More

    Државниот врв го честита „8 Септември“

    spot_img

    На денешен ден во 1991 година, пред точно 31 години, во Република Македонија се одржа Референдум на кој граѓаните со право на глас се изјаснуваа на прашањето: “Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“.

    На Референдумот учествува 1,2 милиони наши сонародници, а според резултатите кои беа објавени речиси стопроцентно беше поддржана самостојноста на Македонија. Според конечните, официјални резултати од 1.495.626 гласачи, на Референдумот излегоа 1.021.880 или 71,85 проценти од граѓаните со право на глас. Од нив 95,09 отсто гласаа ЗА самостојна и независна македонска држава.

    Текот на Референдумот го следеа 167 домашни и 100 странски акредитирани новинари. Референдумот во Македонија се одржа во предвечерјето на распадот на СФРЈ, по дефинитивното изјаснување на Словенија и Хрватска дека се определуваат за независност и самостојност.

    Во Македонија беше спроведено предреферендумска кампања, а на 2 септември беше објавен заеднички проглас на парламентарните и вонпарламентарните партии со кои граѓаните беа повикани масовно да излезат и да се изјаснат ЗА на Референдумот.

    Партиите на Албанците ПДП и НДП не го поддржаа прогласот. Поддршка на Референдумот изрази само Унијата на албанската интелигенција. Во кампањата на Референдумот се вклучи и Македонската православна црква која со семакедонска христијанска, православна молитва, преку божествена литургија, одржана на 1 септември во Соборниот храм Свети Климент Охридски, го обнароди значењето на Референдумот како трето илинденско послание. Во тој период, поточно на 15 јануари 1992 година, Република Бугарија беше првата држава што ја призна независноста на Македонија.

    Следуваа признавањето од Турција, Словенија, Хрватска, Русија и Босна и Херцеговина… Инаку на Референдумот му претходеше Декларација за независност што првото повеќепартиско македонско Собрание ја усвои на 25 јануари 1991 година формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

    Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се појавија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на Референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од страна на пратениците Албанци.

    Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација.

    Поради противењето и притисоците на Грција, зачленувањето на ОН беше направено под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија. Република Македонија денес има воспоставено дипломатски односи со 158 држави во светот, а под уставното име е признаена од 117 меѓу кои и три од членките во Советот за безбедност – Кина, Руската Федерација и САД.

    Ковачевски: Обединети во слободата да ги продолжиме перспективите
    По повод Денот на независноста, премиерот Димитар Ковачевски упати честитка до сите граѓанки и граѓани во државата, со порака дека обединети во слободата треба да ги продолжиме перспективите, затоа што историјата не учи дека за секој важен чекор напред, е потребно обединување.

    – Го дочекуваме овој голем државен празник, обединети во едно, заедничко општество дома, како достоинствена членка на НАТО и идна членка на Европската Унија на меѓународен план. Интеграциите се битката на нашата генерација. И затоа повикувам обединети во слободата да ги продолжиме перспективите. Историјата учи дека за секој важен чекор напред е потребно обединување. Граѓаните Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Роми, и сите други, на историскиот референдум на 8-ми септември, 1991-та година, во огромно мнозинство, сплотени, независно од етничките и политичките различности, одлучија да живеат во независна држава. Генерациите од тие 90-ти години мудро ја извлекле поуката од илинденците и асномците, кои се обединиле во борбата – за слободата и државноста – вели премиерот Ковачевски по повод Денот на независноста.
    Ова е пример, истакнува Ковачевски, покажува колку е важно заедништвото и што значи да се има мудро, храбро и прогресивно политичко лидерство, посветено на напредокот на граѓаните и на државата.

    – Денес, исправени пред последиците од пандемијата и војната во Украина со коишто се соочува целиот свет, а тоа се безбедноста и достапноста до храна и енергија, можеме да констатираме дека ние, три значајни чекори направивме навреме. Станавме дел од НАТО и ја осигуравме државата, во најголемиот безбедносен сојуз, каде земјите членки солидарно се штитат меѓу себе. Ги започнавме преговорите со Европската унија гордо и со крената глава, за на истата маса, однатре да ги браниме јасно и гласно и понатаму нашите позиции. Ја основавме, заедно со Србија и Албанија, иницијативата Отворен Балкан, преку којашто осигуравме сериозно подобрување на регионалната соработка, но и развој на нашите економии со шанси за нови придобивки за граѓаните и компаниите – нагласува Ковачевски.

    Пендаровски ќе дели ордени
    По повод Денот на независноста на Република Северна Македонија – 8 Септември, претседателот Стево Пендаровски денеска на свечена церемонија ќе ги одликува со Орден „8 Септември“ македонските спортисти Оливера Наковска-Бикова, Бранимир Јовановски, Шабан Трстена и Дејан Георгиевски.

    Како што соопштија од претседателскиот Кабинет, претседателот ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, во Алејата на великаните на Градските гробишта Бутел во Скопје.

    Мицкоски: Стоиме пред ист предизвик
    Гласот на референдумот ја направи Македонија независна, порача лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

    „Гласот на референдумот ќе ја направи Македонија достоинствена. Пред 31 година одлучивме да бидеме независни, иако и тогаш многу не беа среќни со нашата одлука. Пред 31 година дадовме завет дека ќе направиме сѐ независна Македонија да биде држава со којашто ќе се гордееме. Огромен предизвик беше референдумот за нашата независност. Многу прашања, дилеми и критики имаше и тогаш, но времето покажа дека овој чекор беше историски. Сега, 31 година подоцна стоиме пред ист предизвик. Со референдум да ја зачуваме државата пред обидите за уцени и асимилација, а да продолжиме по патот за Европската Унија. Гласот тогаш беше храброст. Гласот сега ќе е храброст. Нека ни е честит и вековит 8 Септември! Да живее Македонија!“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

    Спасовски: Изградивме држава во која владее правото
    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска упати честитка по повод Денот на независноста на Република Северна Македонија – 8 Септември.

    „На 8 септември 1991 година, ние граѓаните одлучивме да живееме во слободна и независна Македонија и гласајќи за независноста и сувереноста на државата се обврзавме сите да ја градиме нашата татковина, Македонија, со јасна визија во која преовладуваат хуманоста, солидарноста и заедништвото и со јасна цел – дел од евроатлантското семејство“, се вели во честитката.

    Многуте предизвици коишто сме ги надминале во три деценискиот развој на нашата држава, како што наведува Спасовски, ни даваат мудрост да продолжиме со вложувањето во таа мисла за слободна и самостојна држава, за којашто нашите предци го дале најскапоценото – својот живот.

    „И затоа, денеска може слободно да кажеме дека изградивме држава во која има сигурно место за сите нас. Едно општество ослободено од предрасуди, со воспоставена социјална правда, солидарност кон ранливите, грижа за културното наследство, за животната средина. Носиме нови инвестиции, носиме нови знаења, нови технологии, отвораме нови пазари за македонските производи, за повеќе работни места и поквалитетен живот во секој поглед. Изградивме држава во која правото владее неселективно. Создадовме полиција од европски ранг и воспоставивме ред, правда и дисциплина, а државата ја позициониравме како фактор за стабилност и безбедност во регионот“, посочува Спасовски.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img