More

    Опозицијата постави услов – или ќе договараме предвремени избори или нема муабет

    spot_img

    Во секој момент се очекува премиерот Димитар Ковачевски официјално да ги покани лидерите на сите парламентарни политички партии на лидерска средба на којашто ќе се крои европската иднина на Македонија и на којашто ќе се разговара за одлуките коишто наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус.

    Дел од лидерите на политичките партии со коишто разговараше Плусинфо веќе ја прифатија поканата за лидерска средба уште пред да бидат поканети, но дел, пак, условуваат и бараат главна тема за разговор да биде одржувањето предвремени парламентарни избори.

    Како што вчера објави премиерот Ковачевски, лидерската средба е планирано да се одржи в понеделник, точно напладне, во Собранието.

    Доцниме цели 4 години

    Освен за европската иднина на Македонија, на лидерската средба што ја иницира премиерот Димитар Ковачевски мора да се разговара и за предвремените парламентарни избори, коишто треба да се случат што е можно поскоро, вели пратеникот од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

    Тоа е обичен театар пред јавноста, бидејќи оваа влада покажа дека ништо суштински не сака да менува, па прават лидерски средби секогаш кога ќе западнат во некаква криза.

    Бојан СтојаноскиПратеник, ВМРО-ДПМНЕ

    – Во ред е да бидат отворени картите и да се разговара за уставните измени и за европската иднина на државата, но предност мора да има прашањето за спроведување предвремени парламентарни избори. Ние не можеме да правиме тематски лидерски средби, па затоа темата на оваа средба нека биде: „Како да дојдеме до предвремени парламентани избори“. Па ако остане време, ќе разговараме и за другите споредни работи. Во нашата партија постои расположение и претседателот Христијан Мицкоски би можел да прифати да присуствува на таа лидерска средба, но само доколку главното прашање биде за предвремените избори. На крајот на краиштата, ништо не може да смени една лидерска средба. Тоа е обичен театар пред јавноста, бидејќи оваа влада покажа дека ништо суштински не сака да менува, па прават лидерски средби секогаш кога ќе западнат во некаква криза. Јас сметам дека веќе не постои политичка компресија и дека многу работи би биле поинакви ако со одржувањето на тие лидерски средби искрено сакаат да направат некакви промени кон подобро. Исто така, оваа реакција, односно овој повик за лидерска средба е крајно задоцнет, бидејќи требаше да се случи најмалку 4 години претходно. Потребна е стратегија за да се разговара за европската иднина на државата, а сега власта ја направи штетата и се обидува да ја санира за сопствен рејтинг – изјави Стојаноски.

    Пролетни парламентарни избори

    Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, во разговор за Плусинфо предлага 4 точки коишто мора да бидат ставени на дневен ред на лидерската средба.

    Мислам дека е најдобро напролет да се одржат предвремени парламентарни избори, па оние политички партии коишто безусловно прифаќаат промена на Уставот без реципроцитет, тие нека одат во кампања и ако добијат поддршка од граѓаните, тогаш нека го менуваат Уставот

    Павле ТрајановДемократски сојуз

    – Сѐ уште не знаеме кои точки ќе бидат ставени на дневен ред на таа лидерска средба, но доколку мене ме прашувате, јас би предложил прво да се разговара за скрининг-процесот, односно да се мобилизираат сите креативни потенцијали во државата и да не се прави селекција. Во тој процес да се вклучат експерти од невладиниот сектор, универзитетски професори, асистенти, а и политичките партии да предложат соодветен кадар доколку го имаат. Ова сметам дека е приоритет и мислам дека ќе постигнеме поширока согласност од сите политички партии. Втората работа за којашто треба да се разговара е економската состојба во којашто се наоѓа земјата и опасностите од евентуалните влошувања на таа економска состојба. Трето, мора да се разговара за уставните измени и за внесувањето на Бугарите во Уставот, но нашиот партиски став е јасен – може да го направиме тоа само на реципрочна основа. И четврто, а можеби и најважно, на лидерската средба треба да се разговара и за предвремени парламентарни избори. Мислам дека е најдобро напролет да се одржат предвремени парламентарни избори, па оние политички партии коишто безусловно прифаќаат промена на Уставот без реципроцитет, тие нека одат во кампања и ако добијат поддршка од граѓаните, тогаш нека го менуваат Уставот – објаснува Трајанов.

