More

    Во вилата „Билјана“ повторно ќе се крои иднината на Западен Балкан

    spot_img

    Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти утрово пристигнаа во комплексот „Билјана“ во Охрид, каде денеска треба да продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина посветен на нормализација на односите, што се одржува под покровителство на Европската Унија, а чиј домаќин е премиерот Димитар Ковачевски.

    Денешните разговори, на кои ќе присуствуваат и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, се продолжение на дискусијата од 27 февруари во Брисел на која беше договорен текстот на првичниот план за нормализација на односите меѓу двете земји. Официјален Брисел очекува на средбата да се усогласат ставовите за имплементацискиот анекс на договорот, што се смета за составен дел на документот.

    Од 2011 година Србија и Косово се ангажирани во дијалогот инциран и предводен од Брисел. Во 2013 година тогашните премиери на двете земји, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, го постигнаа т.н. Бриселски договор, но многу елементи од него останаа неимплементирани до денес. Главниот камен на сопнување во процесот е формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово, што Приштина одбива да го спроведе, стравувајќи дека тоа ќе создаде ентитет сличен на Република Српска во земјата, што потоа ќе ја загрози нејзината функционалност.

    Според најавената агенда на разговорите во Охрид, прво се предвидени одвоени средби на високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Борел, и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Лајчак со двете делегации, а потоа е предвидена и заедничка средба. По завршувањето на средбите во вилите „Билјана“ и „Охрид“, најавено е обраќање на Борел пред медиумите.

    Средби со Борел и со Лајчак ќе има и премиерот Ковачески, а најавени се и тет-а-тет средби со Вучиќ и со Курти.

    За средбата има голем интерес кај медиумите од регионот и од целиот свет, акредитирани се дури 230 новинари и сниматели.

    За време на одржувањето на состанокот на подрачјето на Охрид на сила ќе бидат соодветни безбедносни мерки, со физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците и на други објекти.

    Очекувањата на Брисел

    Официјален Брисел очекува на средбата да се усогласат ставовите за имплементацискиот анекс на договорот, што се смета за составен дел на документот.
    – Доколку тоа се случи… тогаш Западниот Балкан ќе слави голем чекор напред кон патот на Европската Унија. Договорот ќе ги постави нивните односи на нова поодржлива основа и ќе обезбеди дека дијалогот ќе продолжи на неговата траекторија кон целосна нормализација – рече Борел завчера во Тирана, каде што учествуваше на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација ЕУ – Албанија.

    Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пред патувањето за Охрид изрази надеж дека ќе имa пристоен разговор, со можност да се придвижат работите, но и дека не доаѓа тука со пораки, бидејќи кажал сѐ што имал пред специјалните претставници за дијалог од ЕУ и од САД, Мирослав Лајчак и Гарбиел Ескобар.

    – Не патувам за Охрид со пораки, туку ги застапувам интересите на државата Србија и нашиот народ на Косово и Метохија. Се надевам на пристоен разговор и дека ќе можеме да ги придвижиме работите, а дали тоа ќе се случи или не, не сум премногу оптимист. Што се однесува до Србија, Србија е секогаш подготвена да разговара за компромисни решенија, сѐ друго знаете, ништо не е сменето од парламентарните дискусии и заклучоците до кои дојдовме – рече Вучиќ.

    Косовскиот премиер, Албин Курти, и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар во Приштина разговараа за денешната средба во Охрид, при што Курти им се заблагодари на САД и на Ескобар за нивната посветеност и придонес во дијалогот меѓу Приштина и Белград.

    Ќе има ли целосна нормализација на односите меѓу двете земји?

    Владата во Приштина соопшти дека предлогот на ЕУ е „прифатен од Косово како добра основа и солидна платформа за движење напред кон целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија, со взаемно признавање “.

    „Посветена, конструктивна и креативна, делегацијата на косовската влада со добра волја и добри намери патува во Охрид“, беше наведено во соопштението.

    Косово прогласи независност од Белград во 2008 година, што беше признато од повеќето земји на ЕУ, со исклучок на Грција, Шпанија, Романија, Словачка и Кипар.

    Косовскиот премиер, Албин Курти, смета дека основниот договор меѓу Косово и Србија претставува напредок кон взаемно признавање меѓу двете држави.

    – Сметаме дека целосната нормализација на односите бара такво признавање како централна точка на договорот – вели тој.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img