More

    Ќе гласаме ли за премиер и за претседател во ист ден?

    spot_img

    Опозицијата бара претседателските и парламентарните избори да се одржат во ист ден, но власта инсистира на одвоени процеси иако временската разлика помеѓу првиот и вториот процес е помала од два месеца.

    Аналитичарите во тоа гледаат замисла на владејачкото мнозинство да добие на рејтинг и гласови доколку опозицијата во меѓувреме гласа за уставните измени, но планот, како што посочуваат, е безуспешен бидејќи засега не постојат никакви најави за да се случи такво нешто.

    – Мислам дека идејата на власта, пред сѐ на СДСМ, беше да ја принуди ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени, а потоа да се одржат претседателски избори на коишто владината коалиција би одела со заеднички кандидат, па поради прифаќањето на уставните измени од ВМРО-ДПМНЕ би се намалила поддршката на оваа опозициска партија. На тој начин власта се надеваше дека ќе победи на претседателските избори и дека таа победа ќе ѝ претставува ветер во грбот за парламентарните избори. Накратко, ако изборите се одржат заедно во ист ден, тогаш ќе се заштедат народни пари и ќе се обезбеди сигурен консензус за вториот круг за избор на претседател – вели универзитетскиот професор Владимир Божиновски.

    Власта се надева дека ќе победи на претседателските избори и дека таа победа ќе ѝ претставува ветер во грбот за парламентарните избори.

    Владимир БожиновскиУниверзитетски професор

    Слично мислење дели и политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, кој објаснува дека државата ќе заштеди многу пари ако се спојат изборите во еден ден.

    – Првата работа е тоа што власта знае дека ќе ѝ се случи политички дебакл на следните избори. Втората работа е тоа што властите очекуваат со помош на албанските граѓани во Македонија да победат на претседателските избори во април, па таа победа да им биде ветер во грб за време на парламентарните избори кои и да избегнат цунами. Факт е дека СДСМ отсекогаш се грижел само за сопствениот интерес и никогаш не се грижел за интересот на Македонија. Наместо да се намалат трошоците и да не ја продолжуваме таа политичка криза и вакуум период во кој сѐ се стопира поради изборите, ние уште сега знаеме дека 2024 година за нас ќе претставува уште една загубена година во секој поглед – изјави Пекевски.

    Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски не попушта и упорно настојува за одвоени избори во редовните термини: претседателски уште во март, а парламентарни може и во јуни в година.

    Предвремени избори за него би биле опција само ако се изгласаат уставните измени. Тоа му го предложил на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на последната лидерска во јуни и предлогот, па и сега порачува дека предлогот „сѐ уште е на маса“.

    Мицкоски, пак, смета дека одржувањето на парламентарни и претседателски избори одвоено во краток период претставува само непотребно трошење на државните пари.

    – Има ли Македонија доволно пари за да влезе во еден бесконечен циклус на избор на претседател којшто континуирано ќе биде неуспешен?! Нема проблем за ВМРО-ДПМНЕ, секако ќе учествуваме и ќе победиме. Но, не сакам да трошиме пари попусто. И пологично е да успеат претседателските избори доколку вториот круг е заедно со парламентарните, ќе има поголема мобилизација. Во спротивно, постои голема можност да имаме неуспешни претседателски избори од многу фактори. Не затоа што ВМРО-ДПМНЕ нема да излезе, немаме ние причина зошто да не излеземе, бидејќи победуваме. Може други партии и етнички заедници да не излезат затоа што немаат интерес да излезат. Имаме ли ние како држава и како општество две години на располагање да зборуваме само за избори? Јас не мислам дека имаме и не мислам дека можеме тоа да си го дозволиме – изјави Мицкоски.

    Одговор на истото прашање денеска повторно побаравме од ВМРО-ДПМНЕ, а оттаму ни соопштија дека една од причините поради којашто Мицкоски инсистира на одржување лидерска средба е токму тоа: да се разговара за спојување на изборите во ист ден, затоа што тоа би било најлогично и најекономично решение.

    – Секој изборен цуиклус чини многу пари и затоа треба изборите да се одржат на ист датум. Ние не треба да трошиме толку пари на избори за да има одвоени избори. Наместо посебни избори во два-три месеци, што е неразумно трошење на парите на граѓаните, претседателските и парламентарните избори треба да има во ист термин. Да не се трошат пари на избори и да не се губи време, парите треба да се трошат за здравство, образование – рече Александар Пандов, претседател на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ.

    И поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски потврди дека не постојат правни пречки да се одржат претседателски и парламентарни избори во ист ден, а исто така рече дека во Македонија таква одлука била носена дури 3 пати во изминатите 33 години.

    „Од прегледот на изборните процеси во Република Македонија во изминативе 33 години може да се забележи дека дури во три наврати (односно во 1994, 2009 и 2014 година) се одржале два изборни процеса истовремено. Отаму, кога станува збор за следните парламентарни и претседателски избори, апсолутно јасно е дека не постојат никакви финансиски, економски и/или безбедносно-политички причини да имаме одвоени претседателски и парламентарни избори, освен поради партиските калкулации на власта“, напиша Вељаноски на Фејсбук.

    Законските норми предвидуваат избор на нов претседател во последните 60 дена од истекот на стариот мандат, а новиот состав на Парламентот се бира на 90 дена пред истекот на постојниот.

    Последен термин за вториот круг од претседателските избори е 5 мај идната година, кога православните христијани го слават Велигден.

    Последниот ден за распуштање на Собранието е 7 април кога треба да почне за функционира техничка влада која треба да ги спроведе изборите.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img