More

    Ковачевски вели дека ќе паѓаат цените на горивата

    spot_img

    На денешната владина седница се усвоени 26 мерки и препораки поделени во две катергории, кои ќе ѝ помогнат на земјата и на стопанството да се справат со најголемата економска криза по Втората светска војна, рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата.

    Според премиерот, првите се мерки и препораки за заштита на животниот стандард на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите, додека втората категорија се мерки за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка.

    – Намалување на основната стапка на ДДВ за основните производи за исхрана од 5 на 0 проценти, основните производи на кои ќе се однесува оваа мерка се лебот, шеќерот, брашно тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко, свежо месо, ориз и јајца.

    – Се намалуваат основните маржи за исхрана. Со оваа мерка се спречува создавање наднормален профит, а ќе се влијае и на ублажување на ценовниот шок врз одбрана категорија прехранбени производи.

    – Се предвидуваат субвенции, односно ваучери за најранливите категории на граѓани од по 1.000 денари за 3 месеци и ќе служат за основни производи за исхрана, а ќе може да ги користат над 35.000 граѓани.

    – Се воведува автономна мерка за увоз на основни прехранбени производи и суровини кои имаат царински давачки од сите земји, односно се укинуваат царинските давачки за увозот на основните прехранбени производи и тоа за сите земји.

    – Се пролонгира примената на повластената даночна стапка од 5 проценти за промет со електрична енергија кон домаќинствата, како и досега со оваа мерка се ублажува ценовниот удар од растечката цена на електричната енергија на светските берзи, а со тоа се штити животниот стандард на граѓаните. Оваа повластена стапка ќе важи до декември 2022 година.

    – Препорака за менување на методологијата за утврдување на цена за домаќинствата и мали потрошувачи кои се на регулираниот пазар за електрична енергија. Нова методологија која ќе обезбеди пониска цена на електричната енергија на домаќинствата, а мерката ќе важи до јули 2022 година.

    – Се продолжува мерката за енергетска сиромаштија, која вклучува субвенции за потрошувачи на енергија за сите домаќинства корисници на електрична енергија.

    – Субвенции на пензионерите од 1.000 денари во следните три месеци, а кои ќе се користат за купување на основните производи.

    – Се продолжува субвенционирањето на цената на електричната енергија за регулираниот пазар за домаќинствата и малите потрошувачи, а со која истите се штитат од значителен пораст на цената на електрична енергија која во моментов е со рекордни цени на светските берзи. Мерката ќе биде активна до јуни 2022 година.

    – Субвенционирање на цената на топлинска енергија за територијата на Град Скопје.

    – Финансирање на проекти за енергетска ефикасност на општините преку користење на поволен кредит од Светска банка спроведен преку Министерството за финансии, а мерката ќе важи до декември 2022 година.

    – Програма за промоција на обновливите извори на енергија во домаќинствата за 2022 година.

    – Препорака за менување на методологијата за усогласување на цените на дериватите врз промената на берзанските цени од неделна на дневна основа. Препораката е цените да се менуваат на дневна основа, барем до периодот додека трае енергетската криза во Европа и со тоа да се избегнат големи ценовни промени од една до друга одлука.

    – Се пролонгира воведување еколошка такса за енергенси.

    – Се намалува стапката на ДДВ од 18 на 10 проценти при промет на енергенстите, дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан и ќе важи до мај оваа година, со намалувањето се заштитува животниот стандард на граѓаните, а од друга страна се зголемува ликвидноста и солвентноста на компаниите.

    – Се намалува акцизата врз основа на берзанските цени, за 1, односно 2, односно 4 денари по литар на безоловниот бензин, на гасното масло и на дизелот, како и за гасното масло за греење во случај средната берзанска цена да биде повисока од 800 долари за тон, но пониска или еднаква на 1.000 долари за тон, односно повисока од 1.000 американски долари за тон, но пониска или еднаква на 1.200 долари за тон. Мерката се предлага со цел ублажување на влијанието на зголемените цени на енергентите на светските берзи и со тоа да се заштити куповната моќ на граѓаните. Мерката ќе има директно влијание на енергентите и тоа од околу 1,2 денари, односно 2,3 денари, односно 4,7 денари, вклучувајќи го ефектот и на намаленото ДДВ, па така дизелот наместо 85,5 би се намалил за 10,5 денари и би изнесувал 75 денари, а пак бензинот наместо 91,5 денари би се намалил на околу 11,5 денари и би изнесувал 80 денари.

    – Ослободување при плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување, а со што ќе се овозможи подобрување на ликвидноста и профитабилноста на компаниите.

    – Препорака од општините да го реорганизираат јавниот превоз да биде подостапен во корист на сите граѓани.

    Во втората категорија е за мерки за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка.

    – Субвенционирање на договорна каматна стапка по кредити дадени од комерцијалните банки на деловни субјекти кои ќе ја реинвестираат добивката за 2021 година.

    – Финансиска поддршка преку директно кредитирање од РБСМ на компаниите.

    – Финансиска поддршка преку комерцијалните банки со бескаматните кредити за обртни средства.

    – Користење на Гарантниот фонд преку Развојната банка, а со која ќе се издаваат гаранции за микро, мали и средни претпријатија и индивидуални гаранции за големи претпријатија.

    – Кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.

    – Нова линија преку за поддршка на стопанството преку ЕИБ за зелена транзиција.

    – Зелено финансирање преку ЕБОР, Програма на Обединетите нации за развој и комерцијалните банки.

    – Препорака од владата за штедење и рационално користење на електричната енергија и енергенсите.

    – Предложивме сеопфатен пакет мерки што се состои од 28 мерки и препораки. Одговорноста на сите политички партии е да го поддржат овој пакет на економски мерки, што тежат 400 милиони евра – рече Ковачевски.

    Тој појасни дека дел од мерките и препораките, особено во делот на акцизата, во делот на ДДВ-то треба да се направат измени во законите за акцизата и за ДДВ, а тие, како што рече, веднаш ќе бидат пратени во Собранието.

    – Сите пратеници, без исклучок од која политичка партија доаѓаат имаат одговорност и обврска пред граѓаните што ги избрале и пред сите граѓаните во државата – рече меѓу другото Ковачевски.

    Премиерот додаде дека ова не се само еднострани мерки, што се однесуваат само на акциза или на ДДВ, туку се однесуваат и на поддршка на граѓаните од најранливите категории, на поддршка на компаниите за задржување на нивната ликвидност и се однесуваат на мерки за зголемување на можноста за енергетска трансформација на компаниите по најповолни услови односно со субвенционирани каматни стапки.

    Премиерот Ковачевски наведе дека се наоѓаме во најголемата економска повоена криза во Европа и истакна дека ова ќе биде тешка година, но дека со добри политики ќе ја премостиме.

    Владата препорачува и штедење и рационално користење на електричната енергија и енергенсите, а дополнително задолжени се државните и јавните институции да предложат сет мерки за рационализација на трошоците по овие основи.

    – Сакам да упатам апел никој да не се обидува да профитира на грбот на граѓаните. Владата го ублажува покачувањето на цените, но мора сите да се однесуваме одговорно, рече Ковачевски.

    Дел од мерките за кои треба законски измени ќе важат веднаш штом бидат изгласани во Собранието. Ковачевски апелираше сите пратеници да се однесуваат одговорно и да дадат поддршка за овие законски измени.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img