More

    Тутунарите се незадоволни и со 20 отсто повисоката откупна цена

    spot_img

    Почна откупот на тутунот од годинашната реколта. Четири откупни компании од 10-те регистрирани во земјава ги отворија пунктовите.

    Годинашната реколта е договорена на над 25 000 тони, но се очекува да биде помала, иако е поголема од ланската и е поквалитетна.

    Тутунарите се на вагите и велат дека проценката е реална, но цените не ги покриваат трошоците и покрај тоа што се за 20 отсто зголемени.

    – Денеска предадов 230 килограми тутун, од сите берби. Задоволен сум од проценката, но не сум задоволен од откупната цена по класи. Според трошоците, вложениот труд и знаењето, просекот не треба да биде под 400 денари за килограм. Намалени се количествата тутун годинава. Главно, тоа е поради цената, за младите не е исплатливо да го работат, аргати се пензионери и доколку не се подобри цената, ќе продолжи трендот на намалување на производството, изјави Звонко Ристески, производител од Прилеп.

    Сејбие Салиоска, тутунопроизводител од Прилеп, има четири декари тутун со род од околу 800 килограми.

    -За проценка донесовме 40 картони со тутун. Добро е, нема проблем, добро поминува прва и втора класа – рече Салиоска која ги предава количините во градскиот откупен пункт во прилепскиот Тутунски комбинат.

    И Миле Спиркоски, производител од Прилеп, нема забелешка на проценката.

    – Имам насадено 2,5 декари, еве првиот тутун на проценката добро помина, во втора класа – истакна Спиркоски.

    Директорот на прилепскиот Тутунски комбинат, Кире Станкоски нагласува дека Комбинатот е подготвен да ги преземе сите договорени количини тутун и веднаш да ги плати. Отворени се 20 пунктови во градот и населените места.

    -Тутунскиот комбинат е целосно подготвен за почетокот на откупот. Почнуваме на сите пунктови во градот и во населените места. Вкупно се отворени 20 откупни пунктови со 28 ваги. Имаме околу 4 000 кооперанти. Очекувам добра реколта. Исплатата ќе биде како и изминатите години, веднаш по преземените количества. Бевме предводници на зголемувањето на цените по класи, оваа година го извлековме максимумот, се надевам за догодина ќе се стабилизира економската ситуација, а со тоа и цените на тутунот – изјави Станкоски.

    Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија смета дека откупувачите брзаат да го преземат родот зашто е помалку и квалитетен. Добро е што се зголемени цените што, реално, колку-толку ќе ги амортизираат трошоците.

    – Компаниите брзаат да го почнат откупот уште во предвремениот рок зашто помалку е род и сакаат да го преземат. Годинава ќе имаме род иако нешто повеќе од лани но околу 19 000 тони. Очекуваме добра проценка на вагите. Сите фирми ги зголемија цените за 20 насто и потпишаа анекси и очекуваме дека годинава добро ќе биде проценет нашиот род. Ако дојде и до повисоки цени, тоа е добро за нас во оваа криза. Реално, и овие цени не се доволни според трошоците. Но малку од малку ќе се ублажат трошоците, рече Стомнароски.

    По класи, зголемувањето е: за прва од 280 на 300 денари за килограм, за втора од 200 на 240, за трета од 150 на 180 денари и за четврта од 85 на 100 денари за килограм тутун.

    Сојузот очекува до петок да се отворат сите 223 ваги, а повереници има на сите ваги. Инспекторатот, пак, смета дека ќе помине повеќе време.

    Според директорот на Државниот земјоделски инспекторат Јане Станкоски, од 10-те регистрирани откупувачи, осум ги исполниле критериумите за почеток на откупот.

    – Во земјава се 10 регистрирани откупувачи. Динамиката на откупот до инспекторатот ја доставија осум од десетте регистрирани откупувачи. Направени се инспекциските надзори, ги исполнуваат условите. Со откуп почнаа четири компании, вчера „Сокотаб”, денеска уште три компании. Не очекуваме проблеми во текот на откупната кампања и се надеваме на добар откуп. Постојано сме на терен во сите региони и секаде е истакнат бројот на инспекторатот и за секој случај сме подготвени да реагираме – изјави Јане Станкоски.

    Крајниот рок да почне откупот на тутунот е 15 декември.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img