More

    Османи открива која е стратегијата во преговорите со Софија

    spot_img

    Нашиот принцип во преговорите со Бугарија е дека ништо не е договорено, додека сѐ не е договорено, рече шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска на брифингот со новинарите.

    – Сѐ додека не се договори сѐ, и не се стави на хартија сѐ, и на тоа се обврзат двете страни по однос на сите тие аспекти и за тоа има одредена меѓународна гаранција, не би кажал што во овој период имаме договорено. Но да, имаме ставови по однос на прашања што сме ги кажале на бугарската страна што би можело да биде прифатливо, а за што не може да се разговара и да биде прифатливо – појасни Османи.

    Тој оценува дека се наоѓаме во посензитивен период во разговорите со Бугарија и дијалогот ќе продолжи на ниво на експерти и на политички групи и дека целта е ова прашање да биде затворено еднаш засекогаш и да не ни се отвора повторно.

    – Португалскиот предлог останува сѐ уште важечкото решение по кое што се разговара. Ние сакаме да го затвориме ова прашање еднаш засекогаш и да не ни се отвора повторно. Ниту сакаме ова прашање да го решаваме во парчиња, туку да имаме еден сеопфатен документ што би бил протокол или декларација, каде ќе се ставаат сите документи важни за сите страни и со кои ќе се заокружи ова прашање. Тоа ни гарантира нам дека нема да има отворање нови прашања или пак ќе има асиметрично исполнување од едната или од другата страна – дециден е Османи.

    Министерот појасни дека согласно Договорот од 2017 постои инструмент Меѓувладина комисија која секоја година потпишува протокол за имплементација на договорот.

    – Тоа е документ што има три дела, веќе е усвоен еден таков протокол и потпишан од комисиите, едниот дел е секторската соработка, другиот дел се политичките, односно плановите за наредната година, и трето е работата на историската комисија. Тоа е согласно договорот, веќе еден протокол е потпишан, ние не успеавме да организираме меѓувладина комисија поради тоа што ескалираше спорот и немавме можност. Меѓутоа, тој документ е во духот на тие протоколи што се усвојуваат меѓу две влади согласно договорот а коишто утврдуваат начин на имплементација на договоорт – рече Османи.

    Тој потсети дека се одржала нова рунда политички разговори на највисоко ниво, во кои повторно биле презентирани ставовите и позициите на двете страни, а во меѓувреме имале и комуникација и координација со европските партнери.

    Во одговор на прашањето дали дел од билатералните теми за кои сега се преговара меѓу Скопје и Софија, би влегле во преговарачката рамка, Османи рече дека за Преговарачката рамка прво одлучува ЕУ бидејќи земјите-членки треба да ја прифатат.

    – Сите 27 треба да кажат да. Има членки кои се многу сензитивни на прашањето на билатерализација на европскиот процес, за внесување на било што во преговарачката рамка. Прво тие треба да ја усогласат и да кажат „да“, за потоа ние да ја прифатиме. Ниту без нив, ниту без нас, не може да се усвои преговарачката рамка. Затоа сега се усогласуваме и билатерално, што би било прифатливо за нас во преговарачката рамка, а што би било за земјите-членки – потенцира Османи.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img