More

    И занаетчиите ќе можат да работат во недела

    spot_img

    Не помина ни половина година од стапувањето на сила на измените на законот за работни односи и на законот за трговија во однос на недела неработен ден, а веќе се предложени нови дополнувања, за кои треба последен збор да дадат пратениците.

    Работодавците и занаетчиите се задоволни бидејќи е прифатено барањето за проширување на списокот на дејности кои ќе можат да работат во недела, но синдикатите остра реагираат дека не биле прашани пред подготовката на законските измени.

    Група пратеници од владејачката коалиција предложи измени на законот за работни односи со кои се додаваат уште 6 дејности кои ќе може да работат во недела. Овие дејности се од занаетчиството, но само за трговци поединци и физички лица, самостојни вршители на дејност запишани во посебен регистар, потоа од производство на масла и масти, како и производството на градежни материјали како производство на цемент, вар и гипс и производство на цигли, ќерамиди и производи од печена глина за градежништвото.

    Во недела, според предложените измени ќе може да се врши и откупот на земјоделски производи, производство на вино, само во процесите поврзани со прием, обработка и процесирање на грозје и гроздова каша, ферментација, стабилизација, филтрација, анализа и следење и техничка и енергетска поддршка на овие процеси.

    Министерството за економија, пак, пред една недела предложи измени на Законот за трговија со кои се дава предлог во туристичките места сите трговци на мало да можат да работат во недела и за време на празници. И овие измени се доставени до пратениците за нивно разгледување и усвојување во Собранието.

    „Со овие измени се дава можност на сите туристички места што се пропишани со Законот за туристичка дејност, продавниците и дуќаните во кои се врши трговија на мало да можат да работат и во деновите кои се третираат за неработен ден и државни празници во текот на целата година. Надоместокот од 100 проценти дневница за работа во недела и празници останува за трговците на мало во туристичките места да ја платат на работниците“, соопштија од Министерството за економија.

    Уште при донесувањето на законските измени бизнисмените беа со став дека треба да се внимава на одделни дејности каде што технолошкиот процес не може да запре. Тие бараа проширување на дејностите. Сепак, предложените измени на двата закона, според нив, ги опфаќаат нивните барања.

    – Добро е што со новите предложени измени на Законот за работни односи се додадени и дејностите кои ги баравме уште при донесувањето на претходните измени во однос на недела како неработен ден. Но јас лично сметам дека со претходните измени на законот влеговме во замка кога почнаа да се наведуваат дејностите. При такво наведување секако дека ќе се испушти некоја дејност која треба да работи во недела. Мој предлог е во дејностите каде што работниот процес е организиран во смени односно во циклус од 4 смени (по два 2 дена прва, втора и трета смена и 2 дена слободни) да не се ограничува работењето во недела бидејќи се прекинува циклусот – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

    Тој смета дека последните измени во законот за трговија предложени од Министерството за економија ставаат во нерамноправна положба дел од газдите на дуќани кои треба да работат во недела.

    – Ако е целта да бидат ослободени работниците во недела, тогаш зошто не им се дозволува на сопственици да работат во недела. Според логиката на законот, газда на продавница за зеленчук може да работи во недела, но не и газдата на продавница за продажба на железарија. Во овој случај се дискриминираат некои од газдите – вели Димитров.

    Занаетчиите бараа да се прошири списокот на дејности што ќе може да работат во недела, бидејќи се стравува дека и некои дуќани би можеле целосно да прекинат со работа доколку неделата остане неработен ден. Тие бараа сите дејности од занаетчиството да можат да работат во недела, бидејќи најголемиот дел од нив се сопственици на дуќани. И тие генерално се задоволни од она што се предлага од пратениците во однос на недела нереботен ден.

    – Во врска со Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи и можноста занаетчиите да работат во недела секако доколку предлог законот помине низ собраниска процедура и стапи на сила истакнуваме дека сме задоволни од законското решение. Затоа што е дадена можност на самостојните вршители-занаетчиите регистрирани согласно Законот за занаетчиство во сите занаетчиски дејности кои се предвидени со посебен правилник да работат во недела. Сметаме дека на овој начин се дава можност занаетчијата како сопственик на занаетчискиот бизнис да ја организира својата дејност согласно потребите на пазарот. Ќе се реши и проблемот со работењето во недела на занаетчиите кои имаат деловно седиште во чаршиите и секако занаетчиите чиј процес на дејност беше тесно поврзан со настани кои се случуваат во недела – вели Анета Атанасовска, извршна диркеторка на Занаетчиската комора Скопје.

    Синдикатите кои бараа недела да биде слободен ден за сите работници остро реагираа и при првата најава дека нешто ќе се менува во однос на дејностите кои ќе можат да работат во недела.

    – Министерството за економија веќе им овозможи на газдите сами да работат во недела во туристичките места и во трговијата на мало и треба да бидат потсетени дека водејќи грижа за работниците и за нивните семејства и нивното неприкосновено право на заштита на човековото достоинство и семејни вредности, водени од тоа дека работниците и граѓаните може и треба во својство на туристи да ги посетуваат нашите туристички места и да уживаат во нивните убавини, со измената на Законот за трговија и Законот за работни односи, ССМ и другите социјални партнери по пат на социјален дијалог обезбедија најголем број од работниците, вклучително и на работниците во трговијата да бидат слободни и да не работат во недела, а газдите да работат – рекоа од ССМ.

    Оттаму реагираа дека ваквите предлози треба да одат со усогласување на економско-социјалниот совет.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img