More

    Ќе се менуваат условите за јавно-приватно партнерство и за субвенции во земјоделството

    spot_img

    Собранието денеска расправаше по продолженијата на две седници, на 47-та и 50-тата седница. Во рамки на седмото продолжение на 47-та седница, пратениците ја завршија расправата за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, по скратена постапка. Гласањето по овој предлог-закон ќе биде дополнително закажано. Од 47-седница, останати се уште четири точки за расправа.

    Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство промовира нееднаквост и правна несигурност. Има и нееднаков третман на стопанските субјекти. Законот е паушален, премногу субјективен и ова законско решение ќе биде контроверзно и податливо за злоупотреби.

    – Овој закон промовира нееднаквост. Ние имаме само усна изјава од министерот, без законско прецизирање, дека тој ќе се однесува за продолжување на концесијата за воздушен сообраќај и авионски услуги на компанијата ТАВ. Ако законот е за тоа, тогаш тоа треба и да се наведе, да не се сведе само на изјава на министерот, која утре ден може да биде сосема неважна – вели Антонио Милошоски од ВМРО ДПМНЕ.

    Според него, законот, покрај тоа што промовира нееднаквост и правна несигурност, му дава и преголеми овластувања на министерот за економија, кој согласно законското решение, ги пропишува условите за продолжување на концесија.

    Со измените и дополнување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, по исклучок се дава можност за продолжување на рокот на договорот поради настан кој не е по вина на концесионерот и кој не можел да се предвиди со склучување на договорот и доколку тој настан влијае на предметот на договорот со последици на финансиското работење на концесионерот, како на пример ковид-кризата.

    Во ваков случај концесионерот може да бара продолжување на рокот на концесијата само доколку достави  детален финансиски извештај до концедентот со кој ќе го оправда продолжувањето на рокот на договорот поради финансиска загуба поради таквиот настан. Концедентот може да даде согласност за склучување на анекс на договорот за продолжување на рокот на концесијата, но не подолго од две години, доколку постои оправданост за тоа и доколку до истекот на концесијата има најмалку пет години од денот на влегувањето во сила на законот.

    Во рамки на 50-тата седница, пратенците ја завршија расправата за Предлог-законот за земјоделство и рурален развој, во прво читање. Гласањето ќе биде дополнително закажано.

    Според предлагачот, основната цел поради која се предлага изменување на Законот за земјоделство и рурален развој е со цел интеграција на аплицирањето за финансиска подршка во земјоделството и руралниот развој кај еден орган во државната управа, олеснување на функционирањето на системите за аплицирање за финансиска подршка со цел намалување на административните процедури и намалување на можноста за грешки во системот.

    Пратеникот Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ забележа дека покрај позитивните работи од измените и дополнувањето на законот и придобивките од дигитализацијата, спорно е што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ќе нема доволно контрола врз системите.

    – Добро е што постапката за добивање на субвенции, ќе биде поедноставена, ќе биде дигитализирана. Тоа е апсолутно за поддржување. Секое поедноставување на процесите им е потребно на граѓаните, во оваа ситуација на земјоделците. Но, мене ми пречи една работа, а тоа е што Министерството за земјоделство ќе нема контрола врз системите. Ја препушта својата контрола на орган кој е на многу пониско ниво. Главните системи мора да бидат под капа на ресорното Министерство – смета Трајанов.

    Според него, ако министерството има целосна контрола врз системите, тоа ќе може да следи што се случува со распределбата на субвенциите.

    По завршувањето на расправата за измени и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, претседателот на Собранието Талат Џафери закажа продолжение на 54 седница за утре во 12 часот.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img