More

    Во собраниската Комисија за финансирање и буџет попладнево продолжи расправата за ребаланс на Буџетот за 2022 година

    spot_img

    Во собраниската Комисија за финансирање и буџет попладнево продолжи расправата за ребаланс на Буџетот за 2022 година. Според пратениците од власта, со ребалансот се проектираат повеќе средства од буџетот за поддршка на стандардот на граѓаните и се поддржува економска активност, а од опозицијата остануваат на ставот дека буџетот е несоодветно димензиониран и се полни единствено на грбот на граѓаните.

    Пратеничката од СДСМ, Лолита Ристова во својата реплика во собраниската Комисија за буџет и финансирање истакна дека и во време на светска економска криза, се инвестира во унапредување на инфраструктурата.

    Таа додаде дека се инвестира и во канализациски и водоводни системи, како и во изградба на социјални станови, односно дека во овие четири години изградени или во фаза на изградба се 853 социјални станови во десетина општини и дека и тоа се важни капитални инвестиции.

    Според пратеничката Марија Георгиевска од СДСМ, влијанието на ценовните притисоци врз домаќинствата ќе бидат неутрализирани преку зголемување на минимална плата и зголемување на пензиите.

    Таа напомена дека проектираната годишна стапка на инфлацијата се очекува да биде 7,2 проценти, а како што рече, се очекува цените во втората половина на годината постепено да почнат да се стабилизираат.

    – Проекциите на Влада се дека економскиот раст на среден рок ќе се забрзува, а се очекува и пораст на извоз на среден рок, нешто помала би била стапката на раст на увозот. На среден рок се проектира да продолжи и раст на платите, а стапката на невработеност ќе продолжи да се намалува со проекција од 14,5 проценти за тековна година, додаде Георгиевска.

    Таа рече дека се планирани голем број на капитални проекти во делот на здравството и детската грижа, што ќе значи економски раст за државата. Фокусот, како што рече, ќе биде ставен на финансирање од меѓународните пазари.

    Како што додаде, проектирани се повеќе средства од буџетот за поддршка на стандардот на граѓаните, а се поддржува потрошувачка и економска активност. Напомена дека се очекува економска стабилизација веќе при крајот на оваа година или на почетокот на наредната година.

    Според пратениците од владејачкото мнозинство, капиталните инвестиции остануваат на рекордно ниво, повисоко во однос на минатата година.

    Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ребалансот на буџетот се однесува само да се зголеми јавниот долг, и тој се полни повторно на сметка на граѓаните, а единствен кој има бенефит од инфлацијата е Владата.

    Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека основ за донесување на овој ребаланс е само потфрлање во капитални инвестиции и потреба од ново енормно задолжување.

    Според опозицијата, секое усвојување на амандманите кои се поднесени од нивна страна ќе значи подобар живот за граѓаните.

    Пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ во својата контрареплика напомена дека постои рекордно намалување на работно способно население во државата поради отселување и поради непријавување како активна работна сила. Како што напомена, постои историски невиден пад на економијата, а само оваа година се затвориле речиси 4.000 компании.

    Пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека во државата постои ценовен шок што не можат да го стигнат граѓаните, а според неа, пораст на БДП нема да биде ниту 3 отсто.

    Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници, гасоводи….

    Во ребалансот на Буџетот предвидени се околу 70 милиони евра за антикризни мерки кои, како што најавуваа владини претставници во изминатиов период, ќе бидат таргетирани кон оние на кои им се најпотребни.

    Седницата на матичната Комисија за финансирање и буџет што го разгледува ребалансот ќе продолжи по пауза од половина час.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img