More

    Матурантката Силјаноска заслужува да биде во чекор со својата генерација

    spot_img

    Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков вели дека со внимание ги следи случувањата во ОСУ „Св. Климент Охридски“ и прави сѐ што е во негова моќ на матурантката Тијана Силјаноска да ѝ се овозможи наскоро да полага државна матура. Тој чека информации од надлежните за евентуална одговорност кај лицата што го направиле пропустот.

    Од кабинетот на градоначалникот на општина Охрид за Пулсинфо велат дека иако Пецаков не е директно надлежен за одвивањето на воспитно-образовниот процес во кој влегува и полагањето на државната матура во образовните институции во општина Охрид, туку неговата надлежност е насочена кон обезбедување услови за одвивање на образовниот процес, со внимание ги следи случувањата во ОСУ „Св. Климент Охридски“ во врска со ускратената можност една матурантка да полага матура.

    – Градоначалникот е во континуирана комуникација со раководниот тим на училиштето од каде добива информации за активностите кои се преземаат и дополнително ја координира комуникацијата помеѓу надлежните институции и директорот на училиштето во врска со решавање на овој проблем. Запознаен е и министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој презема активности од аспект на неговите надлежности за решавање на проблемот – велат од кабинетот на градоначалникот за Плусинфо.

    Оттаму додаваат дека ќе чекаат информација од надлежните за евентуална можност за решение на овој проблем. Откако ќе ги добие потребните информации од надлежните, градоначалникот на Охрид ќе донесе одлука за евентуална одговорност за овој пропуст.

    – Веруваме дека ќе се најде соодветно решение од кое задоволни ќе бидат сите засегнати страни – посочуваат од кабинетот на Пецаков.

    Случајот го привлече вниманието и кај политичките партии. Демократски сојуз на Павле Трајанов бара итно да ѝ се овозможи на Тијана да го полага пропуштениот испит, бидејќи тоа е грешка на училиштето.

    „Јасно е дека пропустот го направиле одговорните во СОУ ‘Свети Климент Охридски’, тие треба да ја коригираат грешката и на ученичката да ѝ дозволат да полага веднаш, за да може да ги фати роковите за упис на некој од факултетите. Не е педагошки и човечки полагањето да го одлагаат за следната сесија и да даваат изјави и коментари несоодветни за образовна институција. Демократскиот сојуз го повикува министерот за образование да реагира соодветно и да води грижа за секој ученик посебно, доколку е обесправен“, велат од партијата.

    Во случај кога државата најверојатно нема опција да ѝ помогне, училиштето најмалку што може да направи е на Тијана да ѝ дозволи да ги полага двата интерни предмета за кои тоа е задолжено.

    – Малку се распрашував и разбрав дека училиштето ќе излезе во пресрет, па оние два предмети кои треба да ги полага во склоп на матурата во самото училиште ќе ѝ овозможат тоа да се стори, но понатаму ќе биде одлука на министерот. Нема законско решение кое ќе ѝ овозможи посебно полагање на матурата – вели за Сител, Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ.

    Од Државниот испитен центар (ДИЦ) веднаш излегоа со соопштение во кое потврдија дека на матурантката Тијана Силјаноска ѝ било оневозможено да го полага првиот задолжителен испит од државната матура бидејќи таа не била пријавена од матурската комисија на училиштето.

    Согласно законските процедури, учениците пополнуваат пријава во училиштето најдоцна до 31 декември. Списоците се доставуваат до ДИЦ најдоцна до 15 февруари, а потоа училишната матурска комисија ги проверува податоците и доколку има грешка, таа треба да направи корекција и да ги врати до ДИЦ.

    „Во случајов од комисијата во ‘Свети Климент Охридски’ од Охрид така е и постапено, односно списоците се вратени со потпис и со печат, но немаат направено корекции дека ја имаат испуштено матурантката Тијана Силјаноска“, се наведува во соопштението на ДИЦ.

    Откако на матурантката од Охрид Тијана Силјаноска не ѝ беше дозволено да полага државна матура оти нејзиното име не било на списокот меѓу матурантите од охридската гимназија „Свети Климент Охридски“, од училиштето соопштија дека ќе ѝ биде дозволено да ги полага двата интерни испита во училиштето во јунската испитна сесија. Мајчин јазик и литература што требаше да ги полага во саботата, како и другиот екстерен предмет закажан за јуни, девојката ќе ги полага во августовската испитна сесија, освен ако не се смени нешто под притисок на јавноста.

    По оваа одлука на менаџментот на охридската гимназија Силјаноска била вратена дома без право да полага.

    „Во врска со случувањата околу полагањето државна матура, како институција засегната во случајот со нашата ученичка сакаме да ја информираме јавноста дека искрено жалиме што се случува ваков несакан проблем и наша заложба е да помогнеме и да излеземе во интерес на матурантката и на родителите. Сакаме да потенцираме дека списоците за верификација на податоците за државна матура беа доставени на увид кај учениците уште на почетокот на второто полугодие, а потоа доставени до Државниот испитен центар. И покрај напорите на училиштето да се реши ситуацијата, сепак не се наиде на разбирање од страна на надлежните институции“, се наведува во соопштението од ОСУ „Св. Климент Охридски“.

    Боби Силјаноски, татко на ученичката, претходно, побара одговорност од надлежните кои според него ѝ го скратиле правото за упис на факултет.

    „Ќерка ми сакаше да студира во Љубљана, сега тоа право ѝ е спречено од толку агилната администрација и директорката во гимназијата. Нека сноси некој одговорност, нека се види кој е виновен“, побара Силјаноски.

    АДМИНИСТРАТИВНА ГРЕШКА ЈА ОДДАЛЕЧИ ОД СОНОТ Матурантка не полагаше државна матура и остана без упис во Словенија

     

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img