Пекинг ги отфрли обвинувањата за „наводна кинеска шпионажа“ по апсењето на соработник на германската крајнодесничарска партија во Европскиот парламент (ЕП), кој е осомничен дека е кинески шпион.
„Теоријата за закана од наводна кинеска шпионажа не е нова работа во европското јавно мислење“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин.
Тој ја осуди „клеветата“ чија цел е „да се уништи атмосферата на соработка меѓу Кина и Европа“. Помошник европратеник од германската крајнодесничарска партија АфД е уапсен во Германија под сомнение дека шпионирал за Кина.
Според германските обвинители, Џијан Г. бил обвинет за шпионирање на противниците на Кина во Германија и за споделување информации за ЕП со кинеската разузнавачка служба. Обвинетиот работел како помошник на европратеникот Максимилијан Крах, кој е на чело на листата на АфД за следните европски избори.