More

    Бизнисмени бараат ноќните вишоци да ги добијат компаниите

    spot_img

    ЕСМ може да ја продава струјата на нашите трговци со струја, за да ни го намали товарот од енормно високите цени на струјата што го имаме, велат бизнисмени. Според нив, потребна е само одлука на владата со која ќе му се наложи на македонскиот производител на електрична енергија да ги продава ноќните вишоци на домашните компании. Оваа реакција на бизнисмените доаѓа по информацијата дека ЕСМ продава ноќни вишоци на трговци со струја, кои потоа ја продаваат струјата во Албанија.

    Експерти, пак, велат дека нема ништо спорно во продажбата на ноќните вишоци на струја од ЕСМ, но велат дека е логично таа струја да завршува кај македонските компании, кои се соочуваат со енормно висок раст на цената на струјата. Дополнително апелираат да не се користи ноќно производство на хидроелектраните, бидејќи кај нив производството може да се контролира.

    Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, обвинува дека, ЕСМ ги продава ноќните вишоци на фирми блиски до власта кои пак ја извезуваат струјата и ја делат заработката со власта.

    Бизнисмените прашуваат зошто, кога се знае дека поради големите трошоци за струја дел од компаниите веќе го намалија производството, а некои ги затворија погоните, владата не носи одлука барем ЕСМ овие вишоци да ги продава на домашните компании кои работат 24 часа во денот.

    – Оваа струја може да се продава на нашите трговци со струја за потребите на домашните компании чие производство не запира, главно тешката метална индустрија, рудниците… Наместо да ја продава на трговец со електрична енергија кој извезува струја, може да ја продава на 4 компании кои имаат потпишани договори со домашните компании за снабдување со струја. Нашите договори за снабдување со електрична енергија се со променлива цена на енергијата, која достига и над 500 евра за мегаватчас, па секоја цена под оваа, а како што знаеме ЕСМ ја продава електричната енергија од 30 до 50 отсто поевтино, е добредојдена за компаниите – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

    Тој додава дека голем број компании, поради високите трошоци за струја, се принудени да го намалат производството, а некои веќе го запреле на неодредено време.

    – Се што е користење на струја повеќе од осветлување на погоните и е струја за производство е голем трошок за компаниите кои не можат да го издржат бидејќи цената на струјата е веќе зголемена за 10 пати во однос на она што беше случај ланската година – вели Димитров.

    Според него, за да се реализира продажбата на ноќните вишоци на домашните компании е потребна само една одлука на владата која ќе ја почитува ЕСМ.

    – Еве со одлука на владата исто како лани се бара Те-То која е приватна електрана да го нуди производството на домашни компании, а ЕСМ кој е државен производител уште полесно може да продава на домашниот пазар со пониски цени, како и што прави, од берзанските што би било добро за компаниите. Тука не се потребни измени на закони кои треба да поминат на Собрание, туку само одлука на владата, бидејќи имаме енергетска кризна состојба – вели Димитров.

    Тој како и повеќе експерти е загрижен дека ЕСМ можеби продава струја која ја произведуваат хидроелектраните.

    – Ако велиме дека РЕК Битола, поради производниот процес е скапо да го запира производството на неколку часови, тогаш хидроелектраните можат да го намалуваат производството и да го чуваат хидропотенцијалот за периодот кога има потреба од поголемо количество на струја и кај домаќинствата и кај компаниите – додава тој.

    Според податоците од сајтот на ЕСМ дневно хидроелектраните произведуваат 15 отсто од струјата, термоелектраните 84 отсто и еден отсто отпаѓа на ветерниците.

    И професорот Ристо Цицонков вели дека хидроелектраните не би требало да произведуваат струја ноќе, за да се продава тоа производство.

    – Кај хидроелектраните има можност да се намали или прекине производството во часови кога нема потреба од струја. Според тоа, може да се чува водата за производството на електрична енергија во дневните часови кога имаме зголемени потреби поради работа на компаниите. Но дали ЕСМ управува така со хидроелектраните, не можам да кажам, бидејќи немам таков податок – вели тој.

    Според него, ноќните вишоци е логично во услови на енергетска криза да се продаваат на домашни компании, а не да се извезуваат.

    – Немам доволно информации дали трговците на струја кои ги снабдуваат компаниите со електрична енергија од слободен пазар учествувале на тендерите на ЕСМ, но логично е да се размисли во услови на енергетска криза ЕСМ да им ја продаде ним струјата, бидејќи е наменета за домашните компании и е за 30 до 50 отсто поевтина од увезената – вели Цицонков.

    Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе втора недела обвинува дека ЕСМ ги продава ноќните вишоци на фирми, трговци со струја, блиски до власта, кои пак ја извезува струјата. ВМРО-ДПМНЕ претпоставува дека дел од парите завршуваат во џебови на луѓе од власта.

    – АД ЕЛЕМ има сопствено претпријатие за трговија со струја, ЕЛЕМ Трејд, кое може да се јави како купувач на струјата на АД ЕЛЕМ, а потоа и препродавач на домашни и странски пазари. Несфатливо е зошто во ек на енергетска криза, кога се бара мегаватчас повеќе, АД ЕЛЕМ не ја врши трговијата само туку тоа го остава на трговци кои нижат милиони. Зошто наместо добивката од 1 милион евра, којашто ја направиле двете фирми купувачи на струјата на АД ЕЛЕМ да остане во претпријатието, таа се одолеала кон странство? Се поставува основан сомнеж за однапред договорена работа и свесно внесување на АД ЕЛЕМ и Македонија во целост во оштетена положба – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

    Директорот на ЕСМ во одговор на ова тврдење на опозицијата рече дека ноќните вишоци што ги продава ЕСМ се на слободниот пазар и може да ги купи кој било.

    – Струјата ја продаваме на аукција каде што имаме највисока цена во конкурентна и транспарентна постапка. Манипулација со јавноста е дека оваа енергија ја продаваме двојно поевтино отколку што е цената на ХУПЕКС. Енергијата од 2 до 7 часот е најевтина затоа што во тој период има најмалку потреба од електрична енергија на пазарот во нашата држава. Ова е вистината. Оваа енергија којашто ЕСМ ја продава, ја продава затоа што ја произведува и за да не ја пушта во системот без пари, наплатува и тие се дополнителни приходи за компанијата – тврди Ковачевски.

    Тој појаснува дека се продаваат вишоци произведени во РЕК Битола и ТЕЦ Неготино, со инсталирана моќност од 50 MW.

    – Оваа енергија АД ЕСМ мора да ја произведе затоа што се вклучени сите овие капацитети и нема техничка можноста да се намали или да се исклучат овие капацитети затоа што нивното повторно вклучување ќе трае 12 или 24 часа – појасни Ковачевски.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img