More

    Османи и Пендаровски смислија алтернативно решение за пополнување на амбасадите

    spot_img

    Доколку во идниот период постои блокада и ако повторно не се закажуваат седници на Комисијата за надворешни работи на кои идните амбасадори ќе ги претстават своите тези пред Собранието и пред јавноста, претседателот на државата ќе биде приморан да ги потпише указите без да ги претстави кандидатите за амбасадори во Собранието.

    Вакво алтернативно решение смислиле претседателот Стево Пендаровски и шефот на дипломатијата Бујар Османи, откако во саботата беше најавено дека се бараат алтернативни решенија за назначување амбасадори поради блокадата на Комисијата за надворешни работи во Собранието.

    И покрај тоа што во Член 39 од Законот за надворешни работи јасно е наведено дека работното тело, односно Комисијата за надворешни работи, е составен дел од законската процедура во процесот за назначување на амбасадорот, сепак, и претседателот и министерот за надворешни работи се цврсто убедени дека не станува збор за законска обврска.

    – Претседателот смета дека и покрај тоа што не се работи за законска обврска, презентирањето на тезите на кандидатите за шефови на дипломатско-конзуларните претставништва пред собраниската Комисија за надворешни работи е добра политичка пракса којашто постои во изминатите две децении. Доколку во идниот период постои блокада, односно не се закажуваат седници на Комисијата за надворешни работи на кои идните амбасадори ќе ги претстават своите тези пред Собранието и пред јавноста, претседателот ќе биде приморан да потпише укази за упатување амбасадори кои ги исполните законските услови за упатување, без претставување во Собранието – велат за Плусинфо од Кабинетот на Пендаровски.

    И министерот Османи не смета дека процесот на консултации во Собранието за изборот на амбасадори е законски задолжителен.

    Според министерот, консултациите во Комисијата за надворешни работи претставуваат добра волја за да се покаже инклузивност, односно вклучување на Парламентот во процесот.

    – И ние инсистираме на инклузивност, затоа што не сакаме да уништиме една добра пракса. Но, доколку продолжи блокирањето преку незакажување на седницата на собраниската Комисија за надворешни работи, тогаш ќе бараме алтернативни решенија – истакна Османи.

    Првиот човек на Комисијата за надворешни работи, Антонио Милошоски, пак, не сака да ги коментира најавите за изнаоѓање алтернативни решенија за назначување амбасадори.

    – Не би сакал да коментирам, затоа што навистина не знам што да кажам. Седницата на Комисијата за надворешни работи беше закажана и на таа седница помина кандидатурата на амбасадорот во Вашингтон. И сега, кога ќе започне работата на Собранието, зависно од календарот, треба да се утврди кога ќе продолжи седницата. Така што, навистина не би имал што да искоментирам околу алтернативните решенија – објасни Милошоски.

    Поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски во разговор со Плусинфо забележува дека министерот Бујар Османи се буни оти Комисијата за надворешни работи не функционира кога тој и неговото МНР имаат потреба од неа, меѓутоа, како што вели нашиот соговорник, министерот заборава дека пред некое време самиот тој ја игнорираше Комисијата која бараше и молеше да биде информирана за сѐ што се случува во односите со Бугарија.

    – Комисијата за надворешни работи сега на некој начин му возвраќа со лошо на министерот Бујар Османи, а тоа, секако, оди на штета на државата. Меѓутоа, во секој случај, ова е резултат на целокупните состојби кои прикажуваат како функционираме ние како општество. Во однос на прескокнувањето на Собранието во моменти кога се назначуваат амбасадори во странство, тоа не беше пракса во изминатите години. Собранието за прв пат беше прескокнато со назначувањето на Љубомир Фрчкоски за амбасадор во Обединетите нации. Веројатно и сега ќе се случи истото со останатите амбасадори, а тоа ќе биде уште еден показател дека државата не функционира како што треба. И едните и другите ги игнорираат државните институции, а тоа нѐ врти во еден магичен и нефункционален круг. Така што, претседателот на државата и шефот на дипломатијата ќе ги прескокнат Собранието и Комисијата за надворешни работи и сами ќе ги назначат амбасадорите. Проблемот е во тоа што ваквото однесување ќе стане пракса и во иднина – објаснува Никовски.

    Наскоро треба да се именуваат амбасадори во Софија, Отава, Брисел, Осло и во Париз.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img