More

    Цената на огревното дрво се движи кон 100 евра за кубик

    spot_img

    Како што се приближува грејната сезона цената на огревното дрво полека се приближува до 100 евра за метар кубен зависно од квалитетот и видот на дрвото. Моменталната цена е скоро иста со ланската постигната пред одлуката на владата да ја замрзне во ноември. Во повеќето скопски складишта таа се движи од 4.500 до 5.400 денари и повеќе за кубен метар. Дел од складиштата во цената го пресметуваат превозот, а дел од нив за помали количини, на пример до 3 кубни метри наплаќаат 200 денари превоз, а за количини од 5 кубни метри и нагоре не наплаќаат за превоз.

    Граѓаните кои досега не се снабдиле со огрев велат дека веќе ги фаќа паника дека ќе мора да платат и повеќе од 6.000 денари за кубен метар, бидејќи ако се повтори ланската година цената во септември и во наредните месеци ќе оди нагоре.

    – Проверувам во повеќе складишта, а цената се движи околу 5.000 денари, некаде и повеќе. Ќе мора да реагирам брзо за да не се зголеми цената. Сега има дрва доволно, но за некој ден може и да ги снема, дали намерно или вистина нема да ги има знаат само трговците. Лани купив огрев уште пролетта, но годинава такви ми беа приликите и морав да го одложам купувањето до сега – вели граѓанин.

    Складиштата во овој период од годината се полни со огревно дрво и испораките ги прават истиот ден или наредните според тоа како ќе се договорите со купувачот. Сепак, никој не гарантира дека цената која е актуелна сега ќе остане и во текот на следните месеци.

    – Интерес има, а и дрва има. Цените секаде низ Скопје се речиси идентични 4.500 денари со превоз. Засега има доволни количини што се олесни со зголемената продажба на пелети кои ги има годинава. Дали ќе има зголемување на цената не можеме да кажеме бидејќи сè зависи од владата – вели сопственик на складиште.

    Во друго складиште, пак, велат дека цената од вид до вид дрво се разликува за 100 денари, а испорачуваат исечено дрво.

    – Може да купите чисто дрво само од еден вид, а може и да ги мешате. Цената е 5.200 денари за кубен метар даб и 5.100 денари за буково дрво заедно со сечењето, ако купите од 5 кубни метри нагоре, а под тоа цената е 5.400 денари бидејќи превозот за помали количини се доплаќа и чини 200 денари. Дрво имаме на лагер и може уште истиот ден да му го испорачаме на купувачот – велат од друг скопски склад.

    Сопствениците на складови се жалат дека тешко доаѓаат до работници и нивната цена секоја година расте, како и цената на горивото, поради што и цената на огревното дрво расте.

    Во складиштата на ЈП Национални шуми годинава важат ланските цени. Таму кубен метар даб и багрем се продава по цена од 3.564 денари, буката по 3.444 денари, а јавор, јасен и брест по 3.243 денари.

    И годинава Национални шуми имаат испорака на рати за одредена категорија граѓани во земјава, а веќе од почетокот на годината ги потпишаа договорите за сеча со одделни трговци со огрев за сеча во шумите во земјава. Дел од огревното дрво го обезбедуваат и граѓаните сами преку добивање дозволи за сеча во сопствена или во државна шума.

    Според планот, годинава ЈП Национални шуми треба да произведе вкупно 556.808 кубни метри огревно дрво и отпад собрани по сечата. Дали ќе го постигне планот не се знае. Секоја година претпријатието реализира помалку од планираното, што се одразува и на пазарот во вид на недостиг.

    Лани во ноември владата реагираше кога цената на огревното дрво наеднаш скокна за 2.000 денари и достигнаа 5.300 денари за кубен метар. Таа ја ограничи цената до 4.500 денари за метар просторен, односно до 6.429 денари за метар кубен. Највисоката цена на пелетите за огрев беше утврдена до 27 денари за еден килограм. Во цената беше вклучен ДДВ и транспортот. Мерката траеше до 31 декември 2022 година.

    Дел од граѓаните и годинава ќе се греат на пелети чија цена се движи од 275 денари до 432 денари за вреќа од 15 килограми зависно од продажниот објект од кој ќе ги купат.

    Брикетите, пак, годинава достигнаа и цена од 435 денари за пакување од 10 килограми.

    Вообичаено за греење од 6 месеци во земјава се трошат од 3 до 10 кубни метри дрво или најчесто до 7 кубни метри. Тоа значи дека за огрев на дрво граѓаните ќе треба да издвојат од 13.500 денари до 45.000 денари за 10 кубни метри по најниската цена од 4.500 денари и од 16.200 денари до 52.000 денари за 10 кубни метри ако ги купат дрвата по цена од 5.200 односно 5.400 денари.

    Ако дрвото се замени со брикети тогаш 1 тон брикети заменува 4 кубни метри дрво.

    Годишна потрошувачка за пелети за загревање на куќа се движи до 2 тони пелети.

    Со дрво се греат 49 отсто од домаќинствата во земјава.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img