More

    Путин може да бира меѓу актовка и компјутерски систем

    spot_img

    Не е црвено, туку бело копчето кое може да активира нуклеарен напад во фамозната и мистериозна актовка на Владимир Путин за која се зборува, а за која има малку информации. Од она што е познато, актовката се вика Чегет, а рускиот претседател ја добил од Борис Јелцин на 31 декември 1999 година.  Дали најавеното распоредување на тактичко оружје во Белорусија ќе заврши со една таква команда или тоа е само едно „нуклеарно заплашување“ преку земјата која Киев ја нарече „нуклеарен заложник“ на Москва?

    Командата би патувала преку системот „Казбек“. Всушност, црвеното копче во актовката значи „откажи“, додека белото е „старт“ со кое стартува команда до највисоките функционери кои потоа треба да одлучат што ќе направат.

    Старомодна актовка за модерни проектили

    Според видео на ТВ каналот Звезда од 2019, одвнатре електрониката изгледа старомодно, има и црн екран, а куферчето се отвора со посебна картичка. Целиот ТВ прилог на руската телевизија служел за да се прикаже Русија како најмоќна земја во светот, која може да збрише сè за неколку минути.

    Британски Мирор лани објави приказна за Вадим Зимин, човекот кој имал задача да ја носи нуклеарната актовка за Јелцин, а потоа за Путин. Таа само еднаш се појавила во јавноста. Се зборува дека и Сергеј Шојгу, министерот за одбрана и Валериј Герасимов, началникот на рускиот Генералштаб имаат вакви актовки.

    Мртвата рака ќе се погрижи буквално сите бомби да бидат испукани

    Но, тука не завршува нуклеарната приказна. Високите генерали тогаш би можеле да го активираат компјутерскиот систем наречен Периметар, чиј прекар е „Мртвата рака на Русија“, според сличниот таков софтвер кој го поседуваат САД.

    За разлика од актовката, „мртвата рака“ е напреден систем кој може да го лансира целиот арсенал на Русија како одговор на нуклеарниот напад, односно на контранападите од САД. Тој е развиван во Студената војна и неговата поента е да обезбеди дека другата страна ќе биде уништена дури и ако Москва и други градови се збришани, дури и ако нема останато жив човек да ја даде командата за напад.

    И без радио, ракетите ќе стигнат

    Системот ги мери комуникациите на воените фреквенции, нивоата на радијација, воздушниот притисок, топлината и краткорочните сеизмички нарушувања. Ако мерењето укажува на нуклеарен напад, Периметарот започнува низа што би завршила со пукање на сите ИЦБМ во некогашниот советск, а сега руски арсенал.

    Периметар би лансирал командна ракета, на која ќе има радио боева глава што ги пренесува наредбите за лансирање до руските нуклеарни силоси, дури и ако радиото откаже да работи. Ракетата би летала низ целата должина на земјата. По голем број пробни лансирања за да се докаже одржливоста на таква командна ракета, системот Периметар се појави на интернет во 1985 година.

    Советскиот Сојуз никогаш не потврди дека таков систем некогаш постоел, но генералот на руските стратешки ракетни сили, Сергеј Каракаев, го потврди тоа за руски весник во 2011 година, велејќи дека САД може да бидат уништени за 30 минути. Руските државни медиуми сугерираат дека системот сега е надграден за да вклучи радарски системи за рано предупредување и за новите руски хиперсонични ракети.

    100 пати поразорно од Хирошима и Нагасаки

    Во таквиот нуклеарен Армагедон веројатно е дека двете страни брзо би ги потрошиле своите арсенали, а според некои истражувања безбедни места од нуклеарната зима и радијацијата би биле југот на Аргентина и неколку други. Сонцето долги години не би се гледало јасно од чадот, а кризата за храна би ги навела луѓето да одгледуваат печурки и ретки растенија кои би можеле да растат во такви услови.

    Печурката од чад пак, онаа која ќе се појави на небото, како во Хирошима и во Нагасаки во 1945 година, овојпат ќе биде резултат на експлозија и до 100 пати појака од оние во Втората Светска Војна. Бомбата во Хирошима тежела 15 килотони додека најголемото тактичко оружје денес достигнува и до 1.000 килотони.

    Најмалото тактичко нуклеарно оружје може да биде еден килотон или помалку (што произведува еквивалент на илјада тони експлозивен ТНТ).

    По 1.600 боеви глави се веќе распоредени од двете страни

    Според американското разузнавање, Русија има околу 2.000 парчиња тактичко нуклеарно оружје.

    Руските тактички нуклеарни боеви глави можат да се монтираат на различни видови ракети кои инаку се користат за испукување на конвенционални експлозиви, како што се крстосувачки проектили и артилериски гранати.

    Тактичкото нуклеарно оружје може да се лансира од авиони и бродови, како што се противбродски проектили, торпеда и длабински полнења.

    Путин контролира околу 5.977 такви боеви глави до 2022 година, во споредба со 5.428 контролирани од американскиот претседател Џо Бајден, според Федерацијата на американските научници.

    Се проценува дека 1.500 од тие боеви глави се деактивирани, но веројатно сè уште недопрени, 2.889 се во резерва, а 1.588 се распоредени стратешки боеви глави.

    Билтенот на атомските научници наведува дека 812 се распоредени на копнени балистички ракети, 576 на балистички ракети лансирани од подморница и околу 200 на бази за тешки бомбардери.

    САД имаат 1.644 распоредени стратешки нуклеарни боеви глави.

    Кина има вкупно 350 боеви глави, Франција 290, а Велика Британија 225, според Федерацијата на американските научници. Ваквите бројки значат дека и Москва и Вашингтон можат многукратно да го уништат светот.

    Се чини дека Русија има околу 400 интерконтинентални балистички ракети со нуклеарен врв, за кои Билтенот на атомските научници проценува дека можат да носат до 1.185 боеви глави.

    Русија има 10 нуклеарни подморници кои можат да носат најмногу 800 боеви глави.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img