More

    Синдикатите се гневни и најавуваат масовен штрајк

    spot_img

    Синдикатите се гневни бидејќи Владата нема намера скалесто да ги усогласи платите во јавниот сектор со минималнта плата. Тие велат дека официјално преговори нема, додека неофицијално се водат преговори само со СОНК, а е направен и обид да се изманипулираат работниците со подготвени измени на законот за административни службеници, кој не поминал на владината седница.

    На седницата, велат синдикатите, Владата донела заклучок за исплата на плати со зголемениот износ на минимална плата кој е доставен до институциите, што е незаконски. Владини извори, пак тврдат, дека Владата има желба да ги усогласи платите, но тоа да се направи не веднаш туку во наредниот период.

    Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) веќе во понеделник планира да расправа за актуелните состојби и да одлучи дали ќе постапи според одлуката донесена претходно за генерален штрајк.

    – Хаосот со платите во јавниот сектор останува и натаму бидејќи преговори нема. Има неофицијални преговори со СОНК, но за другите сектори се понудени законски измени кои не нудат решение за проблемот, односно предвидуваат да нема плата пониска од минималната во јавниот сектор. Така, како што веќе образложивме порано, работниците во Г-групата иако ги има повеќе подгрупи сега ќе имаат иста плата, а се изедначуваат и со повисоката група која сега зема меѓу 18.000 и 22.000 денари. Значи проблемот не е решен туку се продлабочува незадоволството на работниците. Со платата исплатена во април, почетниците во администрацијата ќе земаат иста плата со оние кои имаат поголем стаж и повисоко образование, а со тоа и звање и поголема одговорност – вели Благоја Рапловски, претседател на КСС.

    Според него, за проблемот има решение, само владата треба да го одврзе ќесето.

    – Има решение и тоа е едноставно да се зголеми бодот од 30 до 40 отсто. Тој не е зголемен со години и изнесува 81,67 денари. Но, владата треба да одлучи тоа да го направи и со тоа ќе го реши целиот проблем – вели Рапловски.

    Тој вели дека моментално административците не се свесни што им се случува со платите.

    – Тоа ќе го видат кога ќе ја земат платата во април кога ќе се применува новиот износ на минимална плата. Тогаш очекувам хаос и реакции од работниците. Ние како синдикати веќе донесовме одлука за штрајк, а во понеделник ќе одлучиме што ќе правиме по согледување на состојбата – вели претседателот на КСС.

    Од СОНК денеска соопштија дека нема никаков договор од преговорите кои подолг период неофицијално се одвиваат со Министерството за обрзование.

    – Револтот во членството е огромен, особено во градинките и во основното и средното образование, во ученичките односно студентските домови, а секако и високото образование очекува да се вклопи во пресметките за усогласување на платите. СОНК е конструктивен синдикат, остануваме доследни докрај се додека не се исцрпат сите расположливи синдикални средства ќе се обидуваме да најдеме заеднички јазик со надлежните. Владата како најголем работодавец во државата не ги почитува законите и колективните договори, но тоа не треба да нѐ обесхрабри да престанеме  да бараме излезно решение за зголемување на платите односно нивно усогласување во овие дејности – изјави претседателот на СОНК Јаким Неделков.

    Тој рече дека последен обид ќе се направи на  Економско –социјалниот совет, но ако  преговорите останат без договор, веројатно ќе биде  има  масовен јавен протест или генерален штрајк.

    -Може да се најде и алтернативно решение за синдикалните активности, но за тоа ќе имаме информации по сабота. Доколку преговорите не бидат успешни, тогаш во најбрз можен рок СОНК ќе излезе со соопштение и ќе ги кажеме нашите следни чекори. Ова не е тенденциозно и не е од сега, но е прелевање на чашата и дуење на балонот кој не може да издржи и ќе пукне. Ние нудиме системски решенија за надминување на овој проблем. Точно е дека се работи за поголема сума на средства за да се усогласат платите, но ако има расположение од двете страни, оваа ситуација сигурно ќе се надмине. Најисправно е да се донесе решение за целиот јавен сектор, а не селективно да се гасат пожарчиња во една, друга или трета дејност. Проблемот е сериозен и не треба да се става под тепих зашто кога и да е ќе ескалира –рече  Неделков.

    И од синдикатот на УПОЗ велат дека преговори за усогласување на платите со минималната плата нема со Владата, а измените на законот за административни службеници не го поминал филтерот, па е донесен заклучок со кој се наложува исплата на минималните плати.

    – Прво противзаконски е да се исплаќа плата со заклучок на Влада, туку треба измена на Законот за административни службеници, што значи дека платата која ќе се исплати во април е незаконски дадена. Спорно е и тоа што во овој владин заклучок се лимитира износот што една институција може да го даде за плати, односно се утврдува со исплатата на минималната плата вкупниот буџет за плати да не надмине 1 отсто од претходниот буџет. Притоа остануваат основните критериуми за пресметка на плата според образование, звање и изминат труд. Како при тоа ќе се изврши усогласување на другите плати, а да не се надмине лимитот од зголемување од 1 отсто? Тешко, но владата има свои пресметки – вели Трпе Деаноски, претседател на синдикатот на УПОЗ.

    Од УПОЗ, сметаат дека треба да има скалесто покачување на платите на вработените во државната администрација, бидејќи системот на плати во администрацијата не е поврзан со Законот за минималната плата, затоа што правата и обврските се регулирани со Законот за административни службеници. Затоа бараат измени на Законот за административни службеници.

    Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на средба со претставници на Синдикатот на УПОЗ неодамна изјави дека ќе има социјален дијалог и за платите во јавната администрација.

    – Ние ќе продолжиме да ги решаваме предизвиците. Јавната администрација ја има нашата поддршка, бидејќи само професионална и задоволна јавна администрација е продуктивна. Социјалниот дијалог и социјалното партнерство мора да постојат, затоа прашањето за покачување на платите во администрацијата, ќе го отвориме заедно. Ние ветивме дека ќе го отвориме и прашањето за бодовите во колективните договори – рече Тренчевска.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img