More

    Лебот од утре поскап за 6 денари

    spot_img

    Колку ќе чинат прехранбените производите за кои од утре трговците слободно ќе наплаќаат маржа и дополнителни 5 отсто ДДВ? Се знае или не?

    Владините мерки за ублажување на ценовниот шок завршуваат денеска на полноќ, а веќе од утре се очекува на полиците во маркетите да има нови повисоки цени на лебот, шеќерот, солта, брашното тип 400, суровото сончогледово масло, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, свежото месо и сувомеснатите производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата, овошјето и на зеленчукот. Трговците и производителите веќе се подготвени од утре  да ги вратат цените за висината на  процентот на маржата и на Данокот на додадена вредност.

    Дополнителен удар за граѓаните ќе бидат и новите цени на горивата, кои од полноќ ќе се пресметуваат со ДДВ од 18 отсто, бидејќи завршува и мерката за намалување на данокот за гориво на 10 отсто. Истовремено, завршува и мерката за намалување на акцизата врз основа на берзанските цени.

    Владата досега не понуди нови мерки, ниту пак се изјасни за продолжување на актуелните . Според најавениот дневен ред на денешната владина седница, нема точка поврзана со мерките.

    За граѓаните ова не е веќе изненадување, бидејќи и досега секој ден имаа нови цени на прехранбените производи кои за една година, официјално според статистиката, се зголемија за 13 отсто.

    За опозициската ВМРО-ДПМНЕ ова е нов удар врз стандардот на граѓаните. Опозицијата најави предлог на нови измени на законот за ДДВ, според кои нема да се плаќа ДДВ за прехранбени производи, а данокот за горивата да изнесува 5 отсто.

    Почнувајќи од утре лебот и брашното со повисока маржа и пресметан ДДВ од 5 отсто ќе имаат повисока цена за 5 до 6 денари, а поскапи ќе бидат и другите производи за кои досега имаше ограничена маржа, а не се пресметуваше ДДВ. Но, сѐ ќе зависи од тоа во кој маркет ќе се купуваат овие производи, бидејќи трговците самостојно го утврдуваат процентот на маржата. Пред ограничувањето на маржите на 5 отсто односно на 10 отсто кај трговците на големо и мало, тие пресметуваа маржа од 20 отсто до 30 отсто. Маржата, пак, која ја пресметуваа производителите во крајната цена на производите се движеше од 2 отсто до 3 отсто. Според ова, јасно е дека треба да се очекува поскапување од најмалку 15 отсто, поради маржата и поради дополнителните 5 отсто за ДДВ за производите за кои во изминативе три месеци не се плаќаше ДДВ.

    Владата неодамна најави дека се прават анализи кои ќе ги одредат следните чекори по завршувањето на претходните мерки за ограничување на маржата и намалувањето на ДДВ, за што ќе ја информира и јавноста. Но, до овој момент нема најава за нови мерки.

    Плусинфо денеска ги праша и Владата и Министерството за економија дали има некакви измени во однос на мерките или дали се подготвуваат нови мерки, но до објавувањето на овој текст не доби одговор.

    Пред една недела од владата се повикаа на антикризните мерки вредни 400 милиони евра.

    – За да се ублажат влијанието на новата енергетска криза и на ценовната криза врз стандардот на граѓаните и врз ликвидноста на стопанството, веќе донесовме пакет мерки во вредност од над 400 милиони евра. Во рамките на тој пакет се опфатени и мерките за намалување, односно укинување на стапката на ДДВ на основните прехранбени производи, од 5 на 0 отсто, намалена е стапката на ДДВ од 18 на 10 отсто за нафтените деривати, како и стапката на ДДВ за електричната енергија која е намалена уште минатата година од 18 на 5 отсто и таа стапка ќе се применува до крајот на годината – изјавија за Плусинфо тогаш од Владата.

    Најавата дека завршуваат мерките за ублажување на ценовниот шок ги натера граѓаните да ги наполнат продавниците. Вчера попладне, а и денеска, видливи се турканици пред полиците на некои од производите.

