More

    Ќе добијат ли епархии владиците од ПОА?

    spot_img

    „Се договоривме дека наскоро треба да се договориме“. Вака ни одговори митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар на прашањето какви одлуки биле донесени на вчерашната седница на Синодот, а во поглед на интеграцијата на архијереите од Православната охридска архиепископија (ПОА) во Македонската православна црква (МПЦ-ОА).

    Како што објасни владиката, црковниот врв на МПЦ-ОА наскоро ќе се сретне со владиците од ПОА и на таа средба ќе им бидат претставени, односно понудени неколку предлози за нивна интеграција.

    Многу добро знаеме дека Српската православна црква ја воспостави ПОА на нашата територија, но истата таа СПЦ сега нам ни додели автокефалност и со самото тоа се укинува функционирањето на ПОА.

    г. ПетарМитрополит преспанско-пелагониски, МПЦ-ОА

    – На синодската седница донесовме одлука дека треба да седнеме на иста маса со архијереите од ПОА и да разговараме очи в очи. Откако ќе го одржиме тој состанок, а ве уверувам дека ќе биде за брзо време, тогаш ќе се знае отприлика во која насока ќе се движат работите во поглед на нивното прашање. Но, гледано од аспект дека ние веќе сме автокефална црква, автоматски на некој начин е решено нивното прашање. Ова го кажувам во смисла дека не може да има паралелна канонска црква на една иста територија. Многу добро знаеме дека Српската православна црква ја воспостави ПОА на нашата територија, но истата таа СПЦ сега нам ни додели автокефалност и со самото тоа се укинува функционирањето на ПОА. Сега се поставува само прашањето како ќе се интегрираат владиците од ПОА во нашата црква. Јас мислам дека е сосема разбирливо дека таа интеграција мора да биде во договор со нив – објасни владиката.

    На прашањето дали е сѐ уште во игра сценариото да се испрати во пензија поглаварот на ПОА, г.г. Јован, еден епископ да остане под капата на СПЦ, а останатите двајца владици во улога на хороепископи да заминат во манастир, владиката Петар тврди дека сѐ е можно.

    – Секако дека постојат такви размислувања и кај нас и кај СПЦ, но тоа не е ништо конкретно и конечно. Станува збор за можности како да се изнајде некое најбезболно решение за да се надмине тоа прашање – изјави г. Петар.

    Од ПОА кратко ни одговорија дека засега до нив не е пристигната никаква покана за состанок со црковниот врв на МПЦ-ОА.

    Инаку, според црковните канони, на еден владика може да му се одземе епархијата само на два начини: или со судска пресуда или по докажана телесна немоќ, потврдена од двајца лекари-специјалисти. Не постои друг начин како еден активен епископ со стаж подолг од 15 години одеднаш да биде назначен за хороепископ и да биде испратен да служи в манастир под власт на друг епископ.

    Неофицијално, таквиот предлог сѐ уште се крчка во кујната на МПЦ-ОА и големи се шансите токму тоа да им биде сервирано на архијереите од ПОА.

    Како што дознава Плусинфо од високи црковни извори, МПЦ-ОА планира да му понуди на поглаварот на ПОА, г.г. Јован, да се пензионира, а за возврат да добие Канцеларија за образование во МПЦ-ОА.

    Неофицијално, на епископот брегалнички г. Марко, ќе му биде понудено како хороепископ да замине во Делчевскиот манастир (Св. Богородица Балаклија), под власт на актуелниот епископ брегалнички г. Иларион од МПЦ-ОА.

    Се очекува и епископот полошко-кумановски г. Јоаким да добие понуда како хороепископ да замине во Поречкиот манастир (Рождество на Пресвета Богородица) под власт на епископот дебарско-кичевски г. Тимотеј од МПЦ-ОА.

    Во административна смисла, титулата хороепископ не значи баш многу: не смее да ракополага, не смее да поставува свештеници, не смее да осветува храмови, не смее да прави ништо без дозвола од надлежниот епископ.

    Интересно е тоа што во плановите на МПЦ-ОА воопшто не е вклучен епископот стобиски г. Давид од ПОА, за кого, наводно, МПЦ-ОА веќе испратила абер до Српската православна црква (СПЦ), доколку постои расположение кај српскиот патријарх, да дозволи да му се отвори подворие во Скопје. На тој начин епископот г. Давид би добил своја канцеларија, односно претставништво, а тој лично би бил дел од раководството на СПЦ.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img