More

    Донесена нова уредба за субвенционирани летови

    spot_img

    Владата денеска донесе нова Уредба за начинот и критериумите за доделување финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници во наредните две години и потребната документација којашто треба да се достави од корисниците на тој вид поддршка.

    Како што соопшти владината прес-служба, на седницата е донесена Програмата за определување средства потребни за доделување финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија на домашни и странски превозници, за периодот од 2023-2025 година.

    – Согласно овие одлуки, Владата, преку Министерството за транспорт и врски, во следниот период, ќе распише јавен повик за доделување финансиска поддршка за авиокомпании коишто ќе воведат нови авиодестинации за граѓаните.Овозможувањето патувања до дополнителни одредишта во Европа и во светот ќе значи и отворени можности за економски развој, унапредување на туризмот и запознавање и соработка помеѓу граѓаните и бизнис секторот од нашата држава и од други држави – велат од Владата.

    Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски неодамна во интервју за МИА информираше дека до Владата на разгледување е доставена нова уредба со која е дефинираше нов модел за распределба на финансиска поддршка за авиолинии. Субвенции за летови, како што рече, ќе има според правилата за државна помош на Европската унија.

    – Ќе може да се вклучат што е можно повеќе оператори и да не се врзуваме само за еден. Исто така го ограничуваме интензитетот на субвенционирање како што налага и бара Европската комисија, се со цел да овозможиме што повеќе дестинации за граѓаните и да го развиеме авиосообраќајот. Предност ќе имаат авиокомпаниите што ќе понудат поголеми воздухоплови, директни линии до поголеми аеродроми и повеќе летови неделно. Во договорот ќе стои дека операторот ќе треба да ги опслужува линиите и по истекот на договорниот рок за период колку што добивал државна поддршка – рече Бочварски.

    Последниот од трите договори за субвенционирани летови што на тендер ги доби унгарскиот нискобуџетен авиопребвозник „Виз ер” заврши на 1 март годинава.

    Во 2019 година за субвенционирани летови се исплатени 66.584.935 денари, во 2020 година 21.098.924 денари, во 2021 година 10.475.649 денари, а годинава не се исплатени средства.

    Со зимскиот распоред на летови што стапи во сила на 30 октомври од скопскиот аеродром има вкупно 41 дестинација, до каде ќе летаат 13 авиокомпании, а на охридскиот аеродром седум редовни дестинации со четири авиокомпании.

    На двата аеродрома во државава од јануари до крајот на септември годинава се превезени над 1,8 милиони патници (1 811 168) и се реализирани 14.823 летови.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img