More

    Каква храна јадеме?

    spot_img

    Храна која се расипува веднаш по купувањето бидејќи не се чува на соодветна температура во фрижидерите на маркетите, која има необичен вкус и поразлични својства од она што се очекува и чиј квалитет е сомнителен.

    Граѓаните сѐ почесто се жалат дека како што се зголемува кризата така се намалува квалитетот на храната што ја купуваат во маркетите, но малкумина од нив ги алармираат институциите за оваа појава. Дека на пазарот има и неквалитетна и небезбедна храна покажуваат и податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство, според кои, од почетокот на годинава досега се уништени 82 тони храна од животинско и од неживотинско потекло, а дел од оваа храна имала сомнителен квалитет.

    – Купив кравји кашкавал од компанијата „Бела фарм“ во еден маркет и што да видиш – има вкус на пластика, ужас. Се плашам дека ова е небезбедно за јадење. Мене ми личеше тоа на случај со меланин, хемикалија што ја зголемува масленоста при испитување, а е од хемиско потекло, да не речам пластика. Реагирав во маркетот. Ги вратија парите, го зедоа пакувањето и ми рекоа дека ќе го испитаат производот и ќе ме информираат. Но не добив никакво известување, а кашкавалот уште го има на рафтовите. Не знам што уште има поинаков вкус од она што треба да го има, ама сѐ почесто мислам дека јадеме небезбедна и неквалитетна храна – вели граѓанин.

    Од Агенцијата за храна и ветеринарство потврдуваат дека млечните производи од овој бренд се контролираат во нивната лабораторија.

    – Производите, вклучително и млечните од посочениот бренд од Агенцијата за храна и ветеринарство се предмет на контрола во рамки на редовните и на вонредните контроли, кога се постапува по претставки и во рамки на контролите по мониторинг програмите за безбедност на храната. Покрај програмите за следење на безбедноста на храната, АХВ моментално ја спроведува и Програмата за следење на квалитетот на производите од животинско и од неживотинско потекло, со земање мостри за лабораториско тестирање на производите како што се производи од месо, млеко, од мед и слично – велат од АХВ.

    Скопјанка, пак, се жали дека одредено масло за јадење содржи вода и се сомнева дека има малверзации и со овој производ.

    – Како поинаку да објаснам. Прска на секоја страна кога на сува тава го ставаш за да испржиш нешто. Кога го употребуваш за друга намена треба да истуриш половина шише за да ја добиеш потребната масленост. Се сомневам дека има вода ставено – вели таа.

    Таа се сомнева и во квалитетот на производите што маркетите ги продаваат како свои.

    – Има многу вакви производи, од масло за јадење, млеко до кафе и грицки. Поевтини се од другите и сите ги купуваме, но никој не знае каков е нивниот квалитет и дали некој го контролира сето ова – вели таа.

    Пред некое време граѓани реагираа и дека се затруле откако јаделе замрзната риба и се сомневаат дека таа не била чувана на соодветна температура во фрижидерот во маркетот.

    – Кога ќе го отвориш фрижидерот, те удира реа. Значи, температурата не е соодветна. И со млечните производи е слично. Мислам дека штедат струја со неколку степени потопли фрижидери – изјави тогаш граѓанин.

    Од Организацијата на потрошувачи советуваат граѓаните да ги пријавуваат забележаните неправилности во продажбата на прехранбени производи за да можат институциите да реагираат. Предупредуваат да се читаат декларациите за составот на производите и ако има отстапувања од напишаното тоа да го пријават.

    Агенцијата за храна и ветеринарство која е одговорна за безбедноста на храната тврди дека редовно вршат контрола на безбедноста и квалитетот на храната која се нуди на пазарот и ги уништува небезбедните и неквалитетните количини. Таа реагира и по претставки на граѓаните.

    Од АХВ додаваат дека самите оператори имаат обврска да го проверат квалитетот на производите, ако се сомневаат во безбедноста и во квалитетот. Тие имаат обврска и да прават планирани проверки на квалитетот на производите што го нудат.

    – Во однос на квалитетот, сите производи мора да бидат усогласени со стандардите кои се дефинирани во подзаконските акти за конкретни производи (месо, млеко, јајца и други). За производите за кои параметрите за квалитетот не се дефинирани со правилници важат законските одредби за безбедност на храната кои во одреден дел се однесуваат и на квалитетот на производите. Согласно Законот, самите оператори имаат обврска да имаат воспоставено план за лабораториски тестирања на производите и во поглед на квалитетот и на безбедноста, во прв ред за исполнување на микробиолошките критериуми за безбедност на производите, како и на другите општи и посебни услови за безбедност кои треба задолжително да ги исполнуваат производите – велат од АХВ.

    Оттаму потврдуваат дека законот дозволува под одредени услови и самите трговци да произведуваат храна.

    – Согласно законот за безбедност на храна, операторите со храна може да произведуваат и да ставаат во промет единствено храна која ги исполнува пропишаните барања за квалитет. По исклучок може да се стави во промет храна која не ги исполнува пропишаните барања за квалитет, под услов да не се изменети карактеристичните својства на дадениот тип храна, храната да одговара на пропишаните барања за здравствена исправност и означување и да е соодветно означена за кои отстапувања се однесува тој тип храна – објаснуваат од АХВ.

    Агенцијата за храна и ветеринарство годинава извршила 35.000 контроли по кои уништила 85 тони храна кој не била безбедна за јадење. Дел од таа храна немала соодветен квалитет. Но, немало казни за трговците бидејќи Законот за безбедност на храна не предвидува казни за операторите со храна (маркетите) за продажба на производи со сомнителен квалитет.

    Годинава до АХВ граѓаните поднеле само две претставки со наводи за продажба на производи со сомнителен квалитет, но има претставки кои се однесуваат на безбедноста на храната.

    – Едната е за кроасани без декларација и со сомнителен квалитет и сомнеж во квалитетот на пијалак. Седумнаесет поднесени претставки се со наводи за сомнеж во безбедноста на прехранбени производи (продажба на свежа риба во несоодветни услови, гајби на земја, продажба на производи со поминат рок на употреба (сладолед). Дел од овие претставки се однесуваат на сомнеж во безбедноста на прехранбените производи поради несоодветно чување на храната (несоодветно чување на храна во ладилници исклучени од струја), сомнеж за труење со храна, сомнеж во безбедноста на храната што ја добиваат животни сместени во прифатилиште, непочитување на ХАСАП. Доколку постои сомнеж, се спроведува постапка за докажување или за отфрлање на сомнежот и во поглед на безбедноста и во поглед на квалитетот на производите – додаваат од АХВ.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img