More

    Откажувањето на еврообврзницата го шокираше финансискиот свет

    spot_img

    Што ќе се случува со новата еврообврзница од 600 милиони евра за која владата ја запре постапката за издавање до избор на нов министер за правда ќе се види на денот на одржување на новата аукција кога инвеститорите ќе го кажат последниот збор. Но, експертите и поранешни министри во владата се со поделено мислење околу тоа колкава ќе биде цената на ова одолговлекување на постапката.

    Правни експерти, пак, тврдат дека постапката околу издавањето на еврообврзницата немаше потреба да запре и земјава да се најде во непријатна состојба пред инвеститорите, бидејќи, ако за министерот за правда е констатирана оставката од Собранието, тогаш владата требаше да определи друго лице кое ќе го потпише мислењето наместо министерот. Такво лице може да биде заменик- министерот или друго лице определено од владата.

    Владата не требало да ја запре постапката 

    Министерството за финансии вчера соопшти дека ja запрело постапката за издавање еврообврзница поради тоа што министерот за правда на заминување Никола Тупанчевски одбил да стави потпис. Оттаму информираа дека целосната постапка за издавање на еврообврзницата ќе биде извршена по спроведување на административните процедури, кои подразбираат и мислење од новиот министер за правда.

    „Веднаш по изборот на новиот министер за правда ќе се одржи нова аукција. За ова банките-агенти што посредуваа при издавањето на еврообврзницата ќе ги информираат инвеститорите, кои при минатата аукција имаа 2,5 пати поголем интерес во однос на понудената сума, како резултат на довербата во добрите економски политики“, соопштија од МФ.

    Оттаму појаснија и дека согласно процедурата за избор на нови министри во Владата, Собранието на 13 февруари 2023 година прими оставки од четворица министри, меѓу кои и министерот за правда, кои се прифатени од Собранието.

    „Законски, за издавање на еврообврзницата, потребно е мислење на министерот за правда, кој е меѓу министрите кои поднесоа оставки до Собранието“.

    Голема непријатност за државата

    Професорот Ванчо Узунов вели дека сѐ ќе зависи од денот на аукцијата и какви ќе бидат процените на инвеститорите, што според него не може точно да се предвиди.

    – Постапката за издавањето на еврообврзницата не е завршена, што значи дека таа сè уште не е издадена, но ќе се организира нова аукција. Затоа најфер е да почекаме да се одржи аукцијата и да видиме каква ќе биде каматата, па потоа да коментираме, бидејќи никој не може да погоди како ќе се однесуваат инвеститорите. Да, тие ја имаат предвид состојбата во земјава, но дали таа беше подобра пред некој ден кога беше првата аукција, не. Според тоа, тоа нема да има голема улога кај инвеститорите, но за нив, сепак, е фактор тоа дали на денот на аукцијата ќе има и други опции за вложување, подобри или полоши од нашата. За тоа одлучуваат инвеститорите ден пред одржување на аукцијата, а како ќе одлучат не може да се предвиди, исто и тоа каква ќе биде каматната стапка на понудениот износ од наша страна. Со еден збор не може да се предвиди точно што ќе се случи на тој ден – вели Узунов.

    Тој е согласен дека земјава нема друг избор освен да ја продолжи постапката за издавање еврообврзница бидејќи ѝ е потребна.

    Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии, вели дека може да се очекува повисока каматна стапка на новата аукција на еврообврзницата, бидејќи земјата со несериозноста и со актуелните состојби губи од рејтингот кој го ценат инвеститорите.

    – Што да се каже, премногу настани се случија во овој период, а ова додаде уште една голема непријатност. Еврообврзницата имаше висока камата од 6,25 отсто, а за новата мора да очекуваме уште повисока камата, бидејќи инвеститорите сега веќе се претпазливи во однос на земјава. Власта тоа го знае, но нема што да прави бидејќи отплатата на старите долгови притиска. Целата состојба во земјава е хаотична, а тоа го гледаат и инвеститорите кои во овој случај нема да ја простат оваа несериозност – вели Хајредини.

    Според него, и покрај неповолната положба сега владата нема да може да се повлече од издавање на обврзница бидејќи долговите кои треба да ги плати се високи.

    – Владата треба да отплати висок износ на стари долгови не само за издадени еврообврзници, туку и за неисплатени долгови кон домашни инвеститори, општини, јавни претпријатија – вели Хајредини.

    Преседан во финансискиот свет и шок за инвеститорите

    Поранешната вицегувернерка и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Маја Кадиевска-Војновиќ оцени дека однесувањето на земјава во врска со еврообврзницата е преседан во финансискиот свет и шок за инвеститорите.

    – Вчера кога се појави информацијата на овие платформи на кои се тргува, на Блумберг и другите дека е откажана македонската обврзница, тоа беше шок за инвеститорите, зашто ова е преседан којшто се случува. Значи, замислете имаме инвеститори, ја купиле нашата обврзница, сметале дека ќе добијат принос, купон, купонска камата од 6,25, некои од нив може и ја препродале, најверојатно има и секундарно тргување и наеднаш излегува информацијата пу-пу ништо не важи, односно Р. Македонија како суверена држава ја откажува еврообврзницата. Замислете кој потрес е ова, значи ова не се случило, одговорно тврдам дека ваква состојба немала на меѓународните финансиски пазари – вели Кадиевска-Војновиќ.

    Правни експерти, пак, велат дека владата не требаше да ја запре постапката за издавање на еврообврзницата и да се најде во незавидна состојба пред инвеститорите, бидејќи потпис на актот за мислење на правда може да има и од друго лице назначено од владата.

    – Колку што е познато, Собранието сè уште нема акт дека е констатирана оставката на министерот за правда што значи дека министерот сè уште е на функцијата. Но, и ако Собранието донело таков акт, потпис на документот за мислење на министерот за правда за издавањето на еврообврзницата може да стави друго лице кое го овластила владата. Во овој случај може да биде заменик-министерот или сосема друго лице кое го овластила владата – вели правен експерт чие име е познато на редакцијата.

    Покрај дефицитот којшто оваа година е 700 милиони евра годинава земјава треба да отплати стари долгови во износ од 874 милиони евра. Што значи вкупните потреби за финансирање на земјата за годинава се близу 1,6 милијарди евра.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img