Не е тајна дека кафето е мал, секојдневен луксуз за повеќето луѓе во светот. Кафето е совршен изговор за дружење со пријателите, го подобрува нашиот фокус, ја храни душата, а мирисот и вкусот се божествени.Научните истражувања покажаа дека дури и самиот мирис на кафе не буди, а радосна вест за обожавателите е дека кафето носи и значителни здравствени придобивки. Кафето е извор на антиоксиданси, а ако го пиете пред вежбање, го подобрува согорувањето на мастите.
Сега, една нова студија покажа дека додавањето само малку млеко со протеини во кафето може уште повеќе да ги зголеми здравствените придобивки, пишува Science Alert.
Истражувачите од Универзитетот во Копенхаген забележале како антиоксидативните полифеноли реагираат со амино киселините, градежните блокови на протеините. Тие откриле дека комбинацијата на полифеноли и амино киселини носи двојно поголем ефект во борбата против клеточното воспаление во споредба со полифенолите само.
Полифенолите се наоѓаат во многу храна, вклучувајќи кафе и чај, овошје и зеленчук, црвено вино и пиво. Како и другите антиоксиданси, некои полифеноли, покажуваат претходните студии, може да ја спречат или забават оксидацијата на здравите хемикалии и да го заштитат нашето тело од болести.
Се верува дека тоа го прават со контролирање на воспалението, сложените реакции на имунолошкиот систем. Воспалението помага во борбата против инфекциите, но доколку не се контролира правилно, може да предизвика дијабетес тип II, Алцхајмерова или Паркинсонова болест.
Авторите на новата студија успешно покажаа дека полифенолите се врзуваат за протеините во кафето со млекото.
„Нашиот резултат покажува дека реакцијата помеѓу полифенолите и протеините се одвива и во некои од пијалоците што ги проучувавме. Реакцијата всушност се случува толку брзо што е тешко да се избегне во сите намирници што ги проучувавме досега“, вели научникот и коавтор на студијата, Маријана Нисен Лунд.
„Интересно е што сега видовме антиинфламаторно дејство во експериментите со клетките. Се разбира, сега сакаме уште повеќе да разбереме кои се општите здравствени придобивки. Следниот чекор ќе биде проучување на овој ефект кај животните“, вели имунологот и автор Ендрју Вилијамс.
Потребни се повеќе истражувања за научниците да разберат што значат овие резултати за здравјето на луѓето во пракса. Оваа студија само погледна како еден тип на имунолошки медијатори реагира на хемиски соединенија во лабораториски услови.
„Нашите резултати може да се користат како важна референтна точка за понатамошни истражувања за да се открие како да се регулираат различни метаболички, невролошки или имунолошки заболувања“, заклучуваат истражувачите.