More

    Османи нека покаже црно на бело кој бара Бугари во Уставот

    spot_img

    Неколку спорни и неточни тврдења искажа министерот за надворешни работи Бујар Османи на вчерашниот брифинг со новинарите, а кои беа поврзани со преговорите што ги води земјава со Бугарија. Ова го тврдат експертите за надворешна политика со коишто разговараше Плусинфо, а кои посочуваат три искази на министерот кои „безобразно ја прелеваат чашата на лагата“.

    „Зошто е спорно да се признае бугарското малцинство во земјава, а не е спорно да се признае црногорското и хрватското малцинство?“ Ова прашање вчера како од пушка го испали Османи, додека, пак, експертите како од топ му одговорија: „Затоа што за разлика од Хрватска и Црна Гора, Бугарија не го признава македонското малцинство во земјата и не спровела ниту една од 16-те пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур за правото на македонското малцинство за регистрација на нивните здруженија“.

    Втората работа за којашто му се замерува на министерот е тврдењето дека „барањето за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав дошло од бугарското малцинство во земјава, а не директно од Бугарија“. Како што посочуваат нашите соговорници, дури и да е така, добро би било Османи јавно да го приложи документот, оти македонскиот народ заслужува да знае каде и кога било поднесено барањето и кој е потписникот. Исто така, експертите од министерот бараат одговор на прашањето дали барањето за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав сѐ уште е дел од „пакетот 4+1“ кој го предложи официјална Софија.

    И трето, Османи тврди дека уставното уредување на Бугарија не предвидува признавање на малцинства, па поради тоа и македонското МНР не реагирало на тоа што Бугарија не го признава македонското малцинство, но експертите појаснуваат дека „таквото уставно уредување на Бугарија очигледно важи само за Македонија и за Македонците во Бугарија“.

    За прашањето како е точно формулирано бугарското барање, но и како „институционализирањето” на Бугарите во Македонија би се одразило врз статусот и правата на Македонците во Бугарија, одговор побаравме од македонското Министерство за надворешни работи, но до објавувањето на текстот не ни одговорија.

    Симетрија и асиметрија

    Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, во изјава за Плусинфо му порачува на министерот Османи да започне да ги гледа работите на ниво на рамноправност, реципроцитет и заедничко почитување на народите.

    Aко Османи сака да бидат појасни работите за мекедонската јавност, наместо селективност и со прераскажување да ја манипулира јавноста, сметам дека е време во Собранието да ги претстави документите на кои се наведени барањата од Бугарија, како и одговорите од Македонија.

    Антонио МилошоскиПоранешен министер за надворешни работи

    – Најпријателски чин од Хрватска, Црна Гора, па дури и Словенија, е тоа што во нивните општества и законодавства Македонците се признаени и уживаат право на здружување за културни, образовни и идентитетски цели. И тоа е гест којшто е европски и билатерално е цивлилизациски и пријателски. Од друга страна е Бугарија, која е членка на Европската Унија, а која ја блокира Македонија поради некакви европски вредности, додека, пак, самата таа не ги признава ниту македонското, ниту турското, ниту албанското, ниту ромското малцинство. Затоа сметам дека не е добро министерот за надворешни работи Бујар Османи да релативизира, туку да започне да ги гледа работите на ниво на рамноправност, реципроцитет и заедничко почитување на народите. Кога некој те почитува, тогаш немаш ниту изговор, ниту проблем да возвратиш еднакво со таа почит – објаснува Милошоски.

    И поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија, Марјан Ѓорчев, во разговор за Плусинфо вели дека постои огромна разлика од состојбата во којашто се наоѓаат Македонците во Хрватска и во Црна Гора, во споредба со Македонците во Бугарија.

    – Во хрватскиот Устав е регистрирано македонското малцинство, па хрватските граѓани со македонска самосвест си добиваат и парични надомести за организирање манифестации и турнеи. Тоа е еден симетричен однос помеѓу Хрватска и Македонија, кое низ годините наназад прерасна во едно огромно пријателство. Во Црна Гора можеби не е идентичен статусот поради малобројноста на црногорските граѓани со македонска самосвест, но факт е дека имаме добри односи и дека односите се надградуваат од година во година. Исто така, помеѓу македонскиот и црногорскиот народ постои една традиционално добра соработка и симетрија. Од друга страна, во односот со Бугарија, не постои никаква симетрија. Нашиот Устав може да издржи да се вметнат и Бугарите и Црногорците и Хрватите, тоа е хумано оправдано, меѓутоа прашањето е како Бугарија се однесува во поглед на симетријата кон бугарските граѓани коишто се самоопределуваат како Македонци. Нивниот ригиден став кон тоа наметнува една асиметрија којашто во иднина ќе биде многу тешко да ја исправите. Ако сега Македонија еднострано ги вметне Бугарите во Уставот, тоа е потклекнување и седнување на пониското столче на масата – објаснува Ѓорчев.

    Пониско и повисоко столче

    Во однос на тврдењето на Османи дека бугарското уставно уредување не предвидува признавање малцинства, Милошоски предлага нашиот источен сосед да се охрабри и да покаже вредности кон Советот на Европа.

    – Бугарија е земја-членка на Советот на Европа во Стразбур каде што членуваме и ние и сите други земји-членки на ЕУ, па нека се обидат да ја почитуваат праксата за признавање малцинства и на тој начин нека покажат вредности кон Судот за човекови права и нека уважат барем две од вкупно 16 пресуди коишто се однесуваат на правото на здружување на Македонците во Бугарија. Тоа би било многу коректен гест од бугарска страна и би било согласно со европските вредности за човекови права – појасни Милошоски.

    Ѓорчев, пак, смета дека не е точно тврдењето на Османи дека Бугарија не признава малцинства.

    – Јас сум бил во Бугарија и лично сум присуствувал на свечено отворања на капацитети со турски инвестиции, а едно од барањата на Турците за да инвестираат во Бугарија е во компаниите да се вработат бугарски граѓани кои го зборуваат турскиот јазик. Тоа е моќта на Турција, бидејќи во Бугарија живеат околу 700.000 бугарски граѓани со турска самосвест. Тоа што ние го кажуваме дека бугарскиот Устав не предвидува признавање на малцинства, не е точно, односно тоа важи само за нас. Внимавајте, во Бугарија постои Демократска партија за движење и слободи, со којашто раководи Ахмет Доган. Затоа, ние треба постојано да реагираме во Советот на Европа и нон-стоп да го поставуваме на дневен ред прашањето и да бараме Бугарија да биде санкционирана. Ако ние не покажеме заби и не покажеме грижа за нашиот народ, тогаш ќе се сведеме само на скечот на К-15 дека „ние ќе имаме македонско малцинство само во Македонија“. Смешно е, ама и трагично. Во Бугарија е формиран Совет за малцински прашања, но во тој Совет ниту еднаш не е разговарано за правата на бугарските граѓани со македонска самосвест – вели Ѓорчев.

    Документите, ве молам!

    Министерот за надворешни работи Бујар Османи тврди дека барањето за вметнување на Бугарите во Уставот доаѓа од бугарското малцинство во земјава, а не директно од Бугарија, но Милошоски смета дека тој податок не е точен, бидејќи самиот бугарски претседател Румен Радев го поставил условот кој веќе е вметнат и во „пакетот 4+1“.

    Марјан Ѓорчев: Ако ние не покажеме заби и не покажеме грижа за нашиот народ, тогаш ќе се сведеме само на скечот на К-15 дека „ние ќе имаме македонско малцинство само во Македонија“. Смешно е, ама и трагично.

    – Каква форма ќе се даде на тоа барање е релативно прашање и секој може да го спинува согласно потребите. Но, македонската јавност сама беше сведок дека ваквото барање дојде од претседателот на Бугарија, Румен Радев, и дека е политичко барање на шефот на соседната држава. Исто така, условот за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав е дел од „пакетот 4+1“. Затоа, ако Османи сака да бидат појасни работите за мекедонската јавност, наместо селективност и со прераскажување да ја манипулира јавноста, сметам дека е време во Собранието да ги претстави документите на кои се наведени барањата од Бугарија, како и одговорите од Македонија. Тогаш нема да се надмудруваме со зборови, туку ќе ја знаеме вистината – објаснува Милошоски.

    Во врска со прашањето кој и кога го поднел барањето за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав треба да постои писмена документација, потенцира Ѓорчев.

    – Ако постои барање за вметнување на Бугарите во Уставот на Македонија, тогаш потребно е министерот за надворешни работи Бујар Османи да го приложи документот пред македонската јавност. Македонскиот народ заслужува да знае каде и кога било поднесено барањето и кој се потпишал на документот, со цел да може тој документ да добие процедурална форма. Ако македонските граѓани со бугарска самосвест го поднеле барањето, тоа е сосема во ред и тоа е пропишано во Уставот и во нашите закони. Но, документот мора да се извади на виделина и да се отвори дебата во Собранието. Не можеме ние да гледаме само на бугарскиот интерес, оти во Договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија не постои такво барање. Значи, ова е изнедрено од преговорите на поранешниот специјален преговарач Владо Бучковски со бугарскиот државен врв. Значи, ова е нешто ново и во една таква ситуација кога Бугарите бараат нешто што го нема во Договорот, а истовремено се држат како „слеп за стап“ за толкување на заедничката историја, не станува збор за ништо друго освен за директно мешање во внатрешните работи на Македонија – објаснува Ѓорчев.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img