More

    Македонските граѓани годинава два пати мереа пред да одлучат каде ќе одмораат

    spot_img

    Македонските граѓани годинава два пати мереа пред да одлучат каде ќе одмораат. Цените на хотелското сместување, авиобилетите и временските услови одлучуваа каде и кога ќе патуваат. Годинава Македонците главно одмораа во Египет, Турција и во Грција, но не изостанаа ниту Тунис, Албанија, ни Црна Гора. Дел од граѓаните одмораа и во домашните туристички центри. Туристичките работници велат дека оваа година и покрај лошите временски услови ќе биде подобра од ланската, но за да се достигнат резултатите од 2019 година ќе треба уште најмалку една до две години.

    Граѓаните велат дека и покрај скапотијата ретко се откажуваат од одморот, а најчести дестинации за нив се поблиското соседство. Оние кои имаат подлабок џеб патуваат и подалеку.

    – Годинава малку се мислевме дали да одиме на одмор бидејќи аранжманите се поскапени. Но се пресметавме дека истото би го потрошиле и овде бидејќи и овде секојдневно цените скокаат. Се одлучивме повторно за Грција. Поблиску е и може да се патува со автомобил, ако нема организиран превоз од агенциите. Сместувањето беше поскапо, па наместо 10 дена останавме 7 дена и ни дојде како ланскиот одмор – вели Ангелина од Скопје.

    Туристичките работници веќе увидоа дека граѓаните скратуваат од деновите на одмор. Тие велат дека ги компензираат приходите со зголемениот број патници и со поскапите аранжмани кои зависат од она што го бараат нивните партнери во странство.

    – Моите очекувања се дека годинава ќе ја завршиме со подобри резултати од ланската, дали тоа ќе биде за 50% или повеќе не може да се каже бидејќи сè уште трае сезоната. Поради поскапувањата во земјите каде што најмногу патуваат нашите граѓани намален е периодот на престој од 10 на 7 дена, но бројот на туристи кои патувале е поголем, а крајниот резултат е задоволителен. Така, ако лани апартманското сместување беше 70 евра во Грција сега надминува 100 евра. Исто е и со хотелското сместување. Поскапи се и нашите аранжмани, но сепак бројот на оние кои патуваат е поголем од лани. Граѓаните кои вообичаено патуваат веќе научија да го делат одморот на два дела и да ги користат пониските цени на почетокот и на крајот на сезоната, а тоа е плус за работењето на агенциите – вели Дончо Нацевски од „Арбо травел“.

    Дел од агенциите преку кои најчесто патуваат граѓаните во странство велат дека за нив годинава е послаба од ланската поради поскапувањата и временските услови.

    – Годината заврши веќе за нас. Една е од просечните бидејќи почетокот беше слаб поради временските услови, а втората половина од годината покривме нешто од она што го загубивме. Граѓаните стануваат сѐ попребирливи. Неколку пати прашуваат пред да се одлучат каде ќе патуваат бидејќи и цените за престојот во странство драстично пораснаа, почнувајќи од авиобилетите преку сместувањето и сè што е поврзано со одморот. Можам да кажам дека остваривме некаде 70 отсто од ланскиот профит што беше успешно по коронакризата. И годинава најмногу интерес имаше за Грција, Турција и за Египет, но имаше и аранжмани за Тунис, Албанија и за Црна Гора – вели Асим Меѓедовиќ од „Фибула травел“.

    Тој додава дека туристичките агенции се соочуваат и со високи трошоци главно поврзани со платите на вработените и со обезбедувањето работници. Проблем за нив е и нелојалната конкуренција, но и тоа што туризмот е гранка на која во земјава се посветува малку внимание.

    – Со години ги кажуваме проблемите но нема никаква повратна реакција. Бараме една институција да се грижи за овој сектор. Национална туристичка агенција, на пример, би била соодветна на она што го бараме, но на тоа и останува, на нашите барања и кажување на проблемите, а ги има многу во туризмот – вели Меѓедовиќ.

    Нацевски, пак, смета дека проблемите во туризмот ќе се решат оној момент кога и самите туристички работници нема да бидат расцепкани по најразлични организации и ќе застанат единствени да изградат став што сакаат и какви резултати очекуваат од она што го бараат од државата.

    – Веќе неколку години го кажувам мојот став дека на земјава ѝ е потребно министерство за труизам или некаков Комитет. Не мора да биде посебно министерство. Може да биде во рамки на некое од постоечките. Зошто го говорам ова, зашто само министерство може да создаде услови за подобар развој на туризмот. Тука се носат законите, се прават плановите како да се функционира, да се настапи на странските пазари и да се промовира она што го нудиме како земја. Кога ќе го имаме министерството ќе знаеме дека некој стои зад нас и се залага за остварување на она што сме го договориле. Вака расцепкани и само со Агенција за промоција на туризмот не можеме ниту доследно да се претставиме на саеми, а камо ли да бидеме спонзори на некој од големите туристички саеми и да сметаме дека имаме стабилност – вели Нацевски.

    И двајцата сметаат дека државата мора да размисли за предлозите на туристичките работници и да преземе активности, ако сака да го развие туризмот и од овој сектор да го зголеми приливот на пари во буџетот.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img