More

    Земјоделците затекнати од најавата дека државата ќе дава под закуп приватни ниви

    spot_img

    Државата прво да го расчисти сопствениот двор, да види што се случува со веќе распределеното државно земјоделско земјиште дадено под закуп, да види со колкави површини располага, па потоа да размислува привремено да одзема приватно земјиште за да го издава под закуп. Дополнително, Министерството за земјоделство треба да знае дали сè уште има луѓе кои сакаат да работат на нивите, а ако нема да измисли како да ги стимулира.

    Ова е првична реакција на земјоделци и познавачи на состојбите во земјоделството по изјавата на министерот за земјоделство Љупчо Николовски дека планира нови измени на Законот за земјоделско земјиште со кои ќе се овозможи државата привремено да одзема приватно земјоделско земјиште кое не се обработува и да го издава под закуп.

    Сопственици на ниви кои не ги обработуваат велат дека државата не може да управува со земјиштето во нејзина сопственост па сега посега по индивидуална сопственост.

    – Неприфатливо е државата плодни ниви да дава за изградба на секакви објекти, од спортски центри, па сѐ до фотоволтаици, и потоа да бара да ѝ ја дадам мојата нива да ја даде на некој да ја обработува за да произведе храна за државата. Значи, државата може да прави што сака со своите ниви, а јас со мојата не смеам да правам што сакам. Срамота, со години дозволуваат во плодното Полошко поле да се градат фирми, трговски комплекси, куќи, сѐ и сешто, а сега ќе бараат мојата нива која не можам да ја обработувам да им ја дадам за да земаат закуп и да ја полнат државната каса – вели револтиран граѓанин од Тетовско.

    И земјоделските здруженија се збунети од фактот дека државата ќе зема приватна земја за да ја дава под закуп, а не ја распределила сопствената површина. Тие сметаат дека државата треба да посвети поголемо внимание на земјоделството и да ја намали увозната зависност од храна.

    – Една ваква намера е добра и оправдана во услови кога сакаме да бидеме независна држава од увоз на храна пред сè жито, но државата прво треба да го расчисти сопствениот двор и да види каква е состојбата со земјиштето кое веќе го дала под закуп, колкави површини има на располагање и потоа да најавува вакви мерки. Има многу случаи кои добиле државно земјиште и не го обработуваат, од различни причини. Нив треба да им се одземе и да се даде на некој што сака да работи. Дури потоа, кога ќе ги исцрпи сите можности може да зема земјиште во индивидуална сопственост и да го распределува – вели Петре Стојановски од Асоцијацијата на земјоделци.

    Според него, ако се одлучи на ваков чекор државата ќе мора дел од закупот да им го дава на сопствениците на земјиштето.

    – Бидејќи има трошоци при организирање на распределбата, државата ќе треба да земе дел од таа закупнина, но остатокот ќе мора да го даде на сопствениците на земјата. Во спротивно ќе треба да биде подготвена на реакции и незадоволство кај сопствениците на земјиштето – вели тој.

    Ристо Велков од Синдикатот на земјоделци од Струмица, пак, вели дека по низа нелогични потези направени изминатиот период во земјоделството со кои плодно земјоделско земјиште се пренамени за градба и се направија индустриски зони, сега неправилно се посега по приватно земјиште.

    – Државата направи грешка кога добро не го регулираше правото на општините да пренаменуваат земјоделско земјиште во градежно. Така плодно земјиште стана индустриска зона, а наместо да се произведува храна сега ќе се произведува струја од сончева енергија. Многу лоши решенија се направени во однос на формирањето на цената на земјоделското производство, се најавија и не се формираа откупни центри, а стимулациите се несоодветни. Земјоделецот работи, а не заработува. Сепак, главен проблем тука е кој ќе работи на тоа земјиште кое сопствениците го напуштиле поради тоа што немале приход од него и заминале во странство. Повторно ќе кажам дека нема стимулативни мерки за да ги привлечат младите да останат во земјава и да работат на нивите. Тоа е така бидејќи овој сектор го водат луѓе што најмалку ги познаваат работите во земјоделството и донесуваат одлуки кои не се во прилог на развојот на земјоделството – вели Велков.

    Тој смета дека секоја иницијатива или одлука на Министерството за земјоделство, прво треба да оди на разгледување кај земјоделците за да се види со какви проблеми ќе се соочи државата кога ќе воведе некоја мерка и каков ќе биде ефектот за неа.

    Цветан Трипуновски, поранешен дополнителен заменик министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и претседател на комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ вели дека не е проблем да се обезбеди земјоделско земјиште за распределба, бидејќи државата располага со површини кои се во нејзина сопственост, но затоа е проблем како да се натераат граѓаните да го обработуваат тоа земјиште.

    – Нејасно е зошто министерот за земјоделство најавува дека ќе дава под кирија земјоделско земјиште во приватна сопственост, бидејќи државата располага со сопствени ресурси кои не се искористени. Дури откога ќе се распредели тоа земјиште и ако има потреба, тогаш може да се размислува за земање на приватно земјиште на луѓе кои не го обработуваат, кои се во странство и поради одредени причини не го обработуваат тоа земјиште, но за тоа ќе треба да се определат стандарди и јасни услови. Сега имаме огромни земјоделски површини во државна сопственост кои не се обработуваат. Дел од тие површини поради пренамена за градежни објекти за изградба на фотоволтаици и други стопански објекти се изгубени за производство, а за дел имаме неуспешна реализација на повици поради технички грешки на Министерството во кои се оштетени граѓаните кои фрлија пари за подготовка на елаборати за да аплицираат за тоа земјиште. Сега кој ќе аплицира за тоа земјиште? – вели Трипуновски

    Според него, поголем проблем е како да се стимулираат граѓаните да се занимаваат со земјоделство.

    – Државата треба да работи како да ги стимулира граѓаните што сакаат да го обработуваат тоа земјиште. И не да им бара закуп за тоа, туку да го даде бесплатно да го работат што е во прилог на државата – додава тој.

    Податоците кои ги презентира министерот Николовски се дека во земјава има 540.000 хектари земјоделско земјиште од кои моментно не се обработуваат 85.000 хектари државно земјиште. Дополнително 90.000 хектари необработена земја е во приватна сопственост.

    Годинава, според министерот, потпишани се 1.500 договори за закуп на земјоделска површина и тоа му дало за право да размислува дека и приватното необработено земјиште во кризни услови може да го земе државата и да го дава под закуп.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img