More

    Надзорот за Бехтел и Енка е „чист како солза“, тврдат Бочварски и Рустеми

    spot_img

    Не запира кавгата помеѓу власта и опозицијата за изборот на компании кои ќе го вршат надзорот на изградбата на коридорите 8 и 10. Тоа што за едните е законски и прописно, за другите е матно, нетранспарентно и сомнително.

    Додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара од јавниот обвинител Ислам Абази да истражи дали имало корупција со надзорот, истиот ден министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми им соопштија на медиумите дека „сѐ е чисто како солза“. Со нив беше и претставник на ИРД, како и членови на Комисијата за јавни набавки во ЈПДП.

    Автопатите ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, а надзорот ќе го прави конзорциумот предводен од „ИРД инженеринг“ во кој учествуваат уште три компании: шпанско-кинерската „Ептиса“ и домашните „Евро консалтинг“ и „Електра солушнс“.

    – Сите документи ни беа дадени на увид, целата документација во однос на избор на консултант и надзор. Тоа што за нас е важно е патната инфраструктура и коридорите час поскоро да бидат изградени – рече Бочварски.

    И директорот Рустеми истакна дека се водела транспрарентна постапка за избор на консултант за надзор, но и дека целосно бил почитуван Законот за јавни набавки.

    – Договорот со Бехтел и Енка е историски договор за нас. Изградбата треба да заврши за 4 години и 7 месеци. Надзорот е избран во транспарентна постапка за која се водеше и управна постапка. Имаше вкупно 3 понуди, а двете одбиени поднеле жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки, но и оттаму не биле прифатени. После тоа беше потпишан договорот со „ИРД инженеринг“. Наша должност е да го почитуваме Законот за јавни набавки. Почитувани се сите законски одредби – рече Рустеми.

    Ниту една од четирите фирми, уверуваа денеска претставниците на власта, нема негативна референција и секоја имала право да учествува во постапката. Тоа значи дека ниту имале забрана за учество во постапка ниту, пак, за нив се водела стечајна или постапка за ликвидација, пренесе порталот 360 степени.

    – Не е вршена евалуација на лица туку на фирми. Фирмите немаат негативни референции – зборуваа денеска на брифингот претставниците на Министерството за транспорт и врски и на ЈПДП.

    Ова беа нивните одговори и на прашањата поврзани со лицето Бранислав Димитријевиќ, за кого порталот Призма објави дека во земјава се јавува како еден од сопствениците на „Евро консалтинг“, а кој во Ерменија бил ангажиран како лидер на тим во француско-шпанскиот конзорциум „Савеж-Ептиса“ за голем инфраструктурен проект. Ерменското обвинителство има покренато обвинение за тој проект – „Развој и спроведување патен коридор север – југ во периодот од 2009 до 2018 година“. Димитријевиќ, конкретно, се гони за кривично дело кое во ерменскиот закон гласи „извршена измама од голем обем“ (член 178, став 3, точка 1 од Кривичниот законик на Ерменија).

    Токму компанијата „Ептиса“, која се најде во центарот на вниманието по изборот на компанија која ќе го врши надзорот за автопатските делници што ќе ги гради „Бехтел и Енка“, денеска реагираше на пишувањата на медиумите велејќи дека станува збор за невистинити и за неосновани информации. Со тоа, како што велат, неоправдано се доведува до дискредитација и поткопување на угледот на „Ептиса“.

    „Најпрво, нагласуваме дека лицето Бранислав Димитријевиќ и неговата компанија, споменати во контекст на активности во Ерменија, никогаш не биле ангажирани или вработени во Ептиса. Договорот во Ерменија го водеше друга консултантска компанија како лидер. Нашата улога во тој проект беше како партнер. Лидерот беше одговорен за спроведување на проектот. Во однос на наводите дека Владата претходно донела одлука да не се користат услугите на Ептиса, укажуваме дека таква одлука не е донесена. Напротив, преку Извадок од записник од седницата на Владата заклучува и дава насоки до органите на централната валст да не се користат услугите на Ептиса. Овој заклучок, по писменото барање од страна на Ептиса, а поради правна неоснованост беше повлечен од Владата. Нагласуваме дека компанијата Ептиса работи исклучиво согласно законот, на никој начин не е поврзана со криминални или коруптивни активности и поради тоа не постои, ниту, пак, се води постапка пред било кој орган во Република Северна Македонија со кој се ограничува или спречува делувањето на Ептиса. Таква одлука може да ја донесе само надлежен суд, а таква одлука не постои за Ептиса. Нашата компанија докажа дека постапувала професионално и на непристрасен начин го спроведувала споменатиот проект. Во однос на проектот на ‘Бехтел и Енка’, договорот за надзор го потпиша ИРД, додека Ептиса е само дел од конзорциумот и при реализацијата ќе има мала улога. Дополнително, ИРД го предводеше процесот на одлучување кои други компании ќе бидат дел од конзорциумот. ИРД ќе биде водечка, како и одговорна компанија за спроведување на проектот. Ептиса немаше никакво учество ниту беше консултирана при изборот на другите компании во конзорциумот за надзор на проектот на Бехтел и Енка“, наведено е во соопштението.

    Од компанијата тврдат дека ги поседуваат сите потребни лиценци за проектирање и за надзор на територијата на Македонија, во согласност со позитивното законодавство на земјава.

    „Во Југоисточна Европа, како и во Северна Македонија, Ептиса спроведува проекти од 2005 година, односно компанијата била дел од реализација на 275 проекти со вредност од 250 милиони евра. Сите проекти се спроведени на професионален начин во согласност со договорните услови. Во наведениот период Владата на Северна Македонија ја предводеа различни политички партии. Во поглед на сопственоста, исто така, во јавноста беа споделени невистини и затоа мора да се нагласи дека Ептиса е меѓународна компанија со седиште во Мадрид, Шпанија. Ептиса делува како шпанска компанија – основана во Шпанија и правно и финансиски работи според шпанскиот правен, финансиски и управен систем. Ептиса има канцеларии во повеќе од 50 земји низ светот. Ептиса е основана во 1956 година и се смета за една од најстабилните и најрелевантните консултантски, инженерски, архитектонски и информатичко- технолошки компании од Шпанија. За период од повеќе од 60 години работа, Ептиса стана синоним за квалитет и професионализам, докажувајќи ја својата способност да одговори на барањата на сè покомплексниот и предизвикувачки пазар. Ептиса е во сопственост на JSTI GROUP, давател на инфраструктурни сеопфатни решенија. JSTI е основана во 1978 година и официјално котира на Shenzhen Stock Exchange (Stock Code: 300284). Во 2016 година, склучи стратешки сојуз со водечкиот светски давател на консултантски услуги Ептиса. Информациите што укажуваат на криминален капитал во сопственоста на компанијата се целосно лажни и навредливи. Имајќи ги предвид сите горенаведени факти, Ептиса уште еднаш целосно ги демантира информациите што изминативе денови се споделуваат од медиумите, како и од дел од политичките партии. Како компанија со глобално реноме, Ептиса прави проценка на негативните ефекти врз нејзиниот углед и ќе ги искористи сите законски средства на располагање со цел тие штети да бидат надоместени“, соопшти Ептиса.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img