    Сличен став дели и пратеникот на ГРОМ, Љупчо Пренџов, кој смета дека најдоброто решение е да се спроведат предвремени парламентарни избори.

    – Веќе шест години СДСМ е на власт и веќе шест години ние разговараме за европската иднина на Македонија. На оваа држава мора да ѝ тргне, но гледаме дека со СДСМ на власт не може да ѝ тргне. Единственото нешто за коешто можеме да седнеме и да разговараме е кога да организираме предвремени парламентарни избори и да ги прашаме граѓаните на Македонија што мислат за тоа како власта ја води државата кон европската иднина. Тоа е највисок чин на демократија, каде што граѓаните ќе кажат дали во овие изминати шест години имаме европска иднина и европски стандарди. Во моментов имаме киднапирана држава, од луѓе кои никогаш не излегле на избори, а ги носат клучните државни одлуки – вели Пренџов за Плусинфо.

    Некој мора да преземе одговорност

    Лидерот на Демократската партија на Турците во Македонија (ДПТМ), Бејџан Иљас, вели дека не треба да очекуваме дека ќе се случуваат чуда по лидерската средба.

    – Никогаш не е доцна за да се одржуваат лидерски средби, бидејќи конечно треба да се вразумиме сите ние и да ѝ помогнеме на државата да излезе од политичката криза. Во време кога целиот свет се наоѓа во една енергетска, па дури и воена криза, јас верувам дека е време барем ние да седнеме на иста маса и да одлучиме по кој пат ќе чекориме во иднина. Акцентот на лидерската средба ќе биде ставен на уставните измени, односно на отворање на Уставот и внесувањето на Бугарите во Преамбулата, а од тој аспект можеби е задоцнета оваа средба, оти таа требаше многу порано да се случи, пред да се изгласа „францускиот предлог“. Сепак, дури и да се случи лидерската средба и дури и на неа да присуствува лидерот на најголемата опозициска партија во земјава, Христијан Мицкоски, јас не верувам дека ќе биде постигнат некаков консензус. А токму македонските политички партии треба да преземат голема одговорност. Можеби токму оваа средба ќе значи преземање одговорност од страна на власта и на опозицијата. Во однос на предвремените парламентарни избори, јас не гледам причина да се случат, но отворено кажувам дека секогаш треба да бидеме подготвени на едно такво преземање одговорност. Ако евентуално доаѓаме до еден ќорсокак, тогаш друго решение не постои и мораме на избори да ги прашаме граѓаните што мислат – вели Иљас.

    Ве молам, бидете сериозни!

    Пратеникот Љупчо Балковски од ВМРО-НП, вели дека секогаш е добро да има лидерски средби, меѓутоа потребно е тие средби да дадат конкретен резултат.

    – Бадијала ќе се збираат лидерите на политичките партии на лидерска средба ако таму не биде ништо одлучено и не биде ништо договорено. Мора да има конкретен резултат. Ваква лидерска средба можеби требаше да има веднаш по изгласувањето на „францускиот предлог“ во јули годинава. Ништо не е задоцнето, меѓутоа подобро ќе беше првата лидерска средба да се случи тогаш и да продолжат во следниот период сѐдодека трае скринингот. Ние како партија ја поддржуваме иницијативата на премиерот за одржување лидерска средба, иако, во неколку наврати инсистиравме таа да се случи многу порано – вели Балковски.

    Според него, сега не е време за предвремени парламентарни избори.

    – Сега се наоѓаме во процес на скрининг и ќе излеземе многу несериозни пред Европската Унија доколку токму сега спроведеме предвремени парламентарни избори. Предлогот за предвремени избори доаѓа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но тоа е несериозна работа. Но, ако подобро ги анализирате работите, ќе забележите дека полека омекнува партијата на Христијан Мицкоски и веќе почнува да ги менува ставовите. Ако се сеќавате, пратениците од оваа партија потпишуваа нотарски изјави дека нема да го менуваат Уставот, а сега веќе никој не ги спомнува тие изјави – објаснува Балковски.

    Во Левица поставивме прашање какво е расположението на Димитар Апасиев во поглед на лидерската средба и дали тој ќе седне на округлата маса в понеделник, но оттаму ни одговорија дека Президиумот вечерва ќе одржи седница на којашто ќе биде донесена конечната одлука.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img