More

    Опозицијата планира да го натрупа бирото на спикерот со нови предлози за референдум?

    spot_img

    Ќе фрчат нови иницијативи за референдум со модифицирани прашања сѐ додека не се донесе собраниска одлука за одржување референдум. Целосна блокада на работата на Собранието. Ќе „летаат“ кривични пријави за претседателот на Собранието. Драстично ќе заладат односите и ќе се влоши соработката помеѓу власта и опозицијата.

    Неофицијално, вака отприлика изгледа планот на делување на опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако собранискиот спикер Талат Џафери синоќа ја одби иницијативата за референдум за поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија.

    Извори од најголемата опозициска партија брифираат дека ракодовството на ВМРО-ДПМНЕ деновиве ќе одржи состаноци на коишто ќе бидат донесени конечни одлуки за партиското делување во иднина, како и дека на тие состаноци ќе биде разговарано за сите правни дилеми и понатамошни чекори.

    Од партијата на Димитар Апасиев, Левица, која ја поддржа иницијативата за одржување референдум, веќе отворено почнаа да најавуваат дека и тие ќе делуваат со поднесување кривични пријави, но и со стотици поднесени иницијативи до Собранието.

    Левица ќе го „бомбардира“ Џафери со 100 други иницијативи?

    Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, најави дека неговата партија ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието, Талат Џафери.

    Можно е да те бомбардираме и со 100 други иницијативи, со различни референдумски прашања, од типот: „Дали сте за тоа бивши амнестирани терористи да можат да извршуваат највисоки државни функции во Република Македонија?“

    Димитар АпасиевЛевица

    Тој објаснува каде погрешил собранискиот спикер за кого вели дека во случајов се ставил во положба на уставен судија.

    – Спикерот не е надлежен да се впушта во мериторно оценување на иницијативата за распишување референдум, туку може само да ја цени нејзината „уредност“ од формално-правен аспект. Спикерот не може сам, без претходно мислење од две собраниски комисии, да одлучи за уредноста на иницијативата. Спикерот, доколку смета дека иницијативата е неуредна, прашањето го префрла на пленумот на Собранието, поради тоа што само тоа има уставна и материјална надлежност да цени дали истата ќе продолжи или ќе запре. Единствено Собранието (на пленарна седница), а не спикерот, е надлежно да одлучи ad meritum за уредноста на поднесената граѓанска иницијатива – преку носење подзаконски правен акт наречен „Заклучок“ (а не „Известување“). Дури тогаш можеш да го известиш подносителот! Толкувањето дека Уставот не дозволува менување на ратификуван меѓународен договор се однесува исклучиво само на мултилатерален договор, а никако на билатерален! Argumentum a fortiori, дури и Влада, а не, пак, Собранието, може да го раскине овој договор со Бугарија. Со овој ultra vires акт на самоволие, кога спикерот се става во положба на уставен судија, сторил кривично дело „спречување избори и гласање“ казниво по чл. 158, ст. 1 од Кривичниот законик, со запретена затворска казна од минимум три години (за што правниот тим на Левица ќе процесира соодветна пријава во ОЈО). Можно е да те бомбардираме и со 100 други иницијативи, со различни референдумски прашања, од типот: „Дали сте за тоа бивши амнестирани терористи да можат да извршуваат највисоки државни функции во Република Македонија?“ – објаснува Апасиев.

    Спикерот ја крши процедурата

    Собранискиот спикер треба да го толкува собранискиот Деловник, а не уставноста на иницијативата за референдум, вели универзитетската професорка по уставно право и пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.

    – Ако собранискиот спикер ја игра улогата на уставен судија, тогаш ајде да го избереме Талат Џафери за уставен судија наместо Љубомир Јовески. Спикерот мора да ја почитува постапката и иницијативата веднаш да ја проследи до двете надлежни собраниски комисии. Дури и нивното мислење да биде негативно за иницијативата, таа сепак мора да се најде на дневен ред на првата наредна собраниска пленарна седница, што директно е наведено во членовите 191 и 192 од Деловникот за работа на Собранието – вели професорката.

