More

    Три фирми си ја присвоиле залихата од храната и не платиле данок

    spot_img

    Управата за финансиска полиција (УФП) до Основното јавно обвинителство – Скопје денеска поднесе три кривични пријави против три физички и три правни лица за постоење основани сомневања за сторено кривично дело даночно затајување.

    Како што соопшти УФП, пријавените физички лица, во својство на управители на пријавените правни субјекти, свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекнат со противправна имотна корист за себе и за правните субјекти, во периодот од 1 јануари до 25 април 2023 година, значителен дел од набавената трговска стока – прехранбени производи, евидентирана на залиха во износ од 112.727.586 денари неосновано ја присвоиле за себе и не ја евидентирале во сметководствената евиденција на правните лица како кусок, при што не пресметале, не пријавиле и не платиле данок на додадена вредност по даночна стапка од 5 проценти во износ од 5.636.379 денари и данок на личен доход во износ од 12.524.718 денари.

    „Со така преземените дејствија, пријавените предизвикале штета на Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 18.161.097 денари“, се посочува во соопштението.

    Од Финансиска полиција додаваат дека дополнителни проверки се вршат и во други правни субјекти на територијата на целата држава, а по нивното завршување со соодветни поднесоци ќе бидат известени надлежните јавни обвинителства.

    „Во изминатиoт период Управата за финансиска полиција во соработка со Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи, спроведе проверки во поголем број правни субјекти, а во врска со спроведување на Одлуката за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало бр. 41-3467/3 од 03.04.2023 година и Одлука за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед бр. 41-3646/3 од 06.04.2023 година (Сл.Весник на РСМ, бр.74/23) донесени од Владата на Република Северна Македонија, во текот на кои проверки беа констатирани незаконитости во надлежност на Управата за финансиска полиција“, се додава во соопштението.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img