More

    Пендаровски го нарече Џамбаски „политички шарлатан“

    spot_img

    „Ако ти велиш јас ќе дојдам со организиран превоз и ги повикам сите Бугари во Македонија, надвор од Македонија да доаѓаат илјадници да им покажеме кои се овие кои не знаат кои се, а од друга страна имаш – тоа е закана за јавниот поредок. И тоа е закана за националната безбедност за Македонија“.

    Со овие зборови претседателот Стево Пендаровски во интервју за Топ тема на Телма објаснува што значи да прогласиш некого за персона-нон-грата. Тој јасно укажува дека тоа се однесува на личности кои се закана за националната безбедност. Тој вели дека постои дистинкција помеѓу оние кои се декларираат како Бугари и кои имаат право да го тврдат тоа и меѓу оние за нас Македонците како народ велат дека ние не сме Македонци.

    – Сакам да го појаснам она што го кажав на прес-конференцијата  по Советот. И гледам дека некои од овие познати експерти, аналитичари, професори, па и политичари кои го разбираат бугарско-македонскиот комплекс што трае децении наназад не ја гледаат таа дикстинција. Јас не барам протерување, не се битни имињата, не барам протерување, и не барам забрана за доаѓање во Македонија на лица кои велат дека ние сме Бугари. Имаат право да го викаат тоа. Ние одиме со тоа да одиме со санкции кон лица кои тврдат дека ние не сме Македонци, тука има многу за санкционирање. Значи ваква мерка персона-нон-грата никаде во светот не се презема заради политичка изјава – изјави Пендаровски и додаде: 

    – Значи повторувам тој тип што го споменувате не ми пречи колку и да вика во центарот на Скопје дека јас не сум Македонец. Само се брука, тоа се политички шарлатани, циркузанти кои кажуваат работи кои целокупната светска наука на прво место, а како второ чувствата на македонскиот народ ги демантираат. Меѓутоа, ако ти велиш јас ќе дојдам со организиран превоз ги повикам сите Бугари во Македонија, надвор од Македонија да доаѓаат илјадници да им покажеме кои се овие кои не знаат кои се, а од друга страна имаш тоа е закана за јавниот поредок. И тоа е закана за националната безбедност за Македонија – рече Пендаровски додавајќи дека во таков момент би реагирал и би препорачал таков сет мерки кон Владата.

    Борисов кон Џамбаски се однесуваше како кон „последно дупче на свиралче“

    Претседателот Стево Пендаровски вели дека не се чувствуа загрозен за личната безбедност по изјавите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.

    – Се шегував на оваа тема, само треба да ги изгаснеме светлата, затоа сме на една ваква локација, длабоко во шума скриени и секоја вечер откако Џамбаски ја даде таа изјава, спијам во различен стан. Се разбира, се шегувам, одговори Пендаровски на прашањето дали се чувствува безбеден.

    Пендаровски додаде и дека и не е подигнато нивото на готовност, за неговата безбедност.

    – Новиот Владо Черноземски, како што самиот се претставува, беше во оваа иста сала, пред три години, кога беше дел од делегацијата предводена од Бојко Борисов, за 2 Август. Него практично го немаше нигде, и Борисов, кој тогаш беше премиер, кон него се однесуваше како последно дупче на свиралче. Апсолутно не му даде да зборува. Само во еден момент кога ме праша Борисов што препорачуваш, што забележуваш од наша страна, а тоа беше првата година после затоплување на односите, кој го расипува овој тренд, јас му кажав овие што седат лево и десно од тебе, Ковачев и Џамбаски, затоа што од сабајле до вечер на Фејсбук пишуваат против нас. Потоа тој се сврте накај Џамбаски и му рече „Од утре ниедна објава на Фејсбук, разбра? – кажа Пендаровски.

    Ве уверувам, на лицата со лоши намери нема да им биде дозволен влезот

    Мојата препорака до нашите партнери беше дека треба да сугерираат ни во Софија да не се помага, односно да не се поттикнуваат организирани транспорти до нашата граница за 4 февруари. Ве уверувам, постојат претходни сознанија за многу лица со лоши намери кон нас, и на нив нема да им биде дозволен влезот во државата, истакна претседателот.