    Спикерот Талат Џафери, додава таа, заборава дека неговиот потпис стои зад референдумското прашање „Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на Договорот од Преспа?“

    – Тогашниот референдум не можеше да биде консултативен, зашто таков може да биде само пред ратификувањето на Договорот. А, Договорот беше ратификуван на 20 јуни 2018 година, додека референдумот се одржа на 30 септември. Врвни светски познавачи на уставното право коментираа дека светот во историјата не познава побизарно референдумско прашање. Но, во што е разликата? Разликата е во тоа што тогаш иницијативата за референдумот дојде од Владата, а сега доаѓа од граѓаните и затоа не ја прифаќа. Човекот уште на стартот ја крши почнатата процедура – објаснува Силјановска-Давкова.

    Уставниот суд не е во кондиција

    Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, пак, се согласува со потегот на Џафери, бидејќи смета дека меѓународните договори не можат да бидат отфрлани или поништувани со референдум.

    – Имајќи предвид во каква состојба се наоѓа Уставниот суд и воопшто прашањето коешто се покренува со иницијативата за референдум, сметам дека не постои некаква основа за делување на Уставниот суд, ниту, пак, очекувам да се направи некаква разрешница на овој случај. Јас лично го делам мислењето со собранискиот спикер Талат Џафери, бидејќи сметам дека меѓународните договори не можат да бидат отфрлани или поништувани со референдум – посочува Ивановски.

    Меѓународните договори, појаснува тој, се склучуваат и се заклучуваат за да се спроведуваат.

    – Во крајна линија, ако почнат да се појавуваат такви иницијативи за додефинирање на прашања, мислам дека таквото опуштање секој да може да ги оспорува и да ги поништува тие договори само ќе направи да бидеме сфатени како крајно несериозна држава. Во случајов, јас не мислам дека Уставниот суд е во кондиција за да се произнесе објективно, оти нема ни авторитет за такво нешто. Но, дури и да започне постапката, треба на сите да ни биде јасно дека тој процес ќе трае многу долго. Така што, не очекувам никакво сериозно делување на Уставниот суд – објасни Ивановски за Плусинфо.

    Кржаловски: Талат не е надлежен да толкува уставност

    Одлуката на собранискиот спикер најверојатно ќе заврши на Уставен суд, оценува извршниот директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Александар Кржаловски.

    Тој објаснува дека иако е претседател на Собранието, Џафери е само еден од пратениците и тој не е надлежен да толкува уставност на што било, вклучувајќи ја и иницијативата за референдум.

    – Контроверзноста ја гледам во повикувањето на членови од Уставот за одбивање на иницијативата. Имено, одлуката се повикува на член 8 (темелните вредности) за почитување на меѓународното право. Патем, таму се зборува за општо прифатените норми, а не за поединечни билатерални договори, и се прескокнува, на пример, дека истиот тој Договор и особено последиците од него кои нѐ доведоа до т.н. француски предлог, прекршува барем половина од тие темелни вредности наведени во истиот тој Член 8 од Уставот (пр. основните човекови слободи и права, слободното изразување на националната припадност, владеењето на правото, и.т.н.) – вели Кржаловски за Дојче веле.

    Но, дури и сето ова да се тргне настрана, според Кржаловски, нејасно е кому му е потребна ваква одлука и зошто е донесена.

    – Ќе се спречи референдум? Па, веројатно уште утре ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе нова иницијатива со малку модифицирано прашање и ќе го прави тоа сѐ додека не се донесе собраниска одлука за референдум. А паралелно ќе тера постапка и во Уставниот суд за оваа одлука на Џафери. Како со ваков однос кон опозицијата и нивната иницијатива, парламентарното мнозинство и лично Џафери очекуваат кој било пратеник од ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени? Ако некој воопшто се надеваше дека по примерот на Преспа, вака или така ќе се убедат 6 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени, со ова и слични вакви однесувања на позицијата, веројатно сите такви надежи се закопаа – оценува Кржаловски.