    – Да, знам дека денеска завршуваат мерките на ограничени маржи и намален ДДВ за прехранбени производи. Еве, затоа и вчера и денеска има турканици во маркетите. И јас планирам да земам дополнителни количини масло и брашно, но знам дека тоа не е решение за проблемот. Веќе утре ќе имаме нови цени на производите, иако набавките трговците ги направиле во периодот кога маржата и ДДВ беа намалени. Тоа е работа на инспекторите, а ние ќе си плаќаме повисоки цени сè додека можеме да издржиме или ќе почнеме да штедиме повеќе отколку што треба, а некои производи нема да ги купуваме. Никој не мисли на тоа со каков буџет располагаат домаќинствата во земјава и колку од нив се на работ на сиромаштија. Не ги коментирам овде цените на горивата, бидејќи таму можеме да штедиме ако се возиме со автобус и користењето на автомобилите го сметам за луксуз – вели граѓанка што ја затекнавме во еден од маркетите.

    И производителите, под притисок на повисоките цени на суровините и на енергенсите, на струјата и на бензинот, подолг период најавуваат повисоки цени на своите производи, за да се извлечат од можното одење во загуба и отпуштање работници. За четири месеци од годинава, прехранбената индустрија, според податоците на Државниот завод за статистика, ги зголеми цените на производите за 11 отсто, а само во април за 3,1 отсто.

    Поради укинување на бесцаринскиот увоз на суровини за производство на сувомесни производи, најавено е зголемување на цената на овие производи за 15 до 20 отсто веќе од 5 јуни. Повисоки цени производителите најавуваат и за брашното и лебот, поради усогласувањето на процентот на маржите и на ДДВ од 5 отсто.

    – Враќањето на маржите и на ДДВ од утре, на брашното и на лебот, зависно од производот, ќе значи поскапување од 5 до 6 денари. Ние веќе ги информиравме трговците за новите цени, а верувам дека и тие веќе ги пресметале маржите и ДДВ – вели Горан Малишиќ од Здружението на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора.

    Но, додава тој, нови цени на брашното и лна ебот можат да се очекуваат по завршување на жетвата.

    – Колкав ќе биде процентот на зголемување на цената ќе зависи од откупот на пченица и цената на увезената пченица која се продава по берзански цени. Дополнително, тука влегуваат и цените на енергенсите, кои вртоглаво растат, како и платите на вработените. Соодветно на растот на цената на брашното треба да се очекува и повисока цена на лебот – додава тој.

    Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека со слободното формирање на цените, односно по престанок на важењето на владините мерки, се очекува вртоглав раст на цените на прехранбените производи кое најмногу ќе ги погоди сиромашните граѓани.

    – Очекувам да се случи пазарен шок од проста причина што досегашното искуство со регулирање на цените покажа дека владата не се снајде со проблематиката, ги замрзна цените на основните производи, сега тој рок поминува и најавите се дека ќе остави пазарот слободно да си го направи своето. Ако Владата во оваа ситуација не најде механизми да интервенира на пазарот преку државните резерви, преку соодветни политики, преку понуда на производи, ние може да очекуваме ценовни шокови и тоа ќе удри најмногу врз сиромашните, затоа што цените на храната вртоглаво ќе растат – вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Здравко Трајанов во изјава за Слободна ТВ.

    Од оваа партија најавуваат Закон со кој производите за човечка исхрана ќе бидат ослободени од ДДВ до 31 декември 2022 година. Дополнително, се бара ДДВ за течните горива да биде 5 отсто до крајот на оваа година.

    Експертите се согласни дека актуелните мерки се ограничувачки и на подолг рок би дале спротивен ефект, но Владата има можност да донесе други мерки кои би биле од корист за граѓаните и бизнисите. Предлагаат интервентен увоз, или интервенција со стокови резерви, со цел државата да го понесе товарот на ценовните разлики со бенефицирани цени, со субвенционирани цени да се ублажи притисокот. Втор начин е да донесат социјални мерки, односно помош за најранливите категории, за полесно да го совладаат товарот на оваа криза

    Според статистичките податоци, во април, цените на мало пораснале за повеќе од 11 отсто, а инфлацијата достигнала 10,5 отсто.

    Фото: Unsplash

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img