More

    Ќе се чека да почне жетвата за да се виде со каков квалитет е зрното

    spot_img

    Неизвесно е како ќе тече откупот на пченицата годинава. Земјоделците сè уште калкулираат околу цената, квалитетот и приносите и тврдат дека нема утврдено откупна цена за лебното жито, а мелничарите тврдат дека тие ја кажале цената, која е берзанска, и ќе се движи од  9 до 11 денари за килограм. Владата, која ја прогласи оваа култура за стратешка, размислува да им даде уште 3 денари по килограм предадена пченица на земјоделците, такашто заедно со веќе дадените 3 денари субвенции, вкупно ќе учествува со 6 денари во приходот на земјоделците.

    Земјоделците велат дека годинава ќе имаат добри приноси и квалитет на пченицата, но велат дека сè уште нема договорена цена меѓу нив и мелничарите.

    – Нема цена. Ќе видиме која ќе биде откако ќе почне жетвата за неколку дена. Она што го нудат мелничарите е далеку од нашата производна цена и во никој случај нема да можеме да ги покриеме трошоците. Очекуваме добар принос и квалитет на пченицата, но додека не почнеме да жнееме нема да знаеме точно со какви приноси располагаме. Жетвата не е почната и нема реализиран откуп за да знаеме како ќе се движат цените. Добро е што владата ќе дава дополнителни субвенции од 3 денари бидејќи секој даден денар за земјоделците е добредојден. Посебно сме задоволни што се прифати нашето барање за откуп на повеќе пунктови за стоковите резерви, со цел да се откупи домашното производство – вели Петре Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.

    Официјално, од 70 000 хектари, што е зголемување за 13% во споредба со лани, се очекуваат околу 260.000 тони пченица, но дождовите може да ги намалат приносите за 10 до 20%.

    Мелничарите кои почнаа да ги откупуваат првите тони пченица велат дека можат да ја дадат само пазарната цена која се движи од 9 до 11 денари за килограм, зависно од квалитетот на пченицата.

    – Годинава квалитетот на пченицата е понизок и не можеме да ја ставиме во ниту една класа, барем за оние количини кои веќе се откупени. Хектолитарот изнесува од 63 до 68 што е долна граница за квалитет и се рангира во добиточна храна. Но како мелници не смееме да дозволиме нашите клиенти да претрпат штета во година кога квалитетот на пченицата е низок и затоа се обидуваме да откупиме што поголеми количини пченица, а потоа со мешање со поквалитетна увозна пченица, ќе добиеме квалитетно брашно. Колку понеквалитетни пченица купуваме од домашно производство толку повеќе ќе треба да увеземе поквалитетна, што пак прави да работиме на ниво на рентабилност или во загуба секоја година. Берзанската цена во Србија во моментов е 9,5 денари за килограм и таа цена ја даваме на земјоделците. Зависно од квалитетот, цената може да биде и 10 и 11 денари по килограм. Тоа значи дека земјоделците ќе добијат цена од 15 до 17 денари за килограм, ако тука се пресметаат и 3 денари дополнителна субвенција и 3 денари досега земени субвенции од владата – вели Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничари.

    Според него, годинава пченицата има понизок квалитет не толку поради дождовите кои се навремени, туку повеќе како резултат на ненавремената прихрана и недоволната употреба на заштитни средства. Ваквото тврдење на мелничарите Стојкоски го окарактеризира како дезинформација бидејќи, како што вели, жетвата не е почната за да се утврди квалитетот и приносите.

    – Ние тврдиме дека имаме најдобар квалитет на пченица во последните години и имаме добри приноси. Значи, нашето спроти нивното тврдење. Пченицата главно е во Пелагонија, а таму не е почната жетвата за да се види со каков квалитет и приноси располагаме. Сè додека не почне жетвата, ниту ние, ниту мелничарите можат да кажат каков е квалитетот на пченицата. Да потсетам, тие ќе ја кажат откупната цена, а ние ќе кажеме колку ќе чини лебот подоцна. Приносите и квалитетот ќе ги видиме најверојатно за 3 дена кога официјално почнува жетвата – додава тој.

    Министерството за земјоделство и годинава најави дека ќе побара одобрување од страна на владата да се субвенционира пченицата со дополнителни 3 денари по килограм од интервентниот фонд, а субвенции ќе има и за јачменот.

    – Предлагаме дополнителни 3 денари за предаден килограм пченица кај регистрирани откупувачи. Со ова производителите на пченица, покрај основните плаќања кои веќе се исплатени, покрај зелената нафта за која ќе добијат зелени картички во текот на летото, во овој период ќе ја утврдиме и оваа поддршка и овие средства ќе бидат исплатени исто така брзо и навремено. Дополнително планираме и авансна исплата на субвенциите кои ќе ги добијат земјоделците до сеидбата – информираше деновиве Николовски.

    Тој информира дека и за јачменот ќе има дополнителни субвенции.

    – Во Уредбата за директни плаќања креираме мерка за дополнителна субвенција за остварено производство на јачмен во вредност од 12.000 денари по хектар, без скалесто субвенционирање. Мерката е наменета за производителите на јачмен, кои оствариле минимален принос од 3.000 кг/ха и кои своето производство го имаат продадено кај регистрирани откупувачи или складирано во регистрирани објекти, продадено на домашни фарми, или пак производството го искористиле во сопствените фарми во период до 31 август 2023 година – појасни Николоски.

    Министерството за земјоделство го зголеми и рокот за предавање во складишни капацитети на производството од пченица и јачмен, кој наместо од 1 август, ќе почнува од 15 јуни и ќе трае до 1 септември 2023 година, со цел да се опфатат и оние земјоделци кои досега веќе го предале своето производство.

    Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека и годинава владата доцни со објавување на субвенциите за житарките.

    На прагот од жетвата на пченицата каде мелничарите најавуваат откупна цена на пченицата од 10 денари, пред неколку дена излезе научната фела со пресметка дека производната цена на пченицата е 19,06 денари за килограм. Што значи дека вашите дополнителни 3 денари за кулограм ни од далеку нема да ја доближат цената до производната затоа што разликата од откупна до производна е над 9 денари за килограм. А каде е печалбата за земјоделците? – праша вчера Цветан Трипуновски, претседател на комисијата за земјоделство на партијата.

    Земјава годишно произведува околу 260.000 тони лебно зрно, а останатите количества до потребните околу 320.000 тони, ги увезува.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img