More

    Ни продаваат маркетиншки трикови, а квалитетот на храната е сѐ послаб

    spot_img

    Земи од српскиот зејтин, тој е од литар, нашите се со помало пакување, цената е тука некаде, вели продавач во маалска продавница. Овие пакувања се од набавката од летото, ама сега веќе сите ги вратија литарските пакувања, додава тој.

    Граѓаните сѐ погласно коментираат дека пакувањата на производите драстично се намалени од почетокот на кризата со струјата, иако и пред тоа имало периоди кога одделни производи незабележано доаѓале со помала грамажа. Сепак, тие не ги споделуваат овие информации со институциите.

    Експерти, пак, велат дека граѓаните како никогаш досега треба да бидат поактивни и да почнат да ги притискаат институциите да вршат поголема контрола на тежината и квалитетот на храната што се нуди во продавниците и на тој начин да го спречат профитерството.

    Граѓаните се соочуваат со можноста да купат поевтини производи со ознака на маркетот како нивен произведувач, а во акциите кои се организираат во продавниците доминираат производи две во едно и со додаток кој е бесплатен.

    – Нема ден да не забележам помало пакување од вообичаеното. Дури и малите пакувања од 100 грама кои мислев дека нема да се намалуваат станаа 86 грама. За лебот и да не зборувам. Од 1 килограм се намали на 900 грама, потоа на 500 грама, а сега кога мерам гледам дека станал од 450 грама. И кај пакуваното месо, млеко и тестенините има разлика. Веќе нема ознаки на пакувањата плус, минус олку или толку грамови. Сето оди под иста грамажа, а со повисока цена. Мислам дека во последно време и квалитетот на производите е послаб. Инаку како би се случило кај сува тава на оган зејтинот да прска како да сте му ставиле вода или сирењето во исто пакување да има парчиња со различен квалитет? – се чуди една скопјанка.

    Друга додава шеговито дека веќе почнала да купува производи кои ги нудат маркетите како сопствени, бидејќи, како што вели, се поевтини за неколку дени.

    – Веќе има масло за јадење, кафе, млеко, шеќер и други производи кои имаат пониска цена, а се со ознака на маркетите. Сега се прашувам зошто овие производи имаат пониска цена? Зарем маркетите не ја пресметуваат производната и трговската маржа или можеби станува збор за нешто друго – понизок квалитет на производот? Нешто тука не се поклопува, но сеедно кога треба да се одлучиш дали ќе имаш пари и за утре, не гледаш на квалитетот, туку на цената. Рекоа ќе бидат намалени цените оти струја им купиле на фирмите, ама цените се намалија само на некои производи со намалена грамажа – вели таа.

    Експерти велат дека производителите и трговците прибегнуваат кон одделни стратегии во услови на инфлација кога се обидуваат штетите од големите трошоци да ги префрлат врз граѓаните. Тогаш користат „скриени“ форми со кои ги манипулираат потрошувачите. Еден од начините е токму намалувањето на грамажата на производот, но има и други трикови кои ги користат производителите. На пример, кога има зголемена цена се намалува содржината на пакувањето, а кога цената треба да се намали а грамажата да се врати, дел од содржината се нуди како подарок. Дел од трговците прибегнуваат и да продаваат сопствени производи по пониска цена за да ги задржат потрошувачите, но во основа да го зголемат сопствениот профит.

    – Соочени со отпорот на граѓаните кон зголемувањето на цените на прехранбените производи, производителите и трговците одат кон намалување на грамажата со што на подмолен начин ги мамат граѓаните. Еве на пример цената на лебот од август до сега не е зголемена, но се оди на намалување на грамажата. Така, лебот од 500 грама сега има 450 и цена од 45 денари, инаку би требало да има цена од некаде 50 денари. Познато е дека инфлацијата им отвора простор на трговците да се збогатат и тие тоа го користат на сите можни начини. Еден од начините да се профитира е преку понуда на сопствени производи со пониска цена. Тука има голема заработка за трговците, но се крие и голема опасност овие производи да имаат понизок квалитет. Тука е значајно дејствувањето на институциите задолжени за квалитетот на храната, но и на инспекторите кои треба да реагираат кога се намалува грамажата на производите иако на самата амбалажа има податоци за тежината – вели Здравко Савевски, доктор на политички науки, синдикалец и активист.

    Тој, како што вели, се сомнева дека кај одделни производи се намалува грамажата и за да се заштеди во репроматеријали кои или ги нема на пазарот или пак се со многу високи цени, па мораат да ги штедат.

    – Да ги земеме житото и брашното, на пример. Ние сме земја која малку произведува, а сѐ повеќе увезува. Секоја година увезуваме поголеми количини жито и брашно. Состојбата со увозот од Србија од каде што ги увезуваме најмногу може да се влоши доколку оваа држава одлучи вишоците да им ги продаде на европските земји. Тогаш се отвора голем проблем за земјава. Тоа го знаат и мелниците и пекарската индустрија и можеби затоа штедат да ја поминат годината со она што го обезбедиле, без да има потреба да купуваат репроматеријал по повисока цена. Сето ова може да е причина за намалување на содржината на пакувањата, но може да има реперкусии и врз квалитетот на производот – вели Савевски.

    Оваа состојба ќе биде многу појасна до крајот на годинава и на наредната, бидејќи цените и покрај мерките се предвидува да растат, како што тоа е веќе случај во Европа.

    Според Савевски, граѓаните треба да бидат многу погласни во реакциите и да ги притиснат институциите да реагираат.

    – Како никогаш досега и посебно до крајот на годината и наредната, граѓаните треба да ги „отворат очите“ кога купуваат нешто. Да ги гледаат декларациите и да го споредат квалитетот на производите што ги купуваат. Институциите во овој момент треба да застанат на страната на граѓаните и да ја засилат контролата а не само да играат со мерките „замрзната цена“, „замрзната маржа“ и да овозможуваат профитерство во криза. Инспекторите, дали се од пазарниот инспекторат или од АХВ, не треба да се затскриваат зад проверката на цената, туку треба и да ги мерат пакувањата дали соодветствуваат на декларациите не само во тежината, туку и во квалитетот – вели Савевски.

    Во институциите, сепак, нема поплаки на граѓаните за помалата грамажа на пакувањата. Но, им се советува  кога купуваат да бидат внимателни и да ги споредуваат цените и грамажата на оние од еден килограм со помалите за да утврдат дали има зголемена или намалена цена.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img