More

    Експертите едногласни – не е време за таков потег!

    spot_img

    Македонија одлучи да ги извади рацете од џебовите и конечно му покажа заби на источниот сосед. Во рок од само два дена македонското Министерство за надворешни работи (МНР) испрати една вербална и една протестна нота до Бугарија, откако следуваа изјави со иредентистички и територијални претензии од соседството, но и откако неколкумина бугарски европратеници испукаа тешки навреди за Македонците.

    И тоа е добар знак, коментираат политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо. Тие велат дека земјава конечно ја сменила брзината од пониска кон повисока и покажала дека не е боксерска вреќа врз која секој Бугарин може да си го истура бесот и да си ги лечи комплексите.

    Оти, реториката од ден на ден сѐ повеќе и повеќе се заострува. Последен во редот на бугарски зулумџии застана заменик-министерот за надворешни работи Костадин Коџабашев, кој, веројатно не можејќи да се помири со фактот дека Македонија со закон забранува формирање здруженија кои ќе носат имиња на фашисти, денеска обвини дека земјава ги загрозува основните права на Бугарите утврдени со Европската конвенција за човекови права, како што се правото на здружување, собирање, слобода и слободно изразување на убедувањето.

    По оваа негова изјава, не треба да нѐ чуди ако македонското МНР утре повторно реагира и испрати нова протестна нота кон Софија. Но, дали испраќањето протестни ноти е доволно за да се изврши целосно успешен контра-напад и да запре секојдневната борба со лаги и клевети? Дали можеби следно треба да се очекува протерување на бугарскиот амбасадор од земјава, на пример? Дали треба да се очекува прогласување „персона-нон-грата“ и долгорочно спуштање на рампите за влез во Македонија за европратеникот Ангел Џамбаски и пратеникот Костадин Костадинов?

    Влечењето такви потези не е целосно непознато за нас со оглед на тоа што земјава во неколку наврати протеруваше руски дипломати и ги прогласуваше за непожелни во Македонија, како дел од санкциите на ЕУ против Русија поради воениот конфликт во Украина.

    Сепак, политичките аналитичари и дипломати со коишто разговаравме сметаат дека сѐ уште е рано за Македонија да повлече таков екстремен чекор кој ќе значи протерување на бугарските дипломати.

    Не се јаде сѐ што е бугарско

    Очигледно е дека се прелеа чашата во Македонија и дека нашите мудри политичари сфатија дека не можат да голтаат сѐ што доаѓа од Бугарија, вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

    Не е време сега да се размислува за протерување на бугарски дипломати или за протерување на бугарскиот амбасадор во земјава. Едноставно, не е таква ситуацијата и такво нешто не би било соодветно на сегашните билатерални односи.

    Ристо НиковскиПоранешен амбасадор

    – Веројатно е дека чашата се прелеа кога во Благоевград беше донесена одлука да не се прифати отворањето на македонскиот културен центар „Никола Вапцаров“. Мислам дека протестните и вербалните ноти коишто беа испратени од наша страна претставуваат еден благ пресврт во нашето однесување кој покажа дека сепак има некаква граница и дека Бугарија не може да нѐ малтретира до бескрај. Нотите беа бенигни и не удрија во центарот на проблемот, меѓутоа сепак ставија до знаење дека Бугарите не можат на таков начин да продолжат да се однесуваат. Дали ќе дојде до заострување на ситуацијата, лично не верувам. Нашата подготвеност, односно подготвеноста на нашите политичари да голтаат бугарски кнедли и понатаму ќе продолжи, но во секој случај ова е нов момент – објаснува Никовски.

    Тој вели дека сега не е време за протерување бугарски дипломати.

    – Не е време сега да се размислува за протерување бугарски дипломати или за протерување на бугарскиот амбасадор во земјава. Едноставно, не е таква ситуацијата и такво нешто не би било соодветно на сегашните билатерални односи. Меѓутоа, ако веќе Македонија ја менува песната и музиката, тогаш треба да започне со процедура за поништување на Договорот за добрососедство. На тој начин политичарите ќе свртат нова страница и ќе почнат да ги бранат фундаменталните интереси на државата и на македонскиот народ кои се до бескрај загрозени со сегашните политики – вели Никовски.

    Офанзивни, ама внимателни

    – Потребно е дипломатот да направи престап кон суверенитетот на земјата или да настапува провокативно за да се пристапи кон негово протерување од државата. Мислам дека еден таков чин од наша страна би бил една непотребна ескалација на состојбите. Точно е, македонско-бугарските односи сега се наоѓаат на најниската точка откако постои Македонија како држава, но во моментов не ни е потребна ескалација – објаснува Боцевски.

    Тој смета дека праксата со испраќање вербални и протестни ноти треба да продолжи и во иднина, бидејќи тоа е најсоодветен дипломатски механизам за спротивставување.

    – Македонија треба да ја одржува офанзивната линија, ама да не претерува и да внимава да не ги пречекори црвените линии кои ќе значат ескалација на состојбите. Исто така, сметам дека нашите политичари треба да бидат многу поактивни во странските медиуми, особено во бугарските. А и во клучните европски земји ние мораме да си го претставиме нашиот случај – објаснува Боцевски.

    Деца и возрасни

    Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека евентуалното протерување бугарски дипломати е крајно неприфатливо, бидејќи, како што објаснува, се работи за изолирани случаи, односно за бугарски провокатори-индивидуалци кои не добиваат поддршка од официјална Софија.

    – Ниту може да се очекува протерување на бугарските дипломати од земјава, ниту е потребно да се случи нешто такво. Во случајов се работи за инциденти кои не се државно финансирани и кои не се под капата на државата. Се работи за протестни ноти поднесени поради навредливи изјави од страна на индивидуалци, без разлика на тоа дали тие се европратеници или пратеници. Националисти има од двете страни на границата и не е прашањето дали ќе се појават такви изолирани случаи, оти такви луѓе со слични размислувања има и кај нас. Прашањето е дали тие луѓе што ги даваат изјавите се државно спонзорирани, односно дали е тоа некаква стратегија што ја води државата или сепак се индивидуалци коишто државата не ги охрабрува. Во случајов со Џамбаски и со Костадинов се работи за второто – објаснува Арсовски.

    Јас сум сигурен дека провокациите не се производ на геостратешката стратегија на Бугарија, па затоа и не доаѓа предвид воопшто да размислуваме за протерување на бугарски дипломати.

    Петар АрсовскиПолитички аналитичар

    Тој вели дека позитивно од целата оваа бркотница со Бугарите е тоа што ние изгледаме и се однесуваме како возрасни, а тие како деца.

    – Ние треба да го држиме и да го одржуваме повисокиот стандард на однесување. Не треба нивните провокации да нѐ натераат да го симнеме нивото. Јас сум сигурен дека провокациите не се производ на геостратешката стратегија на Бугарија, па затоа и не доаѓа предвид воопшто да размислуваме за протерување на бугарски дипломати – рече Арсовски.

    Инаку, идејата за протерување бугарски дипломати од земјава прва ја начна Јована Мојсоска од Левица, која во разговор за Плусинфо вчера рече дека треба бугарскиот амбасадор да го прогласиме за „персона-нон-грата“.

    – Во која било друга нормална држава би бил протеран поради безобразното и агресивно делување на неговата земја – изјави Мојсоска.

     

    Фото: МИА

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img