More

    Сончеви централи ќе се поставуваат само на необработливо земјоделско земјиште и на површини од 10 и повеќе хектари

    spot_img

    Сончеви централи ќе се поставуваат само на необработливо земјоделско земјиште и на површини од 10 и повеќе хектари. Владата ги менува условите под кои земјоделско земјиштето може да се пренамени во градежно, на кое ќе се поставуваат фотонапонски централи и ќе се градат други стопански објекти, откако земјоделци и експерти реагираа дека обработлива земја се узурпира за поставување фотоволтаици.

    Нацрт-измените на законот за земјоделско земјиште се објавени на националниот регистар на прописи ЕНЕР.

    Според предложените измени и приватно земјиште кое не се обработува државата ќе може под одредени услови да го даде под закуп за поставување сончеви електрани.

    Експерти, сепак, предупредуваат да се внимава во овие категории на земјиште кое е наменето за поставување сончеви централи дали спаѓаат и пасиштата за да не се доведеме како земја која инсистирајќи на сопствена енергија ја губи трката за обезбедување храна.

    Со новите измени на законот сончеви централи ќе може да се поставуваат на земјиште класифицирано од петта до осма класа без разлика дали тоа е во државна или приватна сопственост. Приватните парцели кои не се обработуваат Министерството за земјоделство ќе ги евидентира и ќе ги дава под наем, а закупнината ќе ја делат сопственикот и државата во сооднос 80 наспрема 20 отсто. За да може да го даде под закуп приватното земјиште Министерството за земјоделство ќе треба да поседува изјава на сопственикот во која тој информира дека 2 години не го обработувал земјиштето.

    Министерството за земјоделство за потребите на инвеститорите во сончеви централи и други објекти по донесувањето на овие измени на законот ќе може да пренаменат и дадат под закуп земјиште со површина од 10 хектари. Досега се даваа под закуп парцели од 3 хектари. Во Законот се направени измени и во однос на барањето одобренија за градба за кои мислење дава Министерството за земјоделство.

    Експерти велат дека е добро што навреме се корегираме бидејќи постои голем интерес за вложување во сончеви централи. Тие предупредуваат да не се случи дел од таа необработлива земјоделска површина, која е наменета за пасишта, да заврши како градежно земјиште на кое ќе никнат фотоволтаици.

    – Ова значи дека сме увиделе дека досега што сме правеле сме грешеле и сега сакаме да поправиме нешто. Но е добро, секако да се променат работите, бидејќи досега имавме состојба кога за мали пари се пренаменуваше земјоделско земјиште во градежно и се даваше за изградба на фотоволтаици. Тука треба стриктно да се почитува законот и да се врши контрола. Тоа е потребно за да не го уништиме земјоделството и сточарството во напливот на вложувањето во енергетски капацитети. Мораме да мислиме дека покрај енергетската независност ни е потребна и независност од увоз на храна. Не знам дали во овие категории на необработливо земјиште спаѓаат и пасиштата, но ако е така тогаш треба да се внимава при давањето на дозволите за градба да не го загубиме сточарството – вели професорот Константин Димитров.

    Според него, кај нас не отсуствува законско регулирање на проблемите, туку главно е проблем нивното спроведување и контрола.

    – Законските измени ќе се донесат, но потребно е тие да се почитуваат докрај и да се контролира како тие се спроведуваат, да не се дозволат состојби како сегашните кога плодно земјиште завршуваше како градежно, за да се обезбеди некој да инвестира – вели тој.

    И Маријан Ненов од невладината „Но пасаран“ вели дека многу е значајно при пренамената на земјиштето да не се дозволат малверзации со квалитетот на почвата на земјоделските површини кои се планираат за поставување фотоволтаици.

    – Приоритет во овој случај мора да е производството на храна, а потоа вложувањето во производство на струја. Но, кога веќе сакаме да градиме сончеви централи треба да обезбедиме да нема малверзации и деградирање на земјоделското земјиште со цел да се овозможи некој да вложува во фотоволтаици онаму каде што сака на сметка на тоа таа земјоделска површина да се користи за производство на храна. Државата мора да обезбеди механизам на контрола на квалитетот на земјиштето кое се сака да се пренамени во земјиште за вакви објекти и да биде доследна дека квалитетното земјоделско земјиште нема да се пренамени во градежно или за поставување фотоволтаици. Досега имавме многу малверзации со пренамената на земјиштето и тоа треба да ни биде поука и во овој случај да не се дозволи такво нешто – вели Ненов.

    Земјоделците остануваат на барањето квалитетно земјиште и пасишта да не се даваат за поставување фотоволтаици.

    До донесувањето на законските измени престои уште јавна расправа и забелешки, по што како предлог – измени ќе стасаат во собранието каде што пратениците ќе го имаат последниот збор дали вакви измени на Законот за земјоделско земјиште ќе поминат.

    Што ви треба за да поставите фотоволтаици?

    Фирмите и поединците кои ќе вложуваат во сончеви централи или други стопански објекти ќе треба, заедно со барањето за издавање на одобрение за градба, да достават уверение за државјанство за физичко лице, односно извод од централен регистар за правно лице, доказ за сопственост или договор за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост или договор за користење на пасиште во државна сопственост, копија од катастарски план за катастарската парцела на која треба да се гради, основен проект за објектот на кој е извршена ревизија, согласност од Министерството за градење на објектот на кој е извршена ревизија, доказ за решени имотно-правни работи доколку со основниот проект се предвидува поставување на придружни објекти на фотонапонски панели (подземни и надземни електрични водови и помошни инсталации) на земјоделско земјиште кое не е предмет на договорот за закуп или кое не е во сопственост на инвеститорот (само за изградба на фотонапонски панели), геодетски елаборат изработен од страна на трговец поединец-овластен геодет или трговско друштво за геодетски работи, со кој се определени катастарските податоци со точни мери и граници на земјоделското земјиште на кое се предвидува изградбата на фотонапонски панели (само за изградба на фотонапонски панели) и овластување издадено од надлежен орган, доколку согласно прописите за енергетика е предвидено овластување за изградба на фотонапонски панели (само за изградба на фотонапонски панели).

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img