    Според претседателот, добро ќе е и Бугарија како наш сосед, да не поттикнува организирање на вакви конвои.

    Претседателот сепак останува на ставот дека 4 февруари ќе помине во атмосфера каква што доликува, во црквата „Св. Спас” и во околината, и дека ќе го чествуваме тој ден како што доликува на една цивилизирана демократска држава.

    – Убеден сум дека надлежните органи ќе преземат се што е во нивна моќ да го поминеме 4 февруари на начин на кој ќе уште еднаш ќе бидеме претставени како држава која толерира различности, но не толерира навреди врз сопсѕтвениот народ – додава Пендаровски.

    Одредени политичари во Бугарија го искористија случајот со Пендиков за поени

    Одредени политички субјекти во Бугарија, локалниот инцидент во Охрид се обидуваат да го стават во политички контекст и да го политизираат за да добијат политички поени на краток рок, смета претседателот Стево Пендаровски.

    – Ова им е единствена храна со која се хранат и само со таква радикална агенда можат да добијат едно или две места во бугарскиот Парламент. Со злоупотреба и политизација на овој случај можеби ќе успеат – додава Пендаровски.

    Реакцијата на Гир за Џамбаски беше доволна, тоа е и ставот на ЕУ

    На прашање за отсуство на реакции за изјавите на Џамбаски, Пендаровски вели дека имаше јасна осуда од евроамбасадорот Гир.

    – Тој рече дека таква реторика не е прифатлива кон шеф на една суверена држава и сметам дека тоа е повеќе од доволно, бидејќи тоа и е европски став – дециден е Пендаровски.

    Според претседателот, станува збор за историски наративи или разбирање на односите меѓу нашата држава и Бугарија.

    – Станува збор за историски наратив или разбирање на односите меѓу Македонија и Бугарија кое датира од 60 години на минатиот век. Тоа е влезено во главите на многу бугарски генерации и политичари, а има и кај нас таков наратив, низ такво светло и призма да ги гледаме македонско-бугарските односи. Од тоа не можеме да побегнеме бидејќи тоа се опашки кои се влечат и веројатно ќе се влечат децении и децении после нас – смета Пендаровски.

    Во моментов не постои шанса да се доближиме до две третини за промена на Уставот

     Претседателот смета дека во моментов, воопшто не постои шанса да се доближиме до две третини мнозинство во Собранието потребни за промена на Уставот.

    – Објективната проценка денес е дека не можеме да стигнеме до две третини за промена на Уставот. Дали ќе се промени нешто во наредниот период ќе видиме. Тоа ќе се одвива пред се во убедување на оние кои се сега против, дека утре и они кога ќе дојдат на власт ќе го имаат истиот проблем доколку сакаат влез во ЕУ, а ако не се за влезот во ЕУ, тоа треба чесно на луѓето да им го кажат, истакна Пендаровски вечерва во гостувањето на Топ Тема.

    Тој напомена дека додавањето на народите во Уставот нема да ја наруши државата, ако на пример се додадат Црногорците, Хрватите, не само Бугарите, или евентуално делови од еврејската заедница.

    – Хрватска има над 20 народи ставени во Уставот и таму нема никаков проблем. Ако мене ме прашувате и ако сум јас денеска пратеник, јас не утре туку денеска ќе гласам за такви уставни промени. Но, од она што го гледам во овој момент, воопшто не постои шанса да се доближиме до две третини потребни за промена на Уставот. Атмосферата е таква, од политичките изјави на многу од чинителите и на страна на опозицијата, но и од поединците од страна на владеачката коалиција кои јасно кажуваат под какви услови би гласале, а некои велат под никакви услови – додава претседателот.

    Сепак, според Пендаровски, најбитно е што нема мегаломански барања во европската преговарачка рамка, за која се согласија 27 земји членки, вклучително и Република Бугарија. Тој смета дека друга рамка за преговорите нема да има, без разлика колку тие ќе траат.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img