Хрватска се пласираше во четвртфиналето на Светското првенство во Катар совладувајќи ја вечерва на стадионот „Ал Џануб” во Ал Вакра, Јапонија, на пенали со 3:1, откако по регуларниот дел и двете продолженија резултатот беше израмнет 1:1.
Во пенал-рулетот хрватскиот голман Доминик Ливаковиќ со три одбранети пенали беше херој и ја однесе својата репрезентација во четвртфинале.
Јапонија, која претходно на Мундијалот со два пресврти триумфираше над Германија и Шпанија, поведе во осминафиналната пресметка против Хрватска во 43 минута преку Даизен Маеда.
Хрватска, која е актуелен светски вицепрвак, израмни во 55 минута преку Иван Перишиќ и со поуспешно изведување пенали обезбеди пласман во четвртфиналето.
За четвртфинална двојка го чекаат подобриот од дуелот Бразил и Јужна Кореја, што се игра вечерва.