More

    Лажни курири мобилизираат резервисти

    spot_img

    Ако во изминатиот период ви се појавиле двајца мускулести батки во цивилна облека на врата, ако ви се претставиле како курири кои ви носат абер од Министерството за одбрана, ако ви покажале список со машки имиња на кој се наоѓа и вашето име, ако ви ги побарале личните податоци и ви рекле дека наскоро ќе бидете повикани на воена вежба, тогаш најверојатно е дека сте биле цел на измама.

    Читател на Плусинфо нѐ контактираше и нѐ замоли да откриеме за каква воена вежба станува збор, оти како што вели, куририте не сакале да му одговорат зошто токму неговото име се наоѓа на долгиот список со машки имиња кои во минатото отслужиле задолжителен воен рок.

    Веднаш поставивме прашање до Министерството за одбрана, но оттаму ни одговорија дека не постои таква активност и дека најверојатно се работи за лажно претставување кое има за цел да предизвика одредени реакции кај граѓаните.

    Долг список со машки имиња

    Само што си дојдов дома од работа, некој тропна на вратата. Тоа беа двајца високи и мускулести мажи, кои ги прочитаа моето име и презиме од некаков список што го држеа во рацете. Не се претставија, не ми покажаа легитимација и не беа облечени во униформа, раскажува 45-годишен скопјанец, кој задолжителниот воен рок го отслужил пред повеќе од две децении.

    – Ми побараа телефонски број и ми рекоа дека ќе ми се јават од Армијата за да ми закажат воена вежба. Ги прашав зошто е потребно такво нешто, бидејќи во изминатите 20 и кусур години никогаш не ме повикале на воена вежба. Не сакаа ништо да ми одговорат. Само ми рекоа дека тие се курири и дека носат абер од Министерството за одбрана. Ги прашав и дали ваквиот повик има некаква поврзаност со конфликтот во Украина, но одговор не добив. Го погледнав списокот што го држеа во рацете и можам да кажам дека броеше над 100 машки имиња. На списокот имаше и еден човек со исто специфично презиме како моето, па куририте ме прашаа дали сме роднини и дали можам да им објаснам каде живее, оти и тој бил „печен“ за воена вежба – раскажува нашиот соговорник.

    Тој вели дека целата оваа работа му изгледа сомнително.

    – Зошто би ме носеле мене на воена вежба? Јас имам 45 години, а задолжителниот воен рок го отслужив пред повеќе од две децении. Дали ова значи дека на земјава ѝ се заканува некаква опасност, па потребна е помош од военоспособното население? Јас им го дадов телефонскиот број, па баш ме интересира дали ќе ми се јават – рече нашиот соговорник.

    Ќе пријавиме во полиција!

    Добиените информации од ваши читатели за повикување на воена вежба категорично ги отфрламе како невистинити. Таква активност не постои, велат од Министерството за одбрана.

    „Согласно законските и подзаконски одредби кои ги регулираат прашањата од доменот на одбраната ве информираме дека Армијата на Република Северна Македонија како целосно професионален состав, сите вежбовни активности, било да се од национален или од меѓународен карактер, ги изведуваат составите и припадниците на Армијата од активниот професионален состав и истите се планираат на годишно ниво, преку долг планирачки процес. За сите вежби јавноста се известува благовремено“, информира Министерството за одбрана.

    Оттаму се сомневаат дека се работи за конструирана активност и лажно претставување.

    „Врз основа на тврдењата на вашите читатели, постои можност за конструирана активност која преку лажно претставување во име на армиски припадници има за цел да предизвика одредени реакции кај граѓаните за што од страна на читателите треба да бидат преземени конкретни чекори за известување на Министерството за внатрешни работи (МВР), нешто што ќе биде сторено и од наша страна“, велат од Министерството за одбрана.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img