More

    Дијабетичарите и алергичните на глутен ќе сонуваат таква гозба

    spot_img

    Владата не мислеше на болните кои треба да одбегнуваат или не смеат да јадат бел и полубел леб кога ја замрзна цената само на овој тип леб, реагираат болни од дијабет, стари лица и оние кои не треба да јадат храна со глутен. Тие велат дека се изложени на голем трошок за лебот кој го користат секојдневно, а чија цена остана висока. Дополнително имаат и трошоци за лекови кои не се мали.

    Според нив, Владата требаше да побара компаниите да ги намалат цените и на другите типови леб за да ѝ олесни и на оваа категорија луѓе или да спроведува посебна политика за нив.

    – За нас нема никакво значење тоа што полубелиот и белиот леб се со цена од 33 денари, бидејќи воопшто не го користиме тој леб. Имаме дијабетичар дома и купуваме леб кој треба да го јаде. Цената на овој вид леб не е ниту намалена, ниту замрзната а трошокот е висок и заедно со лековите ни создава проблем, бидејќи имаме ниски примања. Но, кога се носат одлуки во Владата никој не се сеќава на болните луѓе кои треба да користат друг вид леб. Бројот на овие луѓе не е мал – вели Марија А.

    Со оглед дека дијабетичарите постојано треба да водат грижа за одржување на нивото на шеќер во крвта, што значи и посебен режим на исхрана, тие користат одреден видови леб, главно интегрални или леб наменет за дијабетичари. Овие лебови имаат цена од 72 до 120 денари.

    Од здруженијата на дијабетичари велат дека проблемот е многу поголем кај семејствата кај кои дијабетесот е генетски и има заболени повеќе членови на семејството.

    – Замислете овие луѓе треба да купат 2 или 3 леба дневно. Тоа не се малку пари, бидејќи најголемиот број од семејствата се со ниски плати, дел се и со пензионери. Во Скопје, на пример, може да се најде специјален леб за дијабетичари, а во другите градови ние користиме интегрален или леб сличен на него. Затоа сметам дека е добро и овој леб да има некоја подостапна цена – вели Митко Митевски, претседател на Здружението на дијабетичари од Кавадарци.

    Ваквата идеја ја поздравуваат и од Здружението на лица со дијабетес „Алегрија“ од Скопје.

    – Супер би било да има и таква мерка. Како и тоа да не биде само како мерка туку како политика на државата, лебот и печивата за дијабетес за нас да се со пониски (реални) цени – велат од Здружението.

    Од ова Здружение потсетуваат дека лицата со дијабетес можат да јадат секаков леб, само ако добро го дозираат инсулинот, но него го нема.

    – За жал, инсулинот и тестерите за инсулин уште недостигаат во делови од земјава што е дополнителен проблем за болните – велат од Здружението.

    Во Македонија 170.000 луѓе страдаат од дијабетес, а околу 48.000 имаат дијабетес тип 1 и користат инсулинска терапија. Според анализите, еден од тројца луѓе во земјава имаат пред-дијабетна состојба. Вкупно 800 деца и млади лица до 18-годишна возраст имаат дијабет тип 1 и користат инсулинска терапија.

    Но, не само дијабетичарите, за високата цена на лебот се жалат и други болни кои треба да користат одделни видови леб како луѓето кои се болни од целијакија, хронична автоимуна болест што се карактеризира со неподносливост на организмот на глутен. Тие велат дека безглутенската храна е поскапа за повеќе од 100 отсто од глутенската.

    – За нас болните од целијакија државата воопшто не води грижа. Ние не ги користиме лебовите од житарки но оние кои ги користиме се многу скапи. На пример, безглутенскиот леб со додатоци на ленено семе или чиа чинат од 315 до 395 денари и повеќе. Овие пари мора да ги издвоиме дневно, но никого не го интересира дали можеме да си го дозволиме тоа. Ако се сведете на леб од хељдино брашно тогаш во продавниците тоа чини од 73 до 84 денари. Секако, можеме и да набавиме безглутенско брашно кое исто така е скапо иако го земаме на рецепт, но не секогаш го има. Тоа сега во аптеките чини 150 денари, но процедурата е компликувана и ретко кој го зема од аптека. Во продавниците цената на безглутенското брашно се движи од 199 денари до 1.378 денари зависно од составот и дали е органско, па одете и купете, ако имате минимална или просечна плата. Велат ги намалуваат и цените на тестенините, па безглутенските, најевтините кои се од ориз чинат 95 денари, а зависно од составот чинат и до 302 денари – вели Маргарита од Скопје.

    Таа додава дека употребата на глутенски леб кај овие болни и во мали количини предизвикува проблеми.

    – Една студија покажа дека кај болните веќе еднократна доза на 1/5 од обично парче леб (околу 625 милиграми на глутен) е доволно да предизвика сериозни симптоми, вклучувајќи тешка дијареја и повраќање, да ја влоши атрофијата на цревните ресички на тенкото црево. Присуството на горенаведените симптоми и зголемувањето на воспалението на цревата има покажано и кај луѓето кои имаат внесено само 24-30 милиграми глутен – околу 1/145 од парче класичен леб (количината одговара на една трошка). Дури и дневна доза мали количини глутен – повеќе од 50 mg, или околу 1/70 од споменатите парчиња леб, доведува до постепено влошување на симптомите и оштетување на цревата – појаснува таа.

    Денес се смета дека 1 процент од целокупната популација на планетата боледува од глутенска ентеропатија, односно во Европа дури 1 од 130 до 1 од 300 луѓе во различни земји ја имаат оваа болест. Во земјава не се знае точниот број на овој вид болни, но има податок дека еден од 4.000 пациенти во земјава ја има оваа болест. Кај голем број луѓе сè уште не е дијагностицирана. Се смета дека на еден дијагностициран има 7 кои не се дијагностицирани. Ризикот за болеста кај членовите на семејство, каде што има болен од целијакија, е 10 пати поголем. Оваа болест може да биде здружена со низа автоимуни болести како дијабетес мелитус тип 1, псоријаза, Сјоргенов синдром, автоимун хепатитис, автоимун тироидитис, витилиго, артритис и сл.

    Реагираат и пензионери кои имаат повеќе болести и поради тоа треба поздраво да се хранат.

    – Зошто Владата не помисли на болните пензионери кои не можат да јадат бел или полубел леб. Зарем ние не сме дел од граѓаните на кои треба да им се помогне. Најавија повисоки пензии, ама лебот што треба да го јадеме поради низа болести е три пати поскап од оној на кој му ја замрзнаа цената. Значи, ние со ниски пензии само бел леб треба да јадеме или треба да купуваме само неколку дена во месецот и да го мирисаме поскапиот леб – вели пензионерка.

    Владата за да го зачува стандардот на населението на крајот од февруари ја замрзна цената само на полубелиот и белиот леб на 33 денари.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img