More

    Жално е да произведуваме струја на плодно земјиште

    spot_img

    Владата за стратешките инвестиции ќе го пренаменува најплодното земјоделско земјиште за изградба на хидроцентрали, термоелектрани, нуклеарни електрани, ветерници, концентрациони сончеви електрани, електрани од биогориво и за површински соларни и фотоволтаични електрани. За таа цел, предложи измени на Законот за земјоделско земјиште, според кои и површините од прва до четврта категорија и пасиштата трајно ќе се пренаменуваат во градежно земјиште за стратешки проекти од енергетиката. Измените деновиве се објавени на националниот систем на прописи, ЕНЕР.

    Земјоделците се против ваквото решение, бидејќи велат политиката што се води во земјоделството се темели на зголемено производство и намалување на увозот на храна, а тоа може да се направи само на плодно земјиште. Според нив, жално е вакво земјиште да се користи за градење, наместо на него да се произведува храна. И за експертите не е логично ваквото пренаменување на плодно земјоделско земјиште, во услови кога најголемиот дел од површината на земјава е планински предел, кој е погоден за изградба на каков било енергетски капацитет.

    Според предложените измени на членот 51 на Законот за земјоделско земјиште, пренамената на плодното земјиште во градежно треба да биде исклучок, кој ќе биде одобрен од Министерството за земјоделство и по исцрпување на површините од послаба категорија на земјиште.

    „По исклучок на овој член, земјоделското земјиште од I до IV катастарска класа може да биде предмет на пренамена доколку урбанистичкиот проект е за планирање на градби за кои со закон е уреден стратешки интерес и пренамената се врши со донесувањето на законот со кој е уреден стратешки интерес“, се наведува во измените.

    Во истиот член се менува уште еден став со што се дозволува пренамена на земјиште под пасиште.

    „Земјоделското земјиште под култура пасиште може да се пренамени во градежно во постапка пропишана со Законот за урбанистичко планирање или да се користи за неземјоделски цели согласно со членот 51 од овој закон“, се наведува во предложените измени.

    Постапката за пренамена на земјоделско земјиште е предвидена во членот 48 од Законот за земјоделско земјиште, кој предвидува земјоделско земјиште да може да се пренамени во градежно земјиште. Законот се предвидува да се надомести штетата на земјоделците кои претходно ја имале во закуп земјоделската површина која се пренаменува во градежна.

    Земјоделските здруженија се против узурпација на плодната почва наменета за производство на храна.

    – Не поддржуваме предлог со кој плодно земјиште ќе се пренамени во градежно, посебно од прва до четврта категорија. Прво е жално тоа земјиште да остане необработено, а да увезуваме храна. Второ нашата земјоделска политика се темели на зголемување на производството на храна. Овие категории на земјиште се најплодни и на нив многу лесно може да се добијат повисоки приходи на културите кои се одгледуваат со пониски трошоци за ѓубрива – вели Петре Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.

    Професорот Ристо Цицонков вели дека ваквиот предлог на владата е нелогичен од повеќе причини.

    – Прво зошто да се зема плодна почва за енергетски капацитети кога знаеме дека 70% од површините во земјава е планински предел, а 30 отсто низини на кои само дел е плодна почва. Второ, стратешките инвеститори во енергетиката главно се странски, тие даваат минимални суми за закуп на земјиштето, а потоа произведената струја ја извезуваат или ако ја продаваат во земјата, ја продаваат за пазарна цена. Тогаш, каква корист има државата од ова? Или, се најавува изградба на фотоволтаична централа на најплодната почва, со објаснување дека таму ќе се произведуваат земјоделски култури што е постапка во фаза на експеримент. Наспроти ова, стануваме сѐ поголем увозник на храна, наместо да ја искористиме и онаа малку почва која е плодна за производство – вели Цицонков.

    Владата и лани предложи измени на Законот за земјоделско земјиште, со кои фотоволтаичните централи се овозможуваше да се градат на неплодно земјиште, но и тогаш реагираа земјоделците и експертите.

    ОБРАБОТЛИВАТА ЗЕМЈОДЕЛСКА ПОВРШИНА СЕ НАМАЛУВА, ВЕЛИ СТАТИСТИКАТА

    Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2022 година, се регистрирани 514.436 хектари обработлива површина, која во споредба со 2021 година е намалена за 0,4%. Кај обработливата површина, лани, намалување е забележано кај сите категории.

    Од вкупната обработлива површина под ораници и бавчи лани биле 415.648 хектари, под овоштарници 16.852 хектари. Лозја имало на 23.425 хектари, додека ливади биле 58,511 хектари, а 741.698 хектари биле пасишта.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img