More

    Не е исклучена можноста следната техничка влада да биде формирана без учество на опозициската ВМРО-ДПМНЕ

    spot_img

    Не е исклучена можноста следната техничка влада да биде формирана без учество на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

    Ова денеска го изјави актуелниот претседател на Собранието и иден технички премиер Талат Џафери, откако партијата на Христијан Мицкоски објави дека се двоуми дали да учествува во идната техничка влада.

    Но, дали техничката влада без учество на најголемата опозициска партија би имала смисла? Како би функционирала таквата техничка влада и која партија ќе ги „присвои“ ресорите што законски ѝ припаѓаат на опозицијата? Ќе има ли легитимитет таа техничка влада или ќе продолжи да делува како редовна, но со премиер Албанец? Што добива, а што губи ВМРО-ДПМНЕ доколку не влезе во техничката влада?

    Инаку, ВМРО-ДПМНЕ го смета Џафери за недостоен за технички премиер, и во следниот период ќе реши дали ќе учествува во преодната влада. Актуелниот координатор на пратеничката група на СДСМ во Собранието Јован Митревски е утврден кандидат за претседател на Собранието.

    Техничката влада треба да биде избрана на 28 јануари следната година.

    Намален легитимитет

    Неучеството на опозицијата во т.н техничка влада, во согласност со Пржинскиот договор, со свои министри и заменици-министри во одредени. со закон утврдени ресори, ќе значи поставување на прашањето за легитимитетот на претстојните избори, бидејќи и смислата за ваков вид влада од 100 дена е токму таа: да се направи институционална контрола во рамки на предизборието, коментира за Плусинфо политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски.

    Веројатно ова е своевидна пи-ар стратегија на опозициската ВМРО ДПМНЕ за да го зголеми своето гласачко тело не давајќи легитимитет на влада предводена од „Албанец премиер од редовите на криминалната ДУИ“.

    Благојче АтанасоскиПолитички аналитичар

    – Целта на формирањето техничка влада е за да се спречи евентуално институционална злоупотреба од страна на власта во нагласување на изборните резултати или користење на ресурсите од институциите, што практиката на повеќепартиски избори во овие три децении и тоа како ни покажала таква политичка „култура“ на однесување кај сите политички партии без разлика на нивниот етнички предзнак. Од друга страна, веројатно ова е своевидна пи-ар стратегија на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за да го зголеми своето гласачко тело, недавајќи легитимитет на влада предводена од „Албанец премиер од редовите на криминалната ДУИ“. Сепак, сметам дека разумот ќе преовлада, опозицијата ќе номинира свои претставници и изборите ќе бидат одржани во демократски дух и фер натпревар, и на крајот резултатите ќе бидат признаени од сите како валидни, односно како изразена волја на граѓаните кои излегле да гласаат – коментира Атанасоски.

    Крајно време дојде, додава тој, политичките партии конечно да покажат почит кон граѓаните.

    – Особено што велиме дека Македонија заслужува да ги започне преговорите со ЕУ, односно сите партии велат дека се проевропски настроени во својата реторика. Ако се такви, тогаш нека се однесуваат така и во предизборната кампања, на самиот ден на гласањето и постизборно. Досега сме се изнагледале разни балкански случаи со македонска мизерија кога станува збор за организирање и учество во еден изборен процес кој треба да биде врв на демократијата, така што мислам дека крајно време дојде да покажат повеќе култура, почит кон граѓаните и кон институциите и цивилизирано европско поведение на претстојните претседателски и парламентарни избори – порача Атанасоски.

    Неговиот колега Петар Арсовски вели дека легитимитетот на техничката влада ќе биде намален доколку опозицијата не даде свои претставници, но, како што што објаснува, тоа не значи дека таа влада нема да може да функционира.

    – Пржинскиот формат е наменет за да се спречат злоупотреби, а ако такви злоупотреби веќе не постојат, тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаше предлог за целосно укинување на техничката влада. Би било добро кога сите политички партии би дале свои претставници во техничката влада, а ако не се случи такво нешто, тогаш сигурно е дека идната техничка влада ќе има намален легитимитет. Сепак, имајќи предвид дека се работи за последните 100 дена пред избори, јас лично сметам дека техничката влада ќе биде формирана и не очекувам поголеми политички турбуленции – истакна Арсовски.

    Можност за развластување

    Според пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, органите на партијата во следните неколку дена ќе одлучуваат дали опозицијата ќе учествува во техничката влада.

    ВМРО-ДПМНЕ, вели Милошоски, треба да учествува во техничката влада за да ги развласти СДСМ и ДУИ.

    – Ќе заседаваат Извршниот и Централниот комитет, но сметам дека кога владата ја предводи човек како Талат Џафери, кој безброј пати го прекршуваше Деловникот, кој не го пополнува местото член на ДИК кое ѝ следува на опозицијата, а со месеци го влечка овој оглас и не го става на дневен ред, тогаш тој што би имал намера да не учествува во ваква влада за организирање на избори, може само да им даде поголема шанса на Џафери, Груби, Спасовски да прават малверзации – изјави Милошоски.

    Ценам дека министер за внатрешните работи, труд и социјала и тројца заменици во земјоделие, финансии и министерство за информатичко општество и администрација би биле добар влог во зголемување на изборниот систем и намалување на малверзациите на СДС и ДУИ.

    Антонио МилошоскиВМРО-ДПМНЕ

    Милошоски смета дека доколку партијата донесе одлука да биде дел од техничката влада, министрите кои ќе ги добие ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат поголеми шанси да ја направат владата потранспарентна и ќе можат да попречат незаконитости кои планираат да ги прават СДСМ и ДУИ.

    – Ценам дека министер за внатрешни работи, труд и социјала и тројца заменици во земјоделие, финансии и министерство за информатичко општество и администрација би биле добар влог во зголемување на изборниот систем и намалување на малверзациите на СДС и ДУИ. Затоа што не е случајно што Фатмир Бесими е шеф на изборен штаб на ДУИ, нему приоритет ќе му биде да создава прилики за ДУИ да го избере тоа министерство за финансии за изборни цели. ВМРО-ДПМНЕ ако учествува во техничка влада таму би имале заменик кој ќе се обиде тоа да го спречи – рече Милошоски.

    Законска обврска?

    За најавите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе размисли дали ќе учествува во техничката влада, премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, вели дека тоа е законска обврска.

    – Таа законска обврска е наведена во Законот за влада, во законот за избори и сметам дека сите политички партии треба да ја испочитуваат својата законска обврска, исто како што е моја законска обврска на 100 дена пред изборите да поднесам оставка, што ќе го направам. Исто така е и обврска на сите политички партии да учествуваат во изборниот процес, оти во спротивно се става една дамка во изборниот процес, без никаква потреба – рече Ковачевски.

    Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да учествуваат во таа техничка влада, но мислам дека тоа ќе им биде грешка.

    Ристо ПеновМинистер за локална самоуправа

    Тој потсети дека неодамна, како што кажа, имало успешна лидерска средба на која со исклучително широк консензус беше договорен датумот за претседателски избори и датумот за парламентарните избори во редовен термин, а беше поддржано дека ќе имаме техничка влада.

    – Нема да има промена на Изборниот законик во тој дел и на Законот за влада, што значи дека сите политички партии треба да учествуваат во изборниот процес така како што е предвиден согласно закон и на крајот да имаме демократски избори, како што имавме во изминатиот период по 2016 година и да добиеме и претседател на држава, и Парламент, а се разбира и Влада и Северна Македонија да продолжи во своите евроинтеграции – рече Ковачевски.

    Министерот за локална самоуправа од ЛДП Ристо Пенов, пак, смета дека зад барањето на ВМРО-ДПМНЕ да нема техничка влада се крие тоа да нема премиер Албанец, иако велат дека не сакаат премиер од ДУИ.

    – Талат Џафери покажа и како министер и како претседател на Собрание дека е капацитетен и дека може да ја обавува функцијата на технички премиер. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да учествуваат во таа техничка влада, но мислам дека тоа ќе им биде грешка – вели Пенов.

    Демократски сојуз: Се рушат начелата за правичност

    Демократскиот сојуз предупредува на кршење на Охридскиот рамковен договор и на Амандман 6 од Уставот на Македонија, со тоа што ќе се формира техничка влада која, како што велат, дополнително ги суспендира и крши одредбите и начелата на соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници.

    – Со доминацијата на партијата ДУИ, која има само 13 пратеници од вкупно 120 пратеници, се покажува и се потврдува определбата на СДСМ по секоја цена да биде на власт, неводејќи сметка за националните и државни интереси, како и за интересите на мнозинскиот македонски народ. Сакаме да предупредиме дека ваквата политика нема поддршка од мнозинството граѓани и не поминуваат манипулациите дека тоа е Европски фронт –  велат од партијата на Павле Трајанов.

    Демократскиот сојуз, додаваат оттаму, не поддржува формирање на техничка Влада, а уште помалку со премиер од редовите на ДУИ.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img