    На власта ѝ се јасни две работи

    Одлуката на Џафери за одбивање на одлуката е незаконска, реагира и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, на денешната прес-конференција.

    – СДС и ДУИ преку Талат Џафери прават правни гимнастики за да го избегнат народот, затоа што знаат дека над 60% од Македонците го поддржуваат и ќе излезат на референдумот кој би се организирал – рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, на денешната прес-конференција.

    – Објаснувањето на Џафери со кое ја отфрла иницијативата е правно неиздржано, небулозно и не содржи правна подлога. Спасувањето на Ковачевски од дебакл го направил со целосно кршење на законите и Уставот. Прашањето на ВМРО-ДПМНЕ не ја менува содржината на договорот, туку го оспорува законот со кој се ратификува билатерален договор и се прогласува за важечки на територија на Република Македонија со сила на закон. Со поништување на Законот за ратификација на договорот, тој ќе престане да важи за Република Македонија, зашто согласно нашиот Устав меѓународните договори мора да бидат ратификувани како закони. А, со тоа и ќе престанат сите негации на Македонија за јазикот, историјата и идентитетот, и би се пристапило кон репреговарање, но достоинствено – рече Мисајловски.

    Со отфрлањето на иницијативата, додава Мисајловски, власта бега од народот затоа што е свесна за две работи.

    – Првата работа е тоа што знае дека ќе има излезеност на референдумот, а втората е затоа што знае дека народот е против Договорот со Бугарија, кој е извор на асимилација која СДС и Ковачевски ја спроведуваат. Талат Џафери со оваа своја одлука, наместо чувар на Уставот, стана шампион во кршење на Уставот – истакна Мисајловски.

    Петковски: Талат можеше да наведе друга причина, оваа не држи вода

    Спикерот Талат Џафери не е надлежен да цени уставност и законитост, тоа е во рацете на Уставниот суд, вели за МКД поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, во врска со одлуката на Џафери да ја отфрли иницијативата за одржување референдум поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.

    – Претседателот на Собранието ги потпишува актите во името на Собранието. Не само од правен и деловнички аспект, туку и од демократски аспект е добро одлучувањето да се постави на седница на Собранието, секако, откако собраниските комисии ќе предложат став за кој потоа на пленарна седница ќе се носи одлука. Не треба никој да се става над Собранието, во случајот претседателот. Од формално-правен аспект нема пречка барањето да се стави пред Собранието и тоа да се произнесе – вели Петковски.

    На прашањето што значи можноста претседателот на Собранието од формален аспект да може да се изјасни за иницијативата, Петковски вели дека тој можел подносителите на иницијативата да ги корегира во однос на „непознатата адреса” со која беше поднесена иницијативата.

    – Како што видовме од документот, таму адресата гласи „Претседател на Собрание“, која можел Џафери да ја протолкува како непозната бидејќи целата адреса гласи „Претседател на Собрание на Република Северна Македонија“. Џафери можел да ја врати иницијативата и да укаже да биде корегирана адресата. Но во никој случај не може тој да го цени Уставот – нагласува Петковски.

    Дали сепак иницијативата, како што пишува во Деловникот, треба да оди пред комисиите, Петковски вели дека Џафери се произнел дека иницијативата е отфрлена, па сега, како што оценува, останува можноста да се оспори неговата одлука пред Уставниот суд.

    – Во секој случај, одлуките на Собранието ги потпишува претседателот, тој може да толкува одредби од Деловникот и во тој контекст да укажува, но не може да каже дали е согласно Уставот или не – вели Петковски.

    Инаку, Џафери синоќа ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ. Во одговорот до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Џафери напиша дека иницијативата со која се бара да се распише референдум за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, не е во согласност со Уставот.

    Џафери на обвинувањата одговори дека Парламентот работи според Уставот и според Деловникот, а претседателот на Собранието е должен да ги следи работите не само како форма, туку да ја следи и нивната суштина.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img