законот за средини без чад беше многу прогресивен и целосно го прифати пристапот за намалување на штети кон пушењето со одлични резултати: распространетоста на пушењето е намалена во Нов Зеланд од 27% во 1992 година на 18,4% во 2011-12 година, а потоа на 10,9 % во 2020-21 година.

    Гловер во својот говор предупреди дека земјите треба да внимаваат на лагите и пропагандните кампањи кои бараат забрана и од политиките за кои не постојат реални научни испитувања кои ги забележуваат нивните негативни ефекти и последици.

    Подобро информирање, подобри одлуки

    Д-р Мануел Паис-Клементе од Португалија, претставник на Европската медицинска асоцијација, независна, непрофитна организација, лоцирана во Брисел, нагласи дека „подобро информираните лекари подобро ги третираат пациентите“.

    – Намалувањето на штетите е тука за да остане. Иако најдобриот пристап никогаш не е пушењето, пушачите кои не се во можност да се откажат од пушењето не треба да бидат оставени на судбината, тие треба да бидат во основата на решенијата, исто како што лекарите ги ставаат своите пациенти во сржта на нивните постапки – рече д-р Клементе.

    Потрошувачите, политичарите и регулаторите треба да бидат информирани за развојот и технолошките иновации на пушењето, со цел да се донесат најправилните одлуки, законски мерки и препораки за политиките. Во наши раце е, подвлече тој, да изградиме модерни општества, со нови и побезбедни алтернативи на традиционалното пушење цигари, промовирајќи нова стратегија на владино ниво на различни земји, предводена од меѓународна организации кои покажаа капацитет за лидерство, како „Сохре“

    Политичарите треба да ја сфатат разликата

    Том Глисон од организацијата ЕТХРА од Ирска, која се занимава со намалување на штетите од тутунот, рече дека мора да се работи со законодавните и регулаторните тела во државите и да им се предочат разликите и придобивките.

    – Регулативата секогаш мора да ги земе предвид минималните ризици од производите за намалување на штетите од пушењето, наспроти големите ризици од традииционалните цигари. Исклучително е важно емисиите од производите кои го загреваат тутунот да се споредуваат со чадот од запалена цигара, а не со свежиот воздух – рече д-р Глисон.

    Исто така, регулаторните тела треба да ја поттикнуваат пристапноста до производите за загревање на тутунот за пушачите, бидејќи тие ја подобруваат нивната способност да се откажат од пушење.

    – Здравјето и животот на возрасните пушачи и поранешните пушачи секогаш треба да се земат предвид при квантифицирање на ризикот за младите луѓе. Главниот предизвик денес е да се генерираат доволно истражувања и доволно силни податоци, со цел прецизно да се информираат потрошувачите, лекарите, регулаторните власти и политичарите за сите производи и нивните компаративни ризици – рече д-р Глисон.

    Да не дозволиме „убиство од небрежност“ на милиони пушачи

    Чарлс Гарднер од ИННЦО (INNCO), Меѓународна мрежа на организации на потрошувачи на никотин од САД, зборуваше за потребата од нови истражувања. Оваа непрофитна организација, која има 37 организации членки низ целиот свет, има политика на отворени врати за истражувачите за да им помогне да регрутираат пациенти за клинички испитувања и силно препорачува создавање добри истражувачки практики во областа на човечките ресурси.

    – Нашата мисија е да ги поддржиме правата на 1,3 милијарди возрасни ширум светот да користат побезбеден никотин и да ги избегнат токсичните форми на користење тутун. Потребни ни се компаративни студии меѓу производите за намалување на штетите од пушењето и запаливите цигари. Денес постојат побезбедни алтернативи на традиционалните цигари, а чисто „убиство од небрежност“ би било да не им се препорачуваат на луѓето на кои им се потребни – рече Чарлс Гарднер.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img