More

    Сведоштва кои ќе ви ја откријат „женската“ страна на војната за која не сте слушнале

    spot_img

    Ако некогаш сте се прашувале како изгледала војната погледната со женски очи и доживеана од страна на жените воини, тогаш задолжително треба да ја прочитате книгата „Војната нема женско лице“ (Антолог, 2016) на нобеловката Светлана Алексиевич. Ќе останете со горчина во душата и само ќе ви се потврди мислата дека секоја војна е залудна и дека сечиј живот е евтин и уништен – и на загинатите и на преживеаните.

    Токму за траумите што ги доживеале младите девојки од некогашниот Советски сојуз кои верувале во идеали, ја сакале татковината и ги ризикувале своите животи за Победата, пишува Алексиевич во својата книга, која ја сместува во жанрот роман од гласови, а која е годинашен добитник на наградата „Bookstar“ што се доделува меѓу два книжевна фестивала од издавачката куќа „Антолог“.

    Нејзините соговорнички најчесто заминувале во војна како 16 и 17-годишни девојки. Самите се пријавувале во воениот комитет, дури и лажеле за возраста само за да бидат примени во војска. Ниедна од нив не знаела што ја чека таму – на толку посакуваната прва борбена линија на фронтот. А таму најчесто имало студ, глад, жед, смрт и толку многу крв што подоцна речиси сите добиле аверзија кон црвената боја и никогаш не се облекувале во црвено.

    Опиени од омразата кон непријателот, љубовта кон татковината и жедта за одмазда на загинатите родители или браќа, девојките храбро јуришале кон смртта и кон победата. Тие биле и снајперистики, и сестри, и санитарки, и готвачки, и перачки, и командантки, и хирурзи, и секретарки, и минерки, и љубовници… Колку и да загубиле од својот изглед, истрижани кратко и облечени во машки гаќи, машки униформи и огромни војнички чизми, важно им било да ги негуваат убавината и љубовта. Та дури и да жртвуваат две јајца за да ги светнат калливите чизми среде голем недостиг на храна.

    Тие сведочат дека љубовта што заискрила меѓу пушките е трајна и дека биле склучени многу бракови по војната. Но, имало и поинакви приказни, а впечатлива е таа на санитарката Софија која била вљубена во оженетиот командант со кого забременила и потоа самостојно ја одгледала нивната ќерка. Таа вели: „Заврши војната – заврши и љубовта. А јас не сакав да заврши војната. Луда сум. Љубев!“.

    Пред микрофонот на Алексиевич се озвучуваат гласовите на животот изречени од советските жени кои сведочат како ги загубиле нозете, како извлекувале ранети од рововите, како се бранеле од сексуално насилство, а по војната се бранеле од предрасудите на соседите и од прогонувањата на Сталин.

    Во војната половина си човек, а половина си ѕвер“, „Од војната не се излегува ист“, „Пробај најди добар човек во војна“, „Сакам барем еден ден да проживеам без војна“, „На мажите им припадна војната, а нас нѐ гледаа со сосема други очи. Ни ја украдоа Победата. Не ја поделија Победата со нас. Тоа беше навредливо“, „Никому не кажуваме дека сме војувале на фронтот“, „Страшно е да се сеќаваш ама уште пострашно е да не се сеќаваш“, „За мажење сум била мала, за војна – не“, „Смее ли војната да се случи без мене?“, „Смртта по Победата е најстрашната смрт“… се дел од репликите кои ги снимила Алексиевич на нејзините средби со преживеаните советски воинки во Втората светска војна.

    Но, за жените воини војната не завршила со Победата, тогаш за нив почнала нова војна. Тие допрва требало да се описменуваат, да се образуваат, да се разубавуваат, да стануваат жени, да учат да одат, да се мажат, да раѓаат. Најчесто биле осудувани и омаловажувани за низок морал додека биле на фронтот и по сѐ што преживеале биле принудени да лажат дека биле во војна – ги кинеле наградите и документите за да се спасат од осуди, за да можат да се вработат и да живеат нормален живот – а потоа не можеле ни воена пензија да земат.

    Како што заклучува Алексиевич, војната брзо го создавала својот лик врз луѓето и цртала свои портрети. Дел од тие портрети таа ги „озвучила“ во својата книга која за првпат е објавена во 1985 година, а во 2002 година е дополнета и преработена со делови кои првично биле цензурирани.

    Сега ја разбирам осаменоста на човекот што се вратил оттаму (од војната н.з.). Како од друга планета или како од оној свет. Тој има познавања што ги немаат другите, познавања кои можат да се стекнат само таму, во близина на смртта“, вели Алексиевич.

    Благодарение на овие живи и уверливи сведоштва, читателот останува со заклучокот дека војната има горчлив вкус и дека мотивите за неа тешко може да се проголтаат, особено ако минат низ филтерот на поинакви цивилизациски вредности според кои жедта за моќ преку пролевање крв ќе се задуши со моќта на разбирањето, љубовта и возвишеноста на животот.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img