More

    Русија забрани увоз од земјава, земјоделците загрижени, власта молчи

    spot_img

    Јаболкото ќе остане непродадено ако потрае одлуката на Русија за забрана на увоз на растителни производи од земјава поради кафената мермерна бубачка, велат овоштари од Ресенско. Тие се сомневаат дека проблемот е од друга природа бидејќи не веруваат дека во контингентите со јаболко го имало инсектот.

    Љубе Пампулески претседател на Здружението на овоштари од Ресен вели дека последиците од ваквата одлука на Русија допрва ќе се видат, но се надева дека проблемот ќе се реши набрзо, ако не е произлезен од политички и геополитички причини.

    – Не знам како бубачката се нашла во јаболката кои се извезуваат од земјава. Дали стигнала директно од овоштарниците или преку препакување во друга земја? Дали е една или повеќе бубачки? Руската агенција има и фотографии како доказ кои ги приложува, но знам дека ова е неповолно за земјоделските производители од земјава кои извезуваат во Русија. Загрижува и фактот што покрај јаболката во кои е најдена бубачката се забранува увоз и на другите растителни производи од земјава што не е добро за извозот – вели Пампулески.

    Тој очекува проблемот да се реши и извозот да продолжи.

    – Ние имавме извоз на земјоделски производи и лани кога се воведоа санкциите кон Русија, а имавме и досега. Верувам дека проблемот ќе се реши брзо – додава Пампулески.

    Овоштарите се загрижени бидејќи јаболкото ќе им остане непродадено.

    – Многу е лоша состојбата бидејќи 70 отсто од нашето производство одеше за рускиот пазар. Ако ова остане за трајно не знам каде ќе ја пласираме јаболката. Сега сме оставени да извезуваме само мали количини во Косово и во Бугарија и незначителни во Црна Гора и во Босна и Херцеговина. Русија е нашиот најдобар партнер и по тоа што добро и навремено ги плаќа извезените количини – вели Бесник Османи, овоштар од ресенското село Крани.

    Агрон Реџепи од компанијата „Матрикс груп“ која извезува јаболко во изјава за порталот Агроном вели дека бубачката е најдена во неколку камиони на почетокот на пласманот.

    – Најдена во сезона на берење, кога директно се пакуваше. Проблемот е пред 20 дена и повеќе. Има наезда точно, но ја има во цела Европа, ја има и во Србија и во другите земји. Зошто е ставена забраната само за нас, не знаеме – вели тој.

    Тој посочува дека ваква појава имало и претходно и досега немало ваков проблем.

    Плусинфо праша и во Министерството за земјоделство и шумарство и во Фитосанитарната инспекција за тоа како се случи бубачката да стигне во Русија и покрај проверките и како што ова ќе се одрази на извозот на земјоделски производи, но не добивме одговор.

    Кафената мермерна бубачка позната уште како смрдливка не носи никаква опасност за човековото здравје, но ги напаѓа растенијата. Оваа бубачка бидејќи не лета тешко се раселува надвор од регионите каде што живее и брзо се размножува и ги напаѓа растителните видови. Единствен начин да се расели е преку пренесување.

    Тоа, пак, беше и причина, барем како што беше соопштено, Русија привремено да го запре увозот на растителни производи од земјава и од земјите преку кои се извезуваат наши производи.

    Во соопштението на руската агенција за храна Роселхознадзор стои дека од 1 декември се забранува увоз во Русија на растителни производи од Република Македонија и производи со потекло од оваа земја, но увезени под фитосанитарни сертификати од други држави. Мерките се преземени поради идентификација на исклучително опасен, за Русија и земјите членки на Евроазиската економска унија инскет – кафена мермерна бубачка (Halyomorpha halys) во јаболка увезени од Македонија.

    Од агенцијата наведуваат дека кафената мермерна бубачка е опасен штетник кој им се заканува на различни видови земјоделски производи, што може да доведе до намалување на приносите до 80 отсто од вредните култури, вклучително и житарките и овошјето.

    Од извоз на јаболка земјава годишно остварува од 10 до  25  милиони долари зависно од годината. Најголем приход од овој производ е остварен во 2016 година кога се остварени повеќе од 24 милиони долари.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img