More

    Раководителите си добија повисоки плати, а на работниците ќе им ги тестираат нервите

    spot_img

    Преговорите за општиот колективен договор за јавниот сектор влегоа во ќорсокак откако на маса беа ставени предлозите на синдикатите и на владата за пресметката на платата. Моментално се чека симулацијата според двата предлога која треба да ја подготви Министерството за финансии по што ќе следува анализа и преговори околу тоа кој од предлозите е подобар за работниците.

    Од Синдикатот на УПОЗ велат дека синдикатите нема да отстапат од намерата по усвојувањето на методологијата за пресметка на плати таа веднаш да стапи на сила за да ги добијат работниците зголемувањата на платите, наместо да каскаат и со доцнењето на исплатата, како и со висината на процентот на зголемување зад функционерите и раководниот кадар во институциите кои веќе примаат плата по одлуката на Уставниот суд.

    – Поминаа две недели и ние уште чекаме симулација за износите на платите според предлозите од економско социјалниот совет. Кога ќе бидат готови овие симулации не се знае, но ние нема да отстапиме од намерата новата методологија да почне да се применува веднаш – вели претседателот на синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски.

    Предлогот на синдикатите кој во основа го прифати и владата е пресметката на платите да се врши според висината на просечната бруто-плата помножена со коефициентот за сложеност на работа, стажот и законските додатоци.

    Синдикатот пресмета дека ако се прифати нивниот предлог тоа за работниците во јавниот сектор би значело зголемување на платата од месецот на донесување на методологијата за пресметка.

    – Со нашата методологија помладиот соработник, доколку се потпише веднаш, ќе добие 33 270 денари. Тоа значи дека тој би добил плус од 9 до 10 илјади денари на сегашната плата – вели Деаноски.

    Владата предлага основица за пресметка на платата да биде минималната плата која се множи со коефициентот, а се додаваат и стажот и надоместоците.

    – Понудата на Влада е зголемување на платата да оди постепено и за 4 до 5 години да се добие очекуваниот износ. Четири години, колку што предлага владата да трае и општиот колективен договор, а со тоа и методологијата на пресметка на плата, е долго време да се чека за едно добро зголемување. Дополнително владата предлага методологијата да важи по една година, односно од март следната година, што пак е губење пари за работниците бидејќи тие зголемување ќе земат дури во март следната година. Ние тоа не го прифаќаме. Но ќе видиме што ќе се случува во следниот период. Прво треба да дојде симулацијата од Министерството за финансии – вели Деаноски.

    Пресметките на владата кои ги пренесе деновиве вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи се дека нејзиниот предлог е подобар за работниците во јавниот сектор.

    – Методологијата што ја понудивме ние е сите плати во јавниот сектор да се дефинираат според минималната плата како основна, плус бод, плус помножена со вредност на бодот. Тоа е една методологија во која се содржи и проекција како платите би растеле во следните 4 години. По оваа методологија по која ги имавме деталните калкулации, еден помлад соработник со високо образование, со сегашна плата од некаде 24 000 денари би требало за 4 години да постигне основна плата од 38 000 денари, плус додатоците што му следат – вели Битиќи.

    Битиќи тврди дека двете методологии водат до исто решение.

    – Да, просечната плата е повисока од минималната, но коефициентите на сложеност се детерминирани. Највисокиот е оној на претседателот на државата или на Уставен суд во висина од 5. Решението што сега е дадено од Синдикатот е полошо од нашето решение. Ако според нашите проекции помладиот соработник за 4 години би зел 38.000 денари плата, според коефициентот што го понуди синдикатот од 0,8. тој помлад соработник би зел 27 000 денари плата, дури и да има проекција на раст на просечната плата. Еве просечната и да порасне на 40 000 денари, коефициентот секогаш ќе ја намалува и таа на помладиот соработник ќе изнесува 32.000. Ние велиме со нашата методологија ќе зема 38.000 – вели Битиќи.

    Но од синдикатот велат дека вицепремиерот прави пресметка со одложена примена на методологијата, а синдикатот со нејзина примена веднаш па разликите се очигледни.

    И двете страни очекуваат на економско социјалниот совет да го донесат вистинското решение, но прво ги очекуваат симулациите. Од тоа колку долго ќе се чека на подготовката на симулациите за изгледот на платите и почетокот на примена на новата методологија ќе зависи и колку долго работниците во јавниот сектор ќе чекаат да добијат повисоки плати.

    Едно е сигурно дека тие со месеци подоцна од нивните претпоставени ќе го добијат очекуваното покачување кое ќе биде и далеку процентуално пониско. Тоа ќе биде предизвикано од постапката за потпишување на општиот колективен догово и на колективните договори по сектори кои треба да се потпишат по него.

    Во меѓувреме некои самостојни синдикати веќе ги повикаа работниците на протести за зголемување на платите. Еден од протестите е закажан за утре на просветните работници кои ќе бараат да се почитува веќе потпишаниот колективен договор и да се зголемат нивните плати.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img