More

    Пратениците ја усвоија потребата по скратена постапка да се донесат измените на петте закони означени со европско знаменце поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д

    spot_img

    Пратениците вчера на пленарна седница ја усвоија потребата по скратена постапка да се донесат измените на петте закони означени со европско знаменце поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д. Заседаваше и матичната Комисија за европски прашања, која е следниот филтер за законските измени, но само го утврди дневниот ред и според најавите денес треба да почне расправата.

    На предлог на Владата, вчера на 115. собраниска седница беше изгласана потребата по скратена постапка да се донесат законите за изменување и дополнување на законите за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола), за урбанистичко планирање, за градење, за експропријација и за работните односи, сите по скратена постапка. Овие закони претходно беа предложени од група пратеници, а по блокадата во комисиите од опозициски пратеници, повторно беа предложени минатата недела овојпат на предлог на Владата и со европско знаменце.

    Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во текот на собраниската расправа рече дека владејачкото мнозинство го крши највисокиот акт во државата и Деловникот на Собранието.

    Тој рече дека се злоупотребува европското знаменце, што според него ќе значи дека ќе има опструирана дебата како и ограничена амандманска расправа по овие закони.

    Постапката за законите, како што се изјаснија во текот на собраниската дебата, е неприфатлива и за пратениците Борислав Крмов од Левица, Павле Трајанов од Демократскиот сојуз и Маја Морачанин од ДОМ, кои исто така укажаа дека со нив не се врши усогласување на законската регулатива со европското законодавство.

    ВМРО-ДПМНЕ денеска во соопштение оцени дека Ковачевски, Груби и Маричиќ ја загрозуваат евроинтеграцијата на Македонија. Партијата потсети дека и евроамбасадорот Дејвид Гир потврди дека се злоупотребува европското знаменце.

    – Системот на европско знаменце се користи кога ја усогласувате вашата легислатива со легислативата и стандардите на ЕУ. Не загрижува означувањето на законите поврзани со коридорите 8 и 10д со европско знаменце, со оглед на тоа што тука нема усогласување со стандардите на ЕУ – изјави евроамбасадорот Гир.

    „Ковачевски, Груби и Маричиќ свесно го злоупотребуваат европското знаменце за да прават криминал и гласаат закони кои се и противуставни. Владата на ДУИ поддржана од СДС само декларативно се залага за ЕУ, а всушност, ја злоупотребува евроинтеграцијата за да прави криминал, со што ја загрозува репутацијата на ЕУ во Македонија и влијае негативно кај граѓаните. Ги повикуваме амбасадите на земјите членки на ЕУ, Делегацијата на ЕУ во Македонија и Европската Комисија да ја повикаат владата да ги повлече законските измени со европско знаменце и да не го оцрнува процесот кој има за цел хармонизација на нашето законодавство со тоа на Е“ – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

    Според СДСМ Коридорите 8 и 10Д се од национален интерес, а со измените во законите, кои се во собраниска процедура, ќе се заштедат 150 милиони евра.

    „Со измените на предвидените закони се обезбедува побрза, поевтина и квалитетна изградба не само на коридорите, туку и за сите идни национални и стратешки инфраструктурни проекти, меѓу кои спаѓаат и проекти финансирани од ЕУ, од меѓународни финансиски институции. Сите предложени законски измени се во согласност со Уставот и со нивното донесување ќе се заштедат 150 милиони евра и две години изградба за коридорите 8 и 10Д. Оттаму, важно е сите пратеници да ги поддржат измените и дополнувањата, тие да бидат донесени побрзо за делниците да бидат изградени побрзо и поевтино“ – се вели во соопштението на СДСМ.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img