More

    Дали на земјава ѝ се заканува помор на свињите, ако институциите не преземат дополнителни и многу построги мерки за спречување на ширењето на африканската чума?

    spot_img

    Дали на земјава ѝ се заканува помор на свињите, ако институциите не преземат дополнителни и многу построги мерки за спречување на ширењето на африканската чума?

    Од јануари до денес, и покрај преземените мерки на институциите, болеста е потврдена во 10 општини од граничниот појас со Бугарија и со Србија. Засега големите свињарски фарми немаат проблем со болеста, бидејќи таа се шири кај малите селски одгледувалишта и кај селските домаќинства каде што се одгледуваат по неколку животни.

    Граѓаните и опозицијата реагираат бидејќи сметаат дека државата не се справува добро со болеста, што може да доведе до криза од поголеми размери. Жителите на селата во кои е регистрирана болеста велат дека неосновано се убиваат животните кои ги одгледуваат за да ја поминат зимата, а парите кои треба да ги земат како обесштетување не се сигурни кога ќе ги добијат.

    Според официјалните податоци на Агенцијата за храна и ветеринарство, по појавата на првиот случај на болеста африканска чума кај свињите во село Драмче во општина Делчево во јануари, болеста лабораториски е потврдена во одгледувалишта и во општините Македонска Каменица, Штип, Кочани, Виница, Чешиново – Облешево, Карбинци, Штип, а од неодамна и во населените места во Долно Коњаре, Арбанашко, Љубодраг, Речица и Табановце во општините Куманово и Старо Нагоричане.

    Досега со мерката за уништување на свињите во критичните подрачја беа опфатени 3.500 свињи, од кои 3.344 се евтаназирани, а 156 се пратени на колење во кланици со кои Агенцијата има склучено договори.

    – Досега болеста не е потврдена во големите свињарски фарми, поголемиот број примарни жаришта се регистрирани во некомерцијални одгледувалишта и кај мали комерцијални фарми – информира АХВ.

    Жителите на селата во кои се прошири болеста велат дека во прашање не е само нивна неинформираност и несовесно работење, туку дека институциите недоволно се ангажираат да се ограничи територијата на проширување на болеста. Во неколку кумановски села деновиве се протестираше. Земјоделците обвинија дека им е наложено да се уништуваат и здрави животни.

    – Да има болест, ние ќе ги уништиме. Свесни сме дека е штетно по здравјето, но нема ниту една свиња позитивна. Тие сакаат да уништуваат – обвини претседателот на месна заедница Љубодраг Бобан Лазиќ за време на протестот одржан викендот.

    Од Агенцијата велат дека активноста за уништување на животните се врши согласно препораките за справување со болеста.

    – Согласно решенијата за заштитни и контролни мерки одземањето, убивањето и нештетното отстранување на свињите се спроведува во населените места каде што се потврдени жаришта на болеста, како и во сите контактни одгледувалишта каде не може да се исклучи присуството на болеста, односно каде што постои епидемиолошка врска со друго одгледувалиште од каде може африканската чума да биде внесена кај свињите, како резултат на местоположбата на одгледувалиштето, движењето на лица, свињи или возила или на некој друг начин – велат од Агенцијата.

    Првиот човек на комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ Цветан Трипуновски вели дека состојбата станува алармантна бидејќи африканската чума забрзано се шири.

    – Тоа укажува на фактот дека владата и одговорните институции недоволно и непрофесионално се обидуваат да го спречат ширењето на болеста. Мислам дека уште при појавувањето на првиот случај не беа преземени соодветни мерки со кои ќе се спречи ширењето. Не беше направен заштитен круг во кој сите животни, домашни или диви, требаше да се одземат и уништат. Дополнително, се дозволи и слободно движење на луѓето и продажба на животни што доведе до ситуација во село со исклучиво населено муслиманско население на депонија да се најде пцовисана свиња. Иако предложив полицијата и инспекциите да се вклучат во справување со болеста, тоа не беше прифатено. И сега имаме состојба кога во голем број општини има регистрирани болни животни – вели Трипуновски.

    Тој додава дека државата пропуштила шанса да спречи болеста да влезе во земјава од Бугарија уште во 2019 година.

    – Тогаш ние предложивме повеќе мерки, меѓу кои и уништување на дивите свињи, но тогаш мерките беа слаби и така се дозволи болеста да се префрли и на наша територија – вели тој.

    Трипуновски алармира дека состојбата може да биде уште полоша ако болеста ги зафати и големите свињарски фарми.

    – За среќа, болеста не е проширена и во големите фарми. Ако тоа се случи, тогаш тоа ќе значи катастрофа за целиот сектор кој ги обезбедува целокупните потреби на свежо свинско месо во земјава. Тоа би значело и зголемување на цените на ова месо за 300 отсто бидејќи ќе биде од увоз, а закрепнувањето од една ваква катастрофална состојба би нѐ чинело 10 години – вели тој.

    Трипуновски додава дека и сега состојбата е лоша за најголемиот дел од населението кое одгледува свињи за преживување на зимата.

    – Моментално 4000 семејства се соочуваат со проблем да не можат да ја преживеат зимата. Но ако знаеме дека 70 отсто од домаќинствата одгледуваат свињи за домашна употреба може да се претпостават последиците врз нивниот социјален и економски опстанок – вели тој.

    Според него, државата треба да направи напор отштетата на домаќинствата кај кои е направена евтаназија на свињите навреме да бидат исплатени, за да можат да ја надополнат штетата.

    Од АХВ велат дека се преземени сите потребни мерки, а се работи и на терен со жителите на селата кои се во близина на зоната каде што има заразени животни.

    – Надлежните ветеринарни друштва ги спроведуваат наложените заштитни и контролни мерки согласно донесените решенија од директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство на теренот каде се потврдени жариштата под надзор на официјалните ветеринари. Едукација на фармерите се врши преку едукативни постери, дистрибуирани преку официјалните ветеринари, подготвени и испечатени се прирачници за болеста наменети за официјалните ветеринари, ветеринарните друштва и комерцијалните одгледувачи на свињи. Со цел подигнување на јавната свест за болеста африканска чума кај свињите (АЧС) Агенцијата во подолг период реализира кампањи за значењето на африканска чума и за подигнување на нивото на биосигурност на фармите, која има клучно значење во спречување на ширењето на болеста – велат од АХВ.

    Статистички, дури 60 отсто од свињите во земјава се одгледуваат во индивидуални земјоделски стопанства. Производството на свинско месо тежи околу 100 милиони евра и од свињарството директно или индиректно егзистираат околу 10.000 семејства.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img