More

    Инфлацијата ги јаде просечните плати до средината на месецот

    spot_img

    Неплатени сметки, позајмици од пензионирани родители и пријатели, намалување на храната и нејзиниот квалитет е секојдневие на 80 000 работници во земјава кои земаат минимална плата од 18 000 денари. Задоволни се ако двајца работат, бидејќи ќе имаат помал долг за следниот месец иако се исплашени дека сиромаштијата им тропа на врата. Но проблемот на преживување ги мачи и работниците со просечна плата, бидејќи трошоците стануваат сѐ поголеми. Во октомври тие се зголемени за 19,8 отсто споредено со ланскиот октомври.

    Последните податоци за основните трошоци на четиричлено семејство, објавени од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) се дека тие заедно со инфлацијата изнесуваат 51 514 денари. Тоа покажува дека голем број семејства во земјава, посебно оние со две минимални плати тешко го преживуваат месецот без да останат должни за нешто.

    Граѓаните се исплашени од сегашниот и од идниот раст на цените на прехранбените производи за кои трошат и најголем дел од платата. За една година цените на храната се зголемени за 32,4 отсто. Тоа по намирници изгледа многу пострашно. За една година најмногу поскапел лебот и житата и тоа за речиси 50 отсто, млекото, јајцата и сирењето за нешто повеќе од 40 отсто, а маслото за 40,3 отсто …

    – Двајцата сме со минимална плата. Тешко се живее, ама никој не те прашува, а стануваме сѐ посиромашни. Најмногу нѐ погодува тоа што цените на храната растат и сѐ повеќе пари одат за тоа. Лебот од лани е двојно поскап, млекото исто, за месото да не зборувам бидејќи го купуваме на две недели еднаш. Но не стигаат парите за ништо друго. Затоа трчаме од продавница во продавница и купуваме евтини намирници без да мислиме за квалитетот. Само да има за јадење, да не почувствуваат децата дека сме на дното. За струја доцниме со месеци и секој ден очекуваме да нѐ исклучат. Не треба да ви кажам дека со години веќе не купувам облека и обувки или правиме редослед кому прво да му се купи. Со еден збор тешко – вели работничка која заедно со сопругот земаат минимална плата.

    Друг граѓанин вели дека е време државата да поработи за доброто на граѓаните, а не на газдите.

    – Време е државата да се погрижи за граѓаните. Платите ни останаа ниски, трошоците високи. Да не се пензионерите да помогнат не знам како би излегле на крај со трошоците. Велат, се сели народот, а како да не се сели кога стана гола сиромаштија. Таму барем ќе живеат нормално – вели тој.

    Економистите велат дека состојбата станува алармантна и дека не треба да се дозволи да се премине 20 отсто инфлација. Очекуваат владата заедно со Народната банка да најде начин како да го спречи натамошниот раст на инфлацијата, бидејќи станува загрижувачки и го намалува квалитетот на животот на граѓаните.

    – Очекувам владата и Народната банка да направат дополнителни анализи и да преземат мерки да се оневозможи инфлацијата и натаму да расте бидејќи веќе се приближи на загрижувачки 20 отсто. Потребно е и институциите посебно инспекторатите да направат контроли кај сите субјекти, особено кај трговците за да се утврди дали тие ја користат состојбата за манипулативно нереално зголемување на цените на производите и да се преземат мерки за тоа ако се утврди дека мамеле. Не смее да се дозволи да се надмине прагот од 20 отсто на инфлацијата зашто тоа ќе го наруши животниот стандард и многу ќе влијае на квалитетот на животот – вели економистот и поранешен пратеник Марјанчо Николов.
    Во однос на платите, додава тој, многу е симптоматично што и во компаниите кои обезбедуваат профит и во сегашни услови не се размислува за работниците.

    – Голем дел од овие газди не покажуваат интерес за зголемување на платите на работниците и нивниот квалитет на живот. Ни се случува сиромаштија и затоа треба да има мерки од владата, Народната банка и работодавачите за да се надмине оваа состојба – вели тој.

    Здравко Савевски, доктор на политички науки, синдикалец и активист, вели дека работниците треба да излезат од комфорот на пасивноста во кој се влезени изминативе 30 години кога во земјава скоро и да немаше никаква инфлација, ако не сакаат врз нивниот грб да се решава инфлацијата.

    – Тоа време кога работниците имаа привилегија да бидат пасивни помина. 30 години се пасивни зашто немаше инфлација, а сега времето е друго. Инфлацијата не запира, туку продолжува да расте, а ќе расте и во следниот период, на што укажуваат економските предвидувања. Во такви услови секоја плата која во овој период не се зголемила за износот на инфлацијата односно за 20 отсто е фактички намалена за тој износ што не е малку. Инфлацијата го изеде и зголемувањето на минималната плата. Но, инфлацијата нема да остане на овој процент, туку ќе оди нагоре што значи и платите ќе се намалуваат и проблемите да се преживее ќе бидат помали. Кога работниците се пасивни, инфлацијата секогаш се решава на нивна сметка. Ако работниците и натаму очекуваат дека некој ќе им ја зголеми платата без да побараат се лажат. Владата секогаш има оправдување да не ги зголеми платите, но синдикатите се тие кои треба да не остануваат пасивни и треба да се здружат и да спречат инфлацијата да се решава врз грбот на работниците – вели Савевски.

    Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека инфлацијата е надвор од контрола. Партијата смета дека еден од најзначајните домашни фактори кој ги разгоре инфлациските очекувања беше нестабилноста и ненавременоста на домашните мерки за намалување на инфлацијата.

    – Ја нема никаде јасната борба од централната банка за сузбивање на инфлацијата. Ја нема јасната борба од фискалната политика дека ќе ѝ помогне со рестрикции во буџетот на монетарната политика за сузбивање на инфлацијата. И во 2023 година буџетот и натаму е експанзивен и инфлаторен – велат од партијата.

    Инфлацијата ги загрижува и во владата, но мерките се чини не дадоа резултати.

    – Нивото на инфлација е високо, не само кај нас, туку во сите држави и е резултат на порастот на цените на гасот, на електричната енергија и на прехранбените производи. Не само што тоа ме загрижува, туку тоа е нешто на што деноноќно работиме со министрите – изјави премиерот Димитар Ковачевски.

    Тој очекува дека актуелната мерка за 80 евра мегават час струја за производителите на основните производи ќе даде резултат, но за ограничување на цените засега не се размислува во владата